Идната г-ѓа Груевска не сака да биде во центарот на вниманието

Која е невестата на Груевски и дали ќе бидат неразделни и во политичкиот живот

Валентина Тодоровска

Вестa за венчавката на премиерот Никола Груевски (36) и неговата избраничка Боркица Манчева (24), со која е во врска повеќе од една година, разбирливо, предизвика големо интересирање кај јавноста. Ова е прв македонски премиер кој се жени за време на мандатот. Голема е љубопитноста за поубавата половина на Груевски. Која е невестата на Груевски и дали ќе бидат неразделни и во политичкиот живот, колку таа ќе влијае на политиката, дали ќе биде во центарот на вниманието како Снежана Георгиевска или, пак, повлечена како Јасна Црвенковска. Некои одат дотаму, па прашуваат дали, да речеме, премиерскиот брачен пар ќе биде како Тони и Чери Блер? Дали убавата жена во животот на секој маж значи голем број (не)пријатели? Прашања има многу, а некои одговори, веројатно, ќе ги каже самото време.

Русокосата Боркица пет години работи како советничка во Секторот за меѓународна соработка во Комисијата за хартии од вредност. Искуството почнала да го собира уште како студентка на Правниот факултет, каде што и дипломирала. Нејзините блиски другарки ја опишуваат како многу скромна девојка. Велат, додека други би се фалеле со врската со Груевски, функција што би можела да значи и експресно напредување, таа крајно дискретно си ја чува љубовта само за нив двајца. Можеби затоа во јавноста не ги гледавме толку заедно - во архивата на „Утрински“, на пример, ја имаме нивната заедничка фотографија од концертот на Брајан Фери летово во Охрид и од премиерата на претставата „Полковникот птица“ на Албанскиот театар.

Боркица живее во скопската населба Тафталиџе заедно со родителите и сестра си и секогаш изгледа „топ“. Ги следи модните трендови и ги приспособува на својата стројна снага. Сака да носи чанти од марката „луј витон“ и убави чевли, но не секогаш успева да дојде до оригиналите. Боркица спаѓа во жени кои веруваат дека надворешното е резултат на внатрешното и грижата за изгледот е токму во таа насока. Нејзините познајници велат дека и пред врската со Груевски внимавала на својот изглед и внимателно одбирала и комбинирала бои и дезени. Кон крајот на април таа го прослави својот 24. роденден, што укажува на податокот дека е родена во знакот на Бик, а тие се стабилни, верни и постојани. Како родени за брак. Повеќе пати заедно со Никола Груевски е видена како пазарува во релаксирана атмосфера во „Веро“ во Тафталиџе.

Семејството на невестата како традиционална вредност го има почитувањето, а во тој манир е одгледувана и самата Бокa, како што ја викаат пријателите. Инаку, мајка и' работи во Народна банка на Македонија. Злите јазици говорат дека Боркица ќе има најмногу проблеми со свекрвата која, наводно, имала пресудно влијание кај Груевски и одиграла значајна улога и при разводот на неговиот прв брак. Младиот брачен пар ќе живее во станот на Груевски во Кисела Вода. Премиерската резиденција и овој пат отпаѓа од комбинација.

Никола и Боркица на 10 мај ќе ги сменат бурмите и ќе се заколнат и пред државата и пред Господ на верност, љубов и сојузништво. Пред прославата во хотелот „Холидеј ин“ ќе претходи венчавка во Соборниот храм „Св. Климент Охридски“, на која (како и на свадбата) ќе присуствуваат најблиските пријатели и роднини на двојката. За веселата атмосфера ќе се погрижи оркестарот „Џорлеви“. „Се' уште не сме го договориле репертоарот, но со оглед на тоа што премиерот, со кого се познавам одамна, е љубител на македонската песна, веројатно, ќе имаме вистинска македонска свадба“, ни рече Зоран Џорлев. Веќе се отворени кафеанските обложувалници кој ќе биде повикан на свадбата, а кој ќе биде оправдано отсутен. Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, веќе издаде специјална сугестија за суптилно, ненаметливо, но строго професионално обезбедување за време на целата церемонија околу свадбата, а особено за време на самата свадба. Венчалниот фустан, чевлите, накитот, костумот на младоженецот – се' е обезбедено од познати креатори и светски модни куќи.

Тазе двојката од четврток ќе почне да ја пишува заедничката биографија и да ги полни семејните албуми. Им посакуваме многу заеднички фотографии.


#