Женски муабети

Љубовта волшебно го движи светот

Олга Костовска, претседателка на бордот на „Еуролинк“

Валентина Тодоровска


Неда, Петар и Алексеј Трифун ја имаат моќта над една совршено организирана Девица, во случајот нивната тетка Олга Костовска, куќата да и' ја кренат на нозе, а таа - ниту да трепне. „Тие ме вртат околу малиот прст“, вели Олга, признавајќи дека нема нешто што не би направила за најдрагите палавковци. Додека зборува за нивните карактери и ги покажува сликите од своите внуци, нашата соговорничка е смекната 100 отсто - едноставно светка, а од лицето не ја трга „предавничката насмевка“. Женските муабети со Олга Костовска, успешна бизнис-жена, ни ја открија и нејзината друга страна. На пример, дека чувството на одговорност никогаш не го става на „стенд-бај“ а во каква било несериозност може и знае да чита карактери, да препознае искреност и да изорганизира - баланс.



За Олга Костовска се знае се', а всушност не се знае ништо. Бидејќи не љубите да зборувате за себе, ќе Ве прашам - Ви пречи ли човечката љубопитност? Или што е за Вас малограѓанштина и колку ја препознавате во однесувањето, намерите...?

- Дрскоста, препотентноста и ароганцијата, за жал, во денешно време се сметаат за доблест, а не за мана. Живееме во време во кое етичките и моралните кодекси не кореспондираат со мојот свет и моите морални норми, што е едноставно незамисливо и недозволиво за денешното општеството. Зар така ќе му парираме на светот? За волја на вистината, се' се сведува на индивидуална перцепција. Знаете како, на некој му е пријатно, на некој непријатно во тој свет, и се' зависи каде припаѓаат и како се перципираат нештата. Тоа е еден склоп на вредности, ако милувате - корпус на однесувањето, кое треба да го усвоиме и приспособиме на менталитетот, а попатно да успееме нашите цивилизациските придобивки да му ги пласираме и наметнеме на светот. Ако не знаеме да се цениме самите, не можеме ниту да очекуваме да го прават тоа другите. И секогаш е двонасочно - цени, вреднувај, прифаќај и почитувај и тогаш имаш за право тоа да го бараш за возврат.



Во тоа „се знае се'“, многу често се спомнува фактот дека финансиите никогаш не Ви биле проблем. Додека другите викаат фоторепортери и новинари за да се овековечи „чинот на давање“, вашите доброволни прилози за децата од СОС Детско село поминуваат без медиумска помпа?

- Точно е дека живееме во ера во која без маркетинг не правите ништо. Прашањето има врска со она што претходно го зборувавме. Мојот етички склоп е резултат на домашното воспитување и јас отсекогаш сум била воспитувана дека треба и морам да помагам онолку колку што можам. Туѓата несреќа и потреба за помош не е алатка за самопромоција! Секој човек во себе носи хумана црта, сите некаде длабоко во себе чуваат и имаат добрина што е составен дел од нашиот ген. Патем, постојат толку многу луѓе на овој свет што помагаат секојдневно. Помагаат оние што не ги забораваат на семафорите децата што бришат стакла, оние што ќе остават по некој денар на подадената рака зад аголот. А разликата е во тоа што јас можеби имам прилика да се појавам во медиум. Токму тука ја повлекувам и линијата. Никогаш не сум си дозволила себеси да ја користам мојата општествена позиција за да правам личен маркетинг. Тоа што помагам е еден дел од мојот карактер и нешто за кое навистина ретко зборувам.



Во графата на Вашите задолженија последната е претседател на одборот на директори на „Еуролинк“. Какви Ви се искуствата и колку оваа функција Ви го збогати карактерот?

