Фељтон

Македонците крем на бугарското општество (2)

Струмичка Штука и' даде премиер на Бугарија

Виктор Цветаноски

Актуелниот бугарски премиер Сергеј Станишев има длабоки македонски корени. Во струмичкото село Штука сите знаат за Станишеви кои во далечната 1936 година заминаа за Бугарија. Интересирањето за судбината на ова семејства кај постарите штукани стана уште поголемо откако синот на Димитар, нивниот другар од детството, застана на чело на извршната власт на бугарската држава. Со Митко, како го што го викаа Димитар, кога биле мали, си играле по калливите улици и заедно ги паселе говедата и овците по околните ливади.

Осумдесет и четиригодишната Стоја Стоилова, чие семејство било многу блиско со Станишеви и кое ја купило нивната куќа откако си заминале, му порачува на бугарскиот премиер да најде начин и време да го посети нивното село, да види каде живеел дедо му и каде се родил и го поминал детството татко му.

„Бев мома кога Јаков, дедото на Сергеј, и брат му Јордан заминаа за Бугарија. Татко беше таму отиден порано, задно со Вано Бакалов. Пред да си заминат, вечерта се собраа сите роднини и пријатели за да им речат со здравје како што е редот во такви прилики, а утредента цело село излезе да ги испрати“, раскажува баба Стоја.

И Ѓорѓи Карачанаков добро се сеќава на заминувањето на Станишеви, кое ќе стане многу познато во Софија. Тогаш бил прво одделение. „Мојата мајка беше од Станишеви, па често одев кај нив. Кога Јаков и Јордан заминаа, со нив си ги зедоа и децата и жените. Се' што можеа натоварија и тргнаа кон граница. На заминувањето сите од малото со нив се изнасликавме. Фотографијата ја чував до пред неколку години, ама некаде ми се загуби“, раскажува Карачанаков, кој неодамна наврши 80 години.



Станишеви се бегалци од кукушкото село Грамадно, подоцна прекрстено од грчките власти во Карпион. И тие, како и многу други егејски семејства, побегнале по големиот терор што го вршеле врз Македонците грчката војска и паравоените формации за време на Балканските војни во 1913 година. Кога пристигнале во Штука, се вселиле во напуштените турски куќи.

„Свекор ми, кој исто така беше бегалец од Кукушко, често раскажуваше какви маки имале додека стасале, а кога стасале, се сместувале кој каде ќе најдел место, во една куќа по пет фамилии“, вели Стоја и ни го покажува местото каде што била куќата во која живеело семејството на бугарскиот премиер. Таа била голема, со простран чардак, а денес од неа останат е само уште еден ѕид кој ја крепи плевната што ја подигнал подоцна новиот стопан.

Штукани со Станишеви и неколкуте други семејства што се иселиле во Бугарија одржувале контакти и по нивното заминување. Кога сопругот на Стоја се разболел во педесеттите години и кога го однела на лекување во Софија, сите дошле да го видат. „Го лекуваа тука во Скопје, но не го излекуваа, па решив чаре да барам во Бугарија. Таму имав золва. Стопанот ми умре млад, па еве триесетина години сум без него. Минатата година во селово ни дојде и еден внук на Вано Бакалов, бил бугарски амбасадор во Белград. Ме прашуваше истово што и вие ме прашувате, каде биле куќите на дедо му и на Станишеви“, додава баба Стоја.


Од куќата на таткото на Сергеј Станишев во Штука останал само еден ѕид, а до него е изградена плевна

Станишеви било мирно, трудољубиво семејство. Никој од нивните не се замерил со никого од селото. Со сите биле добри, секому сакале да му помогнат. Како и сите во Штука, живееле од земјата, одгледувале добиток, чувале овци, саделе тутун.

Штука е село со околу 200 куќи и со 850 жители. Од нив половината потекнуваат од бегалски семејства од Егејска Македонија. Другите се доселени од планинското село Барбарево.

Младиот Димитар Станишев, таткото на Сергеј, откако ќе стаса во Софија, ќе ги искористи сите шанси што ќе му се дадат во новата средина. „Митко ќе учи многу, ќе стане голем“, коментира баба Стоја. Таткото на Сергеј заземал високи раководни места во времето на Тодор Живков. Бил избран и за секретар на Централниот комитет на БКП, кој одговарал за меѓународните врски на партијата. Мајка му, Дина Мухина, долги години била професорка на Факултетот за славјанска филологија.

Актуелниот бугарски премиер е роден во 1966 година во Херсон, Украина. Во Москва има завршено Факултет за историја. Мошне интересна е темата на неговата дипломска работа: „Улогата на униформата за борбениот дух на воените лица на Црвената армија“. На слична, воена тема, докторирал пет години потоа. Специјализирал политички науки во Москва, а завршил меѓународни односи на Лондонската школа за економија и политички науки. До 1996 година, имал советско, односно руско државјанство, кога ќе се откаже од него и ќе стане бугарски државјанин.


Бев мома кога Јаков, дедото на Сергеј, и брат му Јордан си заминаа со децата и жените во Бугарија, вели Стоја Стоилова

За тие што ги знаеја политичките прилики во Бугарија, пред десетина години не беше никакво изненадување кога Георги Прванов по изборот за претседател на државата, за свој наследник во БСП, го предложи младиот Сергеј Станишев, кој тогаш имаше само 34 години. Се чини дека тоа беше вистински потег, зашто само млад, интелигентен и енергичен политичар, каков што беше тој, можеше да ја надополни празнината што остана зад него и да го продолжи курсот на заздравување на бугарската социјалистичка партија, која по познатите настани зимата 1996-1997 година се најде во голема криза. Таквиот потег се покажа мошне исправен. Социјалистите на последните парламентарни избори убедливо победија пред партиите на Симеон Сакскобурготски, на Иван Костов и на Петар Стојанов, а нивниот лидер ја состави новата влада.

Актуелниот бугарски премиер се' уште е ерген. Меѓутоа, петнаесетина години живее со познатата бугарска новинарка Елена Јончева, која се прослави со репортажи од најкризните места во светот. Таа известуваше од Авганистан, Чеченија, Ирак, Косово, Венецуела, Колумбија... Со Станишев се запознале уште во времето на студентските денови во Москва.

Со ергенството на Станишев е поврзана и една шпекулација за време на Самиот на НАТО во Букурешт, што ја измисли бугарскиот весник „24 часа“. Тој тогаш објави дека за време на средбата, американскиот претседател Џорџ Буш му предложил да му стане зет и да се ожени со една од неговите ќерки. Провокативната информација ја пренесоа и најголемите американски весници, а Стејт департментот остро го демантира, тврдејќи дека тоа се измислици на бугарските новинари.

(продолжува)