Драма во медиумите на Рамковски

„Се виде дека главна цел е А1 телевизија“, вели главниот и одговорен уредник на А1, Младен Чадиковски

Светлана Унковска


Случувањата со апсењето на сопственикот на А1 телевизија Велија Рамковски, програмскиот директор Анета Кочишки, како и Ѓултен Џемаили, управител на „Плус продукција“, која ги издава „Време“, „Шпиц“ и „Коха е ре“ беа главна тема на програмата на телевизијата и се следеше секој чекор од приведувањето и сослушувањето.

Додека на А1 се емитуваше отворена програма, весникот „Шпиц“ имаше вонредно издание, целосно посветено на настаните и се делеше бесплатно. На насловната страница како ударен текст одеше насловот „Лисици за Велија, јамка за А1“, во која се оценува дека „власта ја остварила својата намера по секоја цена да го уапси бизнисменот Велија Рамковски и повеќе управители на фирми, меѓу кои и директорката на А1“.

И покрај обврските за следење на настаните и информирање, сепак, меѓу новинарите владееше збунетост. Никој не сакаше јавно да зборува за атмосферата и за тоа што се случува во редакциите. Главниот уредник на А1 телевизија, Младен Чадиковски, во изјава за Ројтерс оцени дека целата акција била прекумерна.

„Немаше потреба од толку спектакуларна полициска акција со инволвирање на специјални сили кога Рамковски беше достапен за полицијата во секој момент. Сега главна цел на истрагата е А1 телевизија, но тоа нема да влијае на активностите на телевизијата, независно од ситуацијата која реално е драматична“, изјави Чадиковски.

Главниот уредник на „Шпиц“, Бранко Героски, во изјава за „Утрински весник“ вели дека и покрај тоа што очекуваат технички проблеми со набавки на репроматеријали, сепак, весниците нормално ќе работат и ќе излезат навреме. Со соопштение се јави и Здружението на новинарите, а состојбите во медиумите на „Перо Наков“ б.б. вчера ги следеа и во Советот за радиодифузија.

Апсењето на првите луѓе на медиумите Героски го оцени како „жесток удар врз највлијателниот медиум во Македонија“, но нагласи дека тоа нема да влијае врз нормалното излегување и работење на телевизијата и на весниците.

„Сценариото започна со опсадата на А1 уште на 25 ноември, а сега кулминира и не е пријатно да се работи во такви услови. Но, нема да направиме како прекин на работата, бидејќи наша должност е да информираме за сите настани, вклучително и овој. Се работи за безочна манипулација, бидејќи беше речено дека А1 воопшто не е предмет на инспектирање, туку производството на смоки и сега не знам како воопшто ќе ја одржат оваа приказна“, оценува Героски. Тој како можност наведува дека излегувањето на весниците би можело да биде загрозено од технички причини поради секојдневната потреба од набавки на печатарска хартија и друг материјал.

„Собравме сили и имаме доволно капацитети да ги одржиме медиумите, кои не смеат да бидат колатерална штета на оваа полициска акција која и онака се води под сомнителни околности и на сомнителен начин. Ние сме одлучни и цврсто решени да продолжиме нормално да работиме, бидејќи имаме капацитети за тоа. Ако некој сакал да ги затвори нашите медиуми, тогаш многу се излажал во тоа“, порачува Героски.

Од Здружението на новинарите на Македонија преку соопштение информираа дека со внимание ја следат целата состојба околу апсењето на Рамковски и на уште неколку раководители на фирми.

„Здружението апелира до надлежните органи да одговорат за истрагата, да обезбедат спроведување на законите и на правната држава. Во интерес на слободата на новинарството е овој и слични други случаи да се расчистат. ЗНМ ги повикува институциите да ги овозможат законските услови за непречено дневно функционирање на А1 телевизија и на дневните весници ’Време’, ’Шпиц’ и Коха е Ре“, се наведува во соопштението.

И од Советот за радиодифузија велат дека ги следат настаните и состојбите со овие медиуми, но со голема доза на воздржаност се впуштаат во оцени.

„Ние отпочеток ги следиме случувањата и сакаме да почекаме надлежните институции да се изјаснат каде е проблемот и каква е инволвираноста на медиумите. Сепак, констатираме и дека тие нормално функционираат, бидејќи не смее да има никаква пречка за да продолжат со информирање, што е за нас многу важно. Но, исто така, мора да се забележи и дека не само на А1, туку овие настани ја окупираа програмата и на други национални телевизии, како што се Сител и Канал 5. Не треба да се практикува на ваков начин да се прават такви големи отстапувања од програмската шема, бидејќи тоа оди на штета на граѓаните“, порачува претседателот на СРД, Зоран Стефановски.


#