- Пред пет години, си поставив еден рок и цели кои со сета своја енергија се обидов да ги исполнам. Навистина е предизвик да застанете на чело на толку одговорна позиција. Денес сум горда на тимот, на вработените и на компанијата. Функционираме како едно семејство во кое секој с�� ја знае работата и се обидува максимално професионално да ја изврши. Кога почнував имавме само 75 вработени, а денес бројката е над 200. И сето тоа е заслуга на тимот професионалци што стои до мене. Ако зборуваме за збогатување на карактерот, јас функционирам многу поинаку сега откако го поминав процесот низ „Еуролинк“. Човек мора да еволуира и да се надградува секојдневно ако сака да биде дел од едно динамично општество, а со самото тоа и успешен. Научив, пред се', да слушам! Ова го велам затоа што сум прилично темпераментна личност по природа. Се скротив самата себеси, научив да не играм од прва и да создавам баланс. Кога сте дел од семејство, не одговарате само за себе, туку и за останатите. А таа одговорност мене ме прави многу посмирена и поумна. Не смеам да си дозволам грешки што би се рефлектирале врз судбината на моите вработени. Стресот во бизнисот, ако знаете да го насочите и да го изменаџирате, може и треба да создаде една ширкогледа личност за која се надевам дека успеав да ја постигнам. Не само заради мојот личен бенефит, туку, пред се', заради бенефитот на компанијата и моите вработени. Еден од моите постулати што ја имаат прифатено и вработените во „Еуролинк“ како бизнис-филозофија е дека не работиме со бројки, туку со луѓе. Едноставно, не смееме да го заборавиме и занемариме хуманиот однос и хуманиот аспект.



Едно време го имавте модниот бренд „Систина“, во периодот од пред десетина години кога и поинаку се живееше во градов, а модата која излегуваше од оваа куќа беше синоним на жени со стил. Ви недостига ли?

- „Систина“ е мојата прва љубов, која никогаш не ја заборавате. Кога и да се спомене „Систина“, ме облева чувство на носталгија, носталгија по едни други времиња, не толку дамнешни колку далечни. Беа тоа времиња на ентузијазам, на зародиш на македонската модна индустрија. Многу поубави и поинакви ... Да, ми недостига многу, а гледам дека не сум единствена.



Велат, за да имаш стил, треба да имаш и ум. Тоа се спомнува и во контекстот врзан за хуморот. Колку надворешното го креира внатрешното?

- Господството се носи на кожа, а не на фустан. Од друга страна, може да ја имате совршена конструкција на тело и да ги носите врвните дизајнерски парчиња на себе, а да го немате сјајот во очите. Е токму тука е балансот помеѓу работите. Модата, стилот и интелектот се меѓусебно комплементарни категории. Кога ќе ги апстрахирате една од друга, добивате клипови на „Јутјуб“, фан-страници на „Фејсбук“ и насловници од жолтиот печат.



Кој е Вашиот отпор спрема грдите работи во општеството? Како си обезбедувате внатрешен мир?

- Не можам да бидам слепа и глува на она што се случува околу мене, па пробувам да бидам прагматичен критичар што сака да внесе позитивна компонента. Што се однесува до мојот мир, го обезбедувам од најинтимниот круг на пријателите и од моето семејство. Тука собирам и давам позитивна енергија, не се штедам ниту во насмевките ниту во делата. Уживам во убави седенки, муабети до доцна во ноќта, во кулинарството, што ми е бегство од сите проблеми. Ама и во добра книга и во чаша добро вино.



Спомнавте кујна, готвење... Овие зимски празници совршено му погодуваат на хедоничарењето. Значи, ќе го има ли традиционалното новогодишно мени кај Вас дома? И како се воздржувате од овој тип декаденција?

- Гурман сум по природа, но сите ние што готвиме знаеме да се заситиме готвејќи, од миризбите и пробувањето. Кога ќе зготвам се', јас сум веќе сита и - другите уживаат во храната, а јас во погледот и констатацијата дека им годи тоа што го правев.



Имам чувство дека патувањата и можноста да запознаете други култури и традиции не го потцени односот кон сопствената, македонската традиција.

- Па, тоа сме ние! Нашата традиција е склоп од нашиот менталитет, ама и од нашата автентичност. Ми се чини никаде во светот таа човечка приврзаност, топлина не е толку силна како кај нас јужњаците. Велигден, Бадник... празници на љубов, поврзување, добрина. Иако секој Бадник се собираме кај моите на вечера, и кај мене дома масата е традиционално поставена и не се крева до утредента. И секоја година, според добра стара навика, околу 16 ч. и' ѕвонам на мајка ми да ја прашам како се правеше бадниковото лепче... Го имам убавото чувство на спокој, на припаѓање, на тихување во душата. И не само јас. Ми се чини тогаш целата добрина кај луѓето испливува на нивните лица... И се' е совршено убаво, како во филм со среќен крај. Ќе спомнам и дека сум човек што ја сака безгранично својата традиција, ама ја почитува и туѓата.



