Со ребаланс на Буџетот, 48 милиони денари помалку за Платежната агенција

Со вториот ребаланс на Буџетот усвоен од Владата пред десетина дена и моментно во собраниска процедура, средствата во секторот земјоделство се намалени за 7,67 отсто. Најголеми кастрења има во делот на капиталните расходи, со значително помалку пари ќе располага водостопанството, а активностите за ревитализација на селата се одложени за идната година. Сепак, обезбедени се дополнителни средства за привремено вработување 12 лица кои моментно работат на проектот „вински катастар“.

„Средствата за директна поддршка на земјоделците нема да се намалат ниту во оваа кризна година ниту идната кога очекуваме состојбите да се подобрат. Сите 70 милиони евра целосно ќе бидат исплатени, а во 2010 година остануваат планираните 100 милиони“, потенцира заменик министерот Перица Иваноски.

Средствата за водостопанството се намалени за 25,7 милиони денари. Според Иваноски, 23 милиони се одземаат од предвидените за ХС „Лисиче“, 9,8 милиони денари од наводнувањето на Јужновардарска Долина и уште 2,5 милиони денари од хидросистемот „Злетовица“. Намалувања има и во ставката стоки и услуги, за 12 милиони денари, како и во делот субвенции и трансфери или индиректна поддршка за 16 милиони денари. (МИА)


#