Фељтон

Македонско-бугарски историски контроверзии (3)

Македонските интереси изедначени со бугарските

Нови пазарења на Бугарија за Македонија за време на Првата светска војна

Виктор Цветаноски


Откако останала со кратки ракави по поразот во Втората балканска војна, Бугарија добила нова шанса да ја окупира Македонија за време на Првата светска војна. Долго време тактизирала на која страна да застане, пазарејќи се за македонските територии и со Антантата и со Централните сили. Се определила за Централните сили и влегла во војна есента 1915 година. Ја избрала погрешната страна и била поразена.

А Македонците, без разлика на тоа што Бугарија еднаш ги изигра и зад нивниот грб се договори со Србите да ја подели Македонија, одново масовно се вклучија во војната и се бореа на нејзина страна.

Како и во Балканските војни, така и во Првата светска војна била формирана посебна воена единица составена од Македонци, наречена 11. Македонска пешадиска дивизија, која војувала на Македонскиот фронт. Формирањето на оваа единица се вршело заедно со македонското револуционерно движење кое, според македонските историчари, било претворено во инструмент на бугарската политичка аспирација кон Македонија.

Тоа веќе не опстојувало врз принципите на Гоцевата ВМРО и традициите на Илинденското востание. Голем број од живите револуционери и учесници во Илинденското востание се пасивизирале, а на целото македонско револуционерно движење свој печат му давале Тодор Александров и Александар Протоѓеров, кои во 1916 година биле одликувани од германскиот император. Тие целосно биле вклопени во бугарскиот воен, полициски и административен апарат и интересите на македонскиот народ ги изедначувале со интересите на бугарската држава.

Ваквите констатации ги потврдува и македонскиот револуционер Александар Мартулков. Според него, откако Бугарите влегле во војна и во Македонија воспоставиле своја власт, сите поистакнати водачи на левите и на десните македонски револуционерни сили биле вгнездени - едни во штабовите на армиите, други во администрацијата и полицијата, трети во општинските управи и постојаните окружни комисии. Многумина околиски началници, претседатели или членови на постојаните окружни комисии, дури и околиски управници биле од нивните редови.

„Малку е непријатно човек да каже, но неспорен факт беше дека многумина се стараа да си натрупаат малку имотец за да им се најде во тешки денови. Од македонствујуштите имаше многу голем број чиновници во СГОП, стопанска организација за осигурување на прехраната и стопанскиот развој на Бугарија. Покрај другото, во трговијата, особено некои санданисти, преку различни зделки околу тутунот, станаа милионери. Тоа беше една грозна историска стварност“, пишува во своите спомени Мартулков, кој, исто така, во тоа време бил управник во Велешко.

Македонското револуционерно движење, такво какво што било, обезглавено и изманипулирано, длабоко поделено на фракции, не било во состојба само да ги застапува и да ги заштитува интересите на македонскиот народ. Еден значаен дел од движењето бил под влијание на бугарската политика и своите интереси ги врзувал за интересите на бугарската држава. Извесен дел од народот бил под влијание на српската политика и им служел на интересите на Србија во Македонија. Исто така, многу помал дел од македонскиот народ, главно, од приморскиот дел на Македонија, кој бил под јурисдикција на Цариградската патријаршија, бил поврзан со грчката пропаганда и држава.

За разлика од Бугарија, која успеала да ангажира голем број доброволци од Македонија, кои се борел�� под нејзина команда и нејзино знаме, тоа не им успеало на Србите и на Грците. Во српската војска или во паравоените формации доброволно се јавиле мал број Македонци, главно, од Порече и од Азот, кои работеле во Србија и биле под влијание на српската пропаганда.

И Бугарија, како претходно Србија, за време на Првата светска војна почнала со регрутација во Македонија. Според наредбата, во бугарската војска требало да се регрутираат сите мажи од 18 до 30 години. Се очекувало да се јават околу 45.000 регрути, но се одѕвале само 16.000. Едноставно, Македонците не сакале да војуваат ниту во бугарската војска. Бугарскиот археолог и политичар Богдан Филов, кој во тоа време ја посетил Македонија и дошол со предубедување дека Македонците едвај чекаат да ги повикаат во бугарската војска за да војуваат против Србите, многу се разочарал од она што го видел.