Што значи да си добар?Да си (не)сигурен во себе, да имаш моќ над работите и луѓето, да предизвикуваш такви реакции, или...

- Комплексна категорија е добрината. Пред се', треба да бидеш добар пред себе, да знаеш да го издигнеш тоа на едно повисоко ниво и истото тоа да го рефлектираш кон другите. Да знаеш кога и дали треба да го свртиш другиот образ. Што се однесува на сигурноста, тоа е карактеристика што ја градам цел живот. Не смееме да си дозволиме да бидеме робови на незнаењето, инаетот и суетата. Кога не знаеш - прашај, научи! Така ќе ја имаш информацијата. А кој ја има информацијата, ја има и моќта. Кога ја имаш моќта, имаш средство да предизвикаш реакција.



Многу жени својата моќ и сигурност ја остваруваат преку емотивната врска. На некои тоа им е единствен спас во пронаоѓањето на идентитетот. Може ли да се постигне наполна среќа, ете така, со љубов од својот партнер?

- Успешноста на работа и успешноста во приватниот живот се два сосема различни света. Едниот не може да го надополни другиот и доколку не знаеш да ги избалансираш - нешто ќе се урне. Имам чувство дека денес со сите овие превртени вредности љубовта повеќе не е возвишена сила и се смета за мана или слабост. Кај мене не е така - љубовта е единствената која се' уште ја има моќта да ги мрдне планините. И сеедно каде сте со искачувањето - тоа потценето чувство навистина може да ги осветли и најтемните ќошиња од нашите животи.



Тогаш - каков е тој Господин прекрасен што би можел да Ви ги окупира мислите, желбите и срцето?

- Ха,ха,ха, Господин прекрасен! Ќе и' ги оставам принцовите и принцезите од Дизни на мојата внука, која наредните години ќе сонува за Mr Right. Одамна кај мене Господин прекрасен нема физички и материјални карактеристики. Треба да ја има душата, која ќе успее да ме прегрне мене.



Прегрнувањето, убави мисли... Ме асоцира на сегашниот момент, на Нова година, подарување. Вашите блиски веројатно секоја година се соочуваат со дилема што да и' се купи на Олга, која може да купи се'?

- Го препознавам подарокот со порака, а бидејќи сум креативец, ги сакам нештата направени од љубов. Кој размислува тука за пари? И имаат ли тие пасош до срцето за да купат се'?! Ова не сум го кажала никаде, го чував себично за себе како свет подарок. Многу ме трогна песната што ми ја напиша и ми ја посвети поетесата Светлана Христова-Јоциќ. Со оној нејзин жуборлив глас ми ја прочита со сета нејзина живописност, а мене ми пројдоа морници... Ете тоа сакав да го кажам за парите. Моите пријатели знаат дека чанта или парфем никогаш нема да ме трогнат....



Со какви емоции ја испраќате старата година? Сакате ли да мечтаете за следната?

- Приватно имав мирна година. Од аспектот на бизнисот, не останавме целосно имуни на глобалните кризни текови а тоа повлече и адаптации кои моравме да ги примениме за да се навикнеме на новите услови на пазарот. Предвидувањата за 2011 се во најмала рака песимистички. Она што можам јас да го кажам е дека ќе се обидам да го претворам песимизмот во позитивна вибрација. Не смееме да потклекнеме. Новата година не значи дека нашата мала топка во вселената ќе престане или ќе се врти побргу. Но е еден симболичен начин да ги оставиме лошите моменти зад себе, овој пат да ги направиме работите како што треба и да почнеме одново со насмевка на лицата и верба во поубаво утре. Би сакала да ги искористам овие редови на вашите читатели да им посакам успешна, насмеана, бериќетна и ослободена од тешите бремиња 2011!


#