Соња Крамарска нов главен и одговорен уредник на „Утрински весник“
Со одлука на Ост Холдинг ГмбХ со седиште во Виена, единствениот содружник на Друштвото, за нов главен и одговорен уредник на „Утрински весник“ е именувана Соња Крамарска, досегашен новинар-коментатор во политичката рубрика.
Крамарска е во новинарството дваесет и четири години. Има завршено високо образование и веднаш по дипломирањето почнува да волонтира во повеќе медиуми. За јавноста првпат станува позната како политички новинар во весникот „Вечер“, каде што во 1998 година ја доби првата награда за новинар на годината. Во 1999 година се придружи кон екипата што го формираше „Утрински весник“, каде што работи се' до денеска.
Крамарска помина девет месеци на професионално усовршување на универзитетот „Оклахома“ во САД, како и повеќе други обуки и тренинзи за известување. Автор е на повеќе фељтони и колумни, како и коавтор на книги. За фељтонот посветен на воениот конфликт во 2001 година, таа во 2006 година ја доби престижната награда за новинарско остварување „Мито Хаџивасилев-Јасмин“. |