Мама и тато не знаат дека се изгубив

Седумгодишно кумановче вчера попладне остана само и заборавено пред Универзална сала

Седумгодишно момченце вчера попладне остана да стои само и заборавено пред Универзална сала во Скопје. „Утрински весник“, кој се најде на местото на настанот и разговараше со детенцето, откри дека станува збор за ученик во второ одделение во Основно училиште „Толи Зордумис“ од Куманово, кое со своите соученици допатувало во Скопје за да присуствува на најновото издание на детскиот фестивал „Златно славејче“.

Испаниченото и вознемирено второодделенче со иницијали Д.А. го пронашол случаен минувач, кој веднаш го однел во билетарницата на Универзална сала. „Детето беше малку испаничено. Му реков за ништо да не се грижи, ако треба и јас лично ќе те однесам дома, во Куманово“, ни изјави вработената на билетарницата на Универзална сала, која вчера попладне прва му помогнала на изгубеното дете.

„Влегов во блиската продавница за да купам чипс. Кога излегов, го немаше ни автобусот, ни учителката, ни другарчињата“, ни кажа Д.А., кој во моментот кога го најдовме во испразнетата и речиси темна Универзална сала се' уште го дојадуваше чипсот. Седеше сам во ќоше на едно од столчињата, а во салата беа и луѓе од организацијата, кои ја собираа техничката опрема по завршување на дневните фестивалски претстави.

„Мама и тато не знаат дека се изгубив. Првпат доаѓам на ’Златно славејче‘ и песните многу ми се допаднаа“, ни објасни детенцето додека организаторите на фестивалот се обидуваат да ја лоцираат наставничката од Куманово, која си го заборавила својот ученик во Скопје. Тие не' уверија дека нема место за паника и дека ако не се врати автобусот со ученици, лично ќе го однесат кај неговите родители во Куманово. (К.Ш.)


#