„Кај народот не се забележува никаков ентузијазам. Како да сака да каже: добро, не' ослободивте, ви благодариме, но и претходно не ни беше лошо; доколку тоа ви прави задоволство, одете да се биете, а нас оставете не' на мира да си ја гледаме трговијата. Широката маса е инертна. Впечатливо е дека во Скопје при почнувањето на регрутацијата се јавиле околу 200 души Роми, а само 40 Бугари (Македонци н.з.). Насекаде е присутна најголема одвратност кон служењето во војска. Мнозинството млади се подготвени на се' само да не одат војска“, напишал Филов.

Македонските војници почнале и да дезертираат од бугарската војска, што го признава и Филов. „Во македонската дивизија дезертерствата се нешто нормално. Кога бевме таму, се зборуваше за околу 500 дезертери“, пишува бугарскиот археолог, кој побарал за време на повлекувањето на Бугарите по поразот во Првата светска војна да се понесе се' што е вредно од културното и од црковното богатство на Македонија.

Не се знае точно колку Македонци учествувале во Првата светска војна. Се смета дека во трите различни армии биле мобилизирани околу 200 илјади - во бугарската најмногу, меѓу 100 илјади и 120 илјади, во српската околу 50 илјади и во грчката околу 20 илјади. Голем број Македонци, кои насила биле регрутирани од Србите, се обидувале да избегаат за време на битките кои српската војска ги водела со Австро-Унгарија. Многумина од нив за да се спасат и' се предавале на австроунгарската војска, меѓутоа, по вклучувањето во војната, Бугарија ги ослободувала од логорите и повторно ги вратила на фронтот, но сега да се борат на нејзина страна. Така се случило тие да војуваат против сопствените браќа, кои биле во српската војска вкопани во рововите од другата страна на фронтот.

За ужасите што ги доживувале на Македонскиот фронт, кој траел четири години, најдобро говори кажувањето на Македонецот Васил Танев Качоров, кој служел во македонската дивизија и се борел кај Кајмакчалан и Добро Поле, Битолско. „Гладот и недостигот од покрив над главата ни беа најголеми непријатели. Војуваш во ров, седиш и стоиш, јадеш и спиеш во ров, полн со кал, вода и снег. Едно време заврши храната. Поручникот Златев, родум од Стара Загора, Бугарија, ни рече: ’Излегувајте од ровот и собирајте лисја, киселец, див лук и корења, инаку сите ќе испоумреме‘. Без никаков страв ги напуштивме проклетите дупки и јадевме се' што ќе ни излезеше пред очи. Се вративме во рововите и го замоливме поручникот да издаде заповед за атака, не толку за да победиме колку за да им ја одземеме храната на Французите и на Арапите (во француската војска имало војници и од некои колонии на Франција во Африка н.з.). Тој не' послуша, но притоа ни рече: ’Може да атакуваат само доброволци‘. Се пријавивме 150 души, а бевме вооружени со по една карабина со штик и со по 30-50 бомби. На дадениот знак за напад излеговме од ровот и со извикување ’ура‘ се фрливме врз ровот во кој се наоѓаа војници-црнци. Тие ни отворија оган од сите страни. Од 150 лица што нападнавме, преживеавме само единаесет души“.

Покрај 200 илјади момчиња регрутирани насила, во војските на соседите страдал и народот кој западнал во невидена сиромаштија. Богдан Филов вака ги опишува тие страшни години: „Сиромашниот народ буквално умира од глад. Насекаде е присутна голема мизерија... бедните можат да јадат само пченка, но неа ја нема... Мнозинството од населението на секоја власт гледа како на свој непријател и на секаков начин се обидува да ги заобиколи важечките административни прописи што ја оптоваруваат личноста. Воопшто, управувањето на оваа земја ќе биде многу мачно, а уште повеќе тоа се корумпира од расипаниот и граблив чиновнички персонал што се испраќа там��...“.

Бугарската војска за време на Првата светска војна жестоко се пресметувала со просрпски ориентираните Македонци. Така, во еден ден, на Бадник 1916 година, таа ликвидирала 103 поречани и ги фрлиле во еден ископ во месноста Дервишка Нива.

Не се знае точно колку Македонци загинале во Балканските војни и во Првата светска војна, зашто во воените евиденции нив ги определувале или како Бугари, или како Срби, или како Грци. Се претпоставува дека вкупната бројка на загинати и ликвидирани цивили изнесува околу 50.000 лица.


#