Магистрите правници не може да бидат судии?
Судска функција ќе може да добијат само правници со просек осум
Oливера Војновска
Правниците кои имаат просек помал од осум во иднина нема да можат да бидат судии. За нив судската функција ќе остане недостижна и доколку се стекнат со магистерска титула.
Кандидатите за судии ќе мора да го положат и тестот за интегритет, при што угледот и честа ќе им ги проценуваат 50 лица од нивното опкружување. Судии поротници, пак, ќе може да бидат само лицата со завршено високо образование. Овие новини, кои се предвидени во измените на Законот за судовите, наидоа на остри критики од опозицијата.
На вчерашното прво читање во Собранието поранешниот премиер, пратеникот од СДСМ, Владо Бучковски, критикувајќи го предложеното решение праша: „Дали Македонија може да го преживее овој експеримент во судството?“ Притоа констатира дека најголемата реформа во правосудниот систем ќе биде заминувањето на министерот за правда Михајло Маневски! Бучковски смета дека министерот ја испуштил можноста да направи „машки реформи во судството“. Тој го праша Маневски во која држава во Европа магистер по право не може да стане судија. Иронизирајќи рече дека Маневски при предлагањето на ваквите критериуми за избор на судии, веројатно, тргнал од примерот на неговата сопруга. „Дали Филимена беше неуспешна судијка затоа што има просек 6,6“, праша експремиерот, кој е убеден дека не може да се најдат 50 лица што ќе кажат дека таа е личност со интегритет.
Во одбрана на Маневски застана пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Анета Стефановска, која смета дека тој е единствен министер, кој имал храброст да направи вистински реформи во судството.
„Министерот е вистински маж, само тој имаше храброст да зафати со судски реформи“, рече Стефановска. На ова Бучковски саркастично возврати: „Воопшто не се сомневам дека вие сте жена, која може да потврди дека Маневски е вистински маж“!
Според министерот, споменатите измени се прават со цел судството да стане „понезависно, поефикасно, поквалитетно и постручно“.
„Во основните судови ќе можат да се кандидираат лица кои ја завршиле Академијата за обука на судии и јавни обвинители, а унапредувањето во повисоките судови ќе биде само од пониските судови. На ваков начин ќе се гради систем на кариера, кој ќе се заснова на објективна оцена на судиите“, смета Маневски. Укинувањето на повеќе од 20 проценти од пресудите, или менувањето на 30 отсто од пресудите, може да биде основа за поведување дисциплинска постапка за некој судија. За судење во неразумен рок, пак, на судиите им се заканува разрешување. |