Вардар про подобар од Бешикташ и од Будуќност
Директниот дуел со Динамо Минск синоќа решаваше за патникот во групната фаза од Лигата на шампионите Синоќешниот дуел со Динамо Минск директно решаваше за евентуалниот пробив на Вардар про во фазата по групи во ракометната Лига на шампионите. И македонскиот и белорускиот првак имаа по две победи од првите две кола на квалификацискиот турнир од првата група во Скопје, а Динамо и подобра гол-разлика, па синоќа му одговараше и нерешен резултат против домаќинот. Тимот на Веселин Вујовиќ, кој поради суспензијата од Европската ракометна федерација посредно ја водеше екипата така што преку мобилен телефон му даваше инструкции на својот помошник Аце Станковски, ги совлада Бешикташ со 33:30 и Будуќност со 35:28, а Белорусите славеа против Црногорците со 35:27 и против Турците со 32:25.
Црвено-црните наидоа на посилен отпор на отворањето на турнирот против Бешикташ отколку во вториот дуел со Будуќност. Откако го добија првото полувреме со 19:14, се очекуваше рутинска реализација на предноста во вториот дел, но гостите не мислеа така, па во 49 мин. направија целосен пресврт, поведувајќи со 26:25. Сепак, завршницата му припадна на фаворитот благодарејќи на неколкуте бравурозни одбрани на Даскаловски. Најефикасни во победничкиот тим беа Гоце Макалоски со осум гола од десет удари и Хрватот Крешимир Мараковиќ со ефект 8/12.
Многу порелаксирани на паркетот и на трибините во СРЦ „Кале“ беше во пресметката со Будуќност, која, практично, ја добија младинците на Вардар про, бидејќи Вујовиќ реши „тешката артилерија“ да ја сочува за решавачката средба со Динамо Минск. Гостите од Подгорица во ниту еден момент не претставуваа посериозна закана за амбициите на шампионот на Македонија по шести пат да се најде во фазата по групи во најеминентното европско клупско натпреварување. Марко Симовиќ и Радослав Стојановиќ со по шест погодока беа први стрелци во македонскиот тим, а на голот брилјираше Петар Ангелов со 18 одбрани. (Р.Д.)
|