Борисов ја искористи трагедијата во Охрид да ја нападне Македонија

Погребани телата на 15 бугарски државјани што ги загубија своите животи во Охридското Eзеро

Тамара Грнчароска

Пет дена по катастрофалната несреќа на бродот „Илинден“, вчера во Бугарија беа погребани телата на 15 бугарски државјани што ги загубија своите животи во Охридското Eзеро. Претходно по извршената идентификација од страна на нивните роднини, во доцните вечерни часови во понеделникот, телата со воен авион беа префрлени од Скопје во Софија, по што им беа предадени на семејствата.

Несреќата која ги потресе двете земји и која, пред се', беше човечка трагедија, сепак, не успеа да остане надвор дневнополитичкото поткусурување и напаѓање. Лош пример на политизација на една ваква трагедија покажа новиот бугарски премиер Бојко Борисов, кој најпрвo ја искористи несреќата за да го нападне бугарскиот претседател Георги Прванов, а еден ден потоа и Македонците.

Борисов, без и најмалку сенс за човечката димензија на она што се случуваше во Охрид, го обвини Прванов, кој по настанот веднаш допатува во Македонија, дека се рашетувал низ Охрид наместо веднаш да ги префрли преживеаните во Бугарија. Прванов, кој во Охрид им се заблагодари на македонските власти и граѓани на брзата реакција по несреќата, со што е избегната уште поголема трагедија и со тоа ги смируваше страстите кои некои медиуми во Бугарија ги подгреаја со шпекулациите дека несреќата е можеби „терористички акт“ и не е случајност и кој побара од бугарската влада одговор на тоа како е можно во една земја-членка на ЕУ да не се знае кој и како организира туристички патувања, од Борисов доби одговор дека ќе се испита одговорноста на бугарските фирми, „но во случајов, целото безобразие е на Македонците“.

Борисов во понеделникот во утринска емисија на бугарската телевизија БТВ телефонски директно се вклучил во емисијата, велејќи дека „какви неправилности и да има во туристичките агенции, во мизеријата во која сакаат да прават бизнис, вината целосно е кај Македонците“. „Кога ќе отидеш, ти предлагаат услуга - дали е коњ, магаре, брод, камила... Тој што ја предлага носи одговорност за тоа. Сега да бараме вина во нашите туристички агенции е погрешно. Во случајот, целиот безобразлак е кај Македонците“, изјавил бугарскиот премиер.

Борисов ја искористи несреќата во Охридското Езеро и за уште еден напад врз Македонија, велејќи дека и по овој случај Македонија е засрамена како и за случајот на Спаска Митрова од Гевгелија. „Виновниците сигурно ќе бидат пронајдени. Знам дека има уапсени, знам дека министри си поднесоа оставки во Македонија. Но, повторно, и по овој случај се засрамени како и за Спаска. Останува да ги следиме работите“, изјави Борисов.


#