15.01.2013, 17:55 Мое ќоше
Ороспијата стана невина убавица
Ерол Ризаов
Или како Америка и Европа станаа толку инспиративни за власта и за нејзините апологети
Многу нагло се стишаа нашите евроскептици. Преку ноќ старата вавилонска ороспија, како што ја нарекуваа до вчера Европа, наеднаш стана невина и мудра убавица. Европа деновиве во Македонија како никогаш досега е инспиративна за власта и за нејзините апологети и длабоко разочарување за опозицијата и демократските определени граѓани и критичари на злоупотребите на власта кои во владеењето на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ препознаваат авторитарен режим без демократска контрола.
Немуштиот говор на Брисел и осудата со половина уста за тепањето пратеници на опозицијата во парламентот од страна на тајна полиција, нивното понижувачко исфрлање од пленарната сала со употреба на сила претставува шок и стравотен удар врз носителите и поддржувачите на демократските процеси во земјата. Потресните слики што ги виде цел свет како се влечат пратеници–жени по подот од специјалци официјален Брисел не ги виде, ниту ги слушна вресоците на жените, меѓу кои имаше и бремени. Силните институции на европската Унија за заштита на медиумските слободи се сведоа на срамна коруптивна конјунктура. Одвај бриселските бирократи промрморија нешто неразбирливо и конфузно за бруталното исфрлање на новинарите од нивните работни места во Собранието.
И Америка, која до вчера за експертите поддржувачи на власта беше џандар на светот и главен виновник што е блокирана Македонија со грчкиот ултиматум за промена на името на својот пат кон НАТО, наеднаш стана многу ценета и респектабилна велесила чии пораки треба да се почитуваат и веднаш да се применат во практиката.
На што се должи ваквата нагла промена на западниот ветер, кој почна да дува како сибирски северец. Тие што ги знаат и што подолго ги следат европските салта мортале препознаваат повисоки интереси. Силните критики ќе беа неодминливи и при помали инциденти, особено во делот на човекови права и слободи, задушувањето на комуникацијата со јавноста и независноста на медиумите. За тоа би биле ургентно упатени драматични критики до Владата со конкретни условувања за надминување на состојбите. Отстранување, пак, со употреба на сила на новинари од нивните работни места во парламентот со флагрантно кршење на Уставот на државата, суспендирањето на парламентот и тепањето пратеници од полиција, насилно исфрлање на целата опозиција од пленарната сала на Собранието би бил во Брисел проследен со тревога од прв степен и со директна прилично недипломатска закана за барање одговорност, оставки и разрешувања, што неминовно би водело кон кратење на поддршката на Владата, нејзина изолација и нови предвремени избори. Овој пат од сето тоа нема ништо. Што се случи за ваквата благост на Европа и наклонетост кон режимот на Никола Груевски.
Тешко е да се поверува дека Европа, конечно, по седум години сериозни критики за недостиг од демократски капацитет на власта, откри дека била во заблуда и дека демократијата во Македонија е функционална без посериозни проблеми, а всушност главниот проблем се опозицијата и нејзиниот лидер Бранко Црвенковски. Оваа приказна ја пласираат круговите блиски до власта. Исто така, неверојатна е тезата која се пласира во политичките кулоари дека Никола Груевски добил амин за насилното суспендирање на парламентот што бил принуден да го направил поради долгата буџетска расправа на опозицијата притиснат од роковите за земање поволен заем од банките со цврсти препораки на Светска банка и ММФ во износ од над 200 милиони евра, пари за рилакс на напрегнатиот буџет, што би било пресудно за победа на локалните избори. Доктрина веќе испробана на предвремените парламентарни избори 2011 година. Наводно, тоа Никола Груевски го одработил кај европските моќни десничарски партии да замижат малку поради ќотекот, бидејќи тоа бил единствениот начин што му преостанал да се замолчат опозицијата и јавноста. Се разбира, и двете теории се шпекулативни. А особено е далеку од здравиот разум некаква нагла промена на американската политика кон Македонија.
Па тогаш што е работата за ваквата наклонетост на една ригидна и недемократска политика што ја практикува арогантно власта и која ја донесе Македонија во длабока политичка криза. Одговорот и американски и европски стаса од Брисел во една друга форма: „Се' уште стои препораката на Европската комисија да и' се даде на ПЈР Македонија датум за почеток на преговорите за членство во Унијата“. Брисел ги чека ветувањата во рана фаза за разумен компромис дадени пред Нимиц во врска со името, дотогаш ќе мижи пред сите лоши вести што доаѓаат од Македонија. Потоа ќе видиме.
Да има уште една теза, ама таа е најлоша ако излезе точна. Америка и Европа ако кренале раце од нас.
Кликнете ОВДЕ за повеќе колумни од авторот
|