Повод
Министерка во несоодветно издание
По бродската несреќа во Охрид, владиниот кабинет, најверојатно, ќе остане да плива во ист состав. Премиерот Никола Груевски мудро молчи за понудената оставка на министерот за транспорт, Миле Јанакиески, а без бранувања ќе помине и Министерството за внатрешни работи. Опозициската СДСМ побара претседателот на Владата и двајцата министри - Јанакиески и Гордана Јанкулоска да демонстрираат одговорност и да си дадат неотповикливи оставки, меѓутоа такво нешто тешко дека ќе се случи.
Наместо повлекување од функцијата, министерката Јанкулоска ја искара најголемата опозициска партија „да не ја политизира загубата на 15 човечки животи“, но иако ги обвини за дилетантизам, манипулации и лаги, и самата, за волја на вистината, дента кога се случи трагедијата не се однесуваше на висината на министерката позиција. Прво, од причини што и' се познати само на неа, шефицата на полицијата им дозволи на медиумите да подместуваат и да снимаат делови од потонатиот брод, меѓу другото, и фамозната сајла која се спомнува како причинител на несреќата, што подоцна ги збесна експертите.
Но, Јанкулоска, која стана препознатлива по строгоста во облекувањето, секогаш со темен костум со пантолони, овој пат, наспроти тоа што во Охрид слета по несреќата, на местото на настанот беше како дојдена од училишна екскурзија. Изгледот и облеката на првата дама на полицијата одеднаш се наметна како придружна тема, зашто јавноста се најде загрижена од тоа каква порака му испративме на светот.
Поточно, на телевизиските снимки во кои Јанкуловска им дава изјави на бројни домашни и странски новинарски екипи, жената која поради функцијата ја тресе полицијата, светот ја виде во несоодветно, непримерно издание - со црвеникаво кошулче и пластична шнола во косата како дава отчет за несреќата. Затоа, не случајно се коментираше: „Зар вака... кога на Македонија и' се случува најголемата бродска несреќа“?! (Б.Ј.) |