Од понеделник „Илинденска“ ќе биде затворена за сообраќај

Улицата ќе биде целосно затворена од раскрсницата со „Ленинова“ до „Рузвелтова“

Од понеделник, 19 април, до 1 мај, делот од „Илинденска“ од крстосницата со улица „Ленинова“ до улицата „Рузвелтова“ кај Зоолошката градина ќе биде целосно затворен за сообраќај. Затворени ќе бидат и сите други раскрсници на овој потег, како крстосницата со „Наум Наумовски-Борче“ кај фонтаната и влезот во Собранието на Град Скопје.

Сообраќајот, како што информираат од Градот, ќе биде пренасочен по околната улична мрежа, првенствено по улицата „Орце Николов“ и булеварот „Партизански одреди“.

Затворањето на овој потег на „Илинденска“ се врши поради моменталната фаза на изградба на улицата, која вклучува користење на голема градежна механизација, што би можела да ја загрози безбедноста на учесниците во сообраќајот. Градежниот зафат, како што наведуваат надлежните служби, ќе се одвива на повеќеслојна површина и при трасирањето на новата сообраќајница ќе се изведуваат работи на поголема длабочина, поради што тие претставуваат голем ризик за моторните возила.

Надлежните апелираат граѓаните да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и во наведениот временски период за сообраќај да ги користат алтернативните улици.

Градот Скопје на улицата „Илиденска“ ја почна реализацијата на проектот за проширување во булевар со четири коловозни ленти. Ќе бидат изградени и нови пешачко-велосипедски патеки, средишно зеленило на потегот од „Рузвелтова“ до „8 Септември“, а ќе се постават и нови семафори на крстосниците и ново улично осветлување. Инвестицијата со вкупната вредност од 122 милиона денари целосно ќе биде покриена од буџетот на Град Скопје.


#