„Филип Втори“ ќе ги потроши милионите за спортот
Арената во Скопје треба да биде завршена до 2013 година. Како потоа ќе се одржува никој не знае
Сања Наумовска
Стадионот во Скопје, „Филип Втори“, наместо напролет, ќе биде готов во 2013 година. До крајот на годинава ќе заврши реконструкцијата на јужната трибина и ќе се довршат источната и западната трибина. Со тоа градскиот стадион ќе биде употреблив за натпревари, но ни оддалеку нема да биде готов.
Според проектот, целосната реконструкција и изградба ќе чинат дури 72 милиона евра, во кои не се вкалкулирани парите за проектирањето за кое дополнително се исплатени 10 милиони денари.
Во Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор (ЈПССДП) велат дека се обезбедени парите за довршување на градежните работи предвидени за годинава. Тие тврдат дека на компанијата „Бетон“ и' се исплатувале сите изработени позиции, а кризата не влијаела врз утврдената динамика.
„Досега за сработеното на северната трибина на ’Бетон’ му се исплатени 760 милиони денари, а за источна и за западна околу 200 милиони денари. До крајот на годината треба да се потрошат уште 500 милиони за планираното довршување на трибините“, велат во ЈПССДП.
Сепак, во Јавното претпријатие не прецизираат дали ќе има пари и за наредните три години кога треба да се заврши стадионот, кој, според замислите на Владата, треба да биде фудбалска арена слична на европските модерни стадиони.
Дефинитивно, напуштена е замислата во новиот изглед да се вметнат и скулптури на лавови и на војници со штитови. Идејата се родила за време на проектирањето кога и биле исцртани споменици на сите четири агли на теренот, со висина и до дваесетина метри, како и кордон од војници со штитови на влезот на арената. Сепак, од практични, можеби и од финансиски причини, а можеби и од естетско-политички причини, идејата нема да се реализира.
Иако според првичната замисла требаше да се урне и одново да се изгради само северната трибина, која има капацитет од 10.030 гледачи и за тоа да се потрошат околу 10 милиони евра, сепак, проектот е проширен за уште шеесетина милиони евра.
Така, покрај источната и западната трибина, кои, исто така, се обновуваат од корен, се реконструира и јужната трибина. Исток и запад ќе бидат на три нивоа со капацитет за 5.996 гледачи. На јужната трибина, пак, ќе се заменуваат столчињата и ќе се обновува ентериерот.
Дали во овие пари е пресметана и донацијата од најмалку еден милион евра од УЕФА за јужната трибина, не успеавме да дознаеме.
Во проектот влегува и затворање на фасадата со илуминација, целосна реконструкција на теренот со нов дренажен систем и атлетска патека. Во поттрибинскиот простор ќе има шопинг-центри, хотел за спортисти, медицински центар, теретани, музеј, ресторани, сала на трофеи и друго.
Огромниот проект ќе биде финиширан во 2013 година со изградба на уште еден меѓу двата постојни пешачки мостови на Вардар, кои ќе треба да водат кон катна гаража. По завршувањето на реконструкцијата, арената „Филип Втори“ ќе има капацитет од 33.000 гледачи. На јужната трибина ќе може да се сместат 11.477 навивачи, а 474 ВИП-места се распоредени на 5 нивоа на север. Поттрибинскиот простор е со големина од 22.148 квадратни метри.
Сиот проект е многу амбициозен и чини огромни пари не само за македонски услови. Огромно прашање е колку оваа инвестиција ќе биде исплатлива затоа што дали еднаш или два пати годишно ќе се наполни стадионот. Во меѓувреме, на првенствените фудбалски натпревари ќе доаѓаат илјада до две илјади гледачи, а некогаш и помалку.
Дали ќе беше подобро сите овие пари да се вложеа во спортистите на сите полиња за да можат достојно да не' претставуваат на меѓународните натпревари за да бидеме конкурентни, е исто прашање на кое никој не сака да даде одговор.
Досега јавно не се соопштува колку ќе чини одржувањето на еден ваков објект кога тој нема приход��. За грандиозните замисли секоја година ќе бидат потребни и грандиозни пари. Македонската економија е на колена и клучното прашање е дали моментално на државава и' требаше ваква инвестиција на која после не ќе знаеме што да и' правиме. |