Побарано членство во исламските земји
Државниот секретар во МНР, Абдулкадар Мемеди, го прими Екмелдедин Ихсаноглу, генерален секретар на Организацијата на исламска конференција, од кој побара вклучување на Македонија во ОИК, како и поддршка за различни иницијативи од двете страни. Државниот секретар Мемеди истакна дека Македонија како држава со повеќе од третина муслиманско население може да има одлична соработка со земјите-членки на ОИК, притоа нагласувајќи дека најголем дел од земјите-членки на ОИК ја имаат признаено Македонија под уставно име. Ихсаноглу го поздрави именувањето на државниот секретар Мемеди за специјален претставник на Македонија во Организација на исламска конференција. ОИК е меѓувладина организација формирана на 25 септември 1969 година на Самитот во Рабат во Мароко. Има 57 држави-членки, а главна цел е промоција на исламските вредности и интереси низ светот. (MИА) |