Уште една популистичка лекција на Груевски

Дали премиерот повеќе храбри или обесхрабрува со настапите во коишто се напаѓа на сите страни

Билјана Јовановска

Пораките искажани од премиерот Никола Груевски на 19-годишнината на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ се обесхрабрувачки и сериозно загрижуваат, е ставот што вчера го слушнавме од голем број соговорници. Иако сите реакции не можат да се преточат во еден текст, ќе ги пренесеме само оние на аналитичарите на нашето политичко секојдневје. Пренагласените самофалби на активностите на владејачката партија од една страна, како и премногу честото спомнување на лидерот на опозициската СДСМ, па дури и сопственикот на телевизијата А1, еден познат комуниколог, ги оцени како најобичен уличен муабет „политичка плуканица, а не комуникација“ со која ја трујат јавноста.

Сепак, според аналитичарот Сашо Орданоски, највпечатлива е, како што вели, „лекцијата за храброст која Груевски така решително им ја одржа на Европејците и им стави јасно на знаење дека доколку некогаш посакаат да ја видат Македонија како членка на ЕУ во овој или во наредниот век, ќе мора да го променат својот кукавички однос кон Грција и кон клучните принципи за соработка во самата ЕУ. Со други зборови, Македонија нема да ја зачлени во ЕУ се' додека сите премиери и претседатели на европските земји не дојдат на Конвенцијата на млади сили на ВМРО да му се извинат лично на Груевски и на коленици да го замолат да станеме членки на ЕУ“. Таквата евроинтегративна политика треба апсолутно да се поддржи како единствена исправна насока за просперитетната иднина на Македонија.

Секој што не се согласува со овој став треба да се протера во некоја од земјите-членки на ЕУ, забележува Орданоски.

Кога ќе се споредат статистичките податоци за падот на рејтингот на ВМРО и на самиот Груевски и сето тоа се стави во комбинација со стравот и фиксацијата што ја имаат од Бранко Црвенковски, за нашиот соговорник, не е чудо што на ВМРО-ДПМНЕ единствениот политички приоритет им е на следните избори да не изгубат од шефот на СДСМ. Нема повеќе ни програма во 100 чекори, ни осум милијарди евра странски инвестиции, ни реформи на образованието, судството и здравството, туку само параноидната ноќна мора на Груевски оличена во ликот на Црвенковски. За Орданоски тоа значи дека „Македонија ќе продолжи да тоне во сите области од домашната и од надворешната политика, како резултат на паранојата со која е преокупиран македонскиот премиер“.

Во однос на спомнувањето на сопственикот на А1 телевизијата, кој на Црвенковски, наводно, ќе му помогнел да се врати на власт, ставот на Орданоски е, исто така, дециден: „Груевски потроши десетици милиони евра на тоа да биде сакан од медиумите и од народот. Кога повеќето од медиумите и мнозинството оценуваат дека неговата политика секојдневно ги прави се' понесреќни и се' посиромашни, премиерот реши дека треба и поименично да ги прозива сите оние што не го поддржуваат. На крајот, најголемиот список несомнено ќе се испостави на денот на изборите“.

Размислувањата на Јован Донев, пак, апсолутно се спротивни. За него, на пример, таквото обраќање пред членството на партијата е јасно и разбирливо, но, како што вели, нормално е дека како премиер Груевски не можел да избега и од поголеми општествени прашања што ја интересираат јавноста. „По последната анкета на ’Дневник‘ во која над половина од испитаниците се изјасниле за прекин на преговорите со Грција за името на државата, сосема е нормално да го изјави тоа што некои ги изненади. Секој политичар мора да ги следи желбите на граѓаните, бидејќи, во спротивно, ќе го загуби рејтингот“, цени Донев.

За Мерсел Биљали, тврдењето на Никола Груевски дека нема сила што може да не' натера да го смениме името на државата е крајно неодговорно. „Тоа обично го прават тоталитарни водачи и сите такви настапи, без исклучок, завршуваат трагично за сите. Нема популист што завршил добро. Со тоа на цел свет му отвораме фронт и ја потврдуваме констатацијата на видни европски политичари од Унијата дека на Груевски не му е ниту до ЕУ ниту до НАТО. Се плашам, а и сите граѓаните треба да се плашат од таквиот настап зашто ваквиот став ќе не' однесе во опасна катаклизма“, нагласува Биљали.

Воедно, нагласува дека кај македонскиот премиер нема индикации дека ќе се откаже од таквата политика, бидејќи името на државата му е единствениот адут за останување на политичката сцена, макар и привремено. Во државата се соочуваме со економски колапс, социјалната состојба е кастатстрофална, имаме лоши меѓуетнички и меѓукултурни односи, разнишани релации со соседите, а исклучително лоша е и политичката клима внатре. Згора на се', сега треба да се додаде и колапсот на евроатланската ориентација на Македонија.


#