Пријателска рака на солунскиот граданочалник
Јанис Бутарис сака да ги остави националистичките препукувања за името во минатото
Од нашиот дописник Миркица Поповиќ
Атина - Новиот солунски градоначалник, Јанис Бутарис, во следните пет години ќе се обиде да влијае позитивно на отворање на хоризонтите на солунчани, особено на оние што потпаѓаат под националистички страсти.
„Треба да ги убедиме фанатиците дека туристите и посетителите од нашиот северен сосед не можат само да ни оставаат пари по супермаркетите и хотелите. Зошто толку да ни пречи двојната формула? Големиот предизвик за мене е да ги зближам двете срца на Солун, и она со либерални и тоа со понационалистички ставови. Ако успеам, тоа ќе биде крај на едно важно поглавје“, изјави Бутарис во интервју за весникот „Етнос“.
Во разговор за солунскиот весник „Македонија“, Бутарис тврди дека негова цел ќе биде да се обиде да направи промени во менталитетот на солунчани. „Треба да престане фанатизмот од типот ’Македонија е грчка‘. Кој има приговор дека Македонија е грчка? Особено јас бидејќи сум Влав!“, забележува новиот солунски градоначалник, објаснувајќи дека неговото семејство има потекло од Крушево и од Леринско.
Бутарис е првиот градоначалник од левицата по 24 години десничарски градоначалници во Солун. Важи за успешен бизнисмен и филантроп, но и личност со полиберални ставови во врска со голем број контроверзни прашања за дел од поконзервативните жители на Солун, како што е прашањето за името, несогласувањата со Турција околу самата историја на Солун, отвореноста за бракови меѓу хомосексуалците, религиозноста и неговиот спор со солунскиот митрополит Антимос.
Бутарис, во интервјуто за „Етнос“, забележува дека само националистите се сомневаат во неговиот патриотизам и љубов за државата. „За мене патриотизмот не значи дека треба цело време да мавтам со грчкото знаме“, истакнува новиот градоначалник.
За разлика од досегашните градоначалници, кои својата работа ја започнуваа со благослов од митрополитот Антимос, Бутарис поради поотворените ставови уште од изборната кампања е во лоши односи со митрополитот, кој дури и му испрати отворена закана дека никогаш нема да дозволи да стане градоначалник. Сепак, Бутарис не обрнува големо внимание на заканите и отворената контра од страна на митрополитот, забележувајќи дека не сака мешање на Црквата во неговата работа како градоначалник. |