Даниела Станоевска–Џидрова
Секоја насмевка на Миа е голем подарок за мене
Дени од Антена 5 радио
Познатата водителка Дени од Антена 5 радио зборува за својата бременост, за предвременото породување и за извојуваната битка. Нејзиното „мало гасениче“ израсна во прекрасна пеперутка и го прослави својот прв роденден
Катерина Шекеровска
По шест години минати во брак, познатата водителка Даниела Станоевска- Џидрова, Дени од Антена 5 радио, и нејзиниот сопруг Александар се соочија со еден од најголемите животни предизвици - ја добија веста дека наскоро ќе имаат принова во семејството. На радоста и' немаше крај, а идните родители не губеа ниту миг и ревносно читаа се' што треба да знаат за одгледувањето деца, нивната исхрана, воспитувањето, развојот... Правеа се' што беше потребно подобро да се подготват пред доаѓањето на свет на нивното чедо. Редовни прегледи, витамини, психичка и физичка подготовка... Се' до 13. гестациска недела кога дознаваат дека бременоста нема да биде баш лесна... Тогаш почнуваат и компликациите... Ова е приказната на Дени, Александар и Миа, нивниот најголем борец, „малото гасениче кое израсна во прекрасна пеперутка...“ и деновиве го прослави својот прв роденден. Приказна за храброста, издржливоста, упорноста и вербата.
Како реагираше на веста за бременоста?
Кога дознав дека сум бремена, бев многу возбудена и среќна и не можев воздух да земам, и со нетрпение веста му ја пренесов на мојот сопруг... Тоа беше долго очекуван момент за нас двајца и нормално бевме пресреќни, но во исто време и уплашени за понатаму. Кога дознавме дека набргу ќе станеме родители, почнавме да размислуваме што ќе биде, почнавме да се подготвуваме, да читаме литература за деца, за нивно одгледување, хранење, воспитување, развој...
Како течеше бременоста? Одеше ли на редовни прегледи? Што се случи? Кога работите тргнаа во погрешен правец?
Бременоста од самиот почеток личеше дека ќе биде О.К., но некаде од 13. недела се воспостави дека нема да биде баш лесна. Не би сакала да навлегувам во детали, но навистина многу работи се искомплицираа. Нормално дека одев на сите можни прегледи и редовни и некои дополнителни, но, сепак, се случи она од што најмногу се плашевме, а тоа е дека ќе се породам предвреме... Кога докторите ми кажаа дека се големи шансите бебето да го родам предвреме, бев многу исплашена и не сакав моето дете да го гледам во инкубатор, но ете баш тоа и ни се случи... За работите да бидат уште покомплицирани, се случи и итно породување каде што се работеше за спас на нашето дете, а богами и на мојот живот... Но, фала му на бога и на итноста на лекарите во Љубљана, сега се' е во најдобар ред.
Се породи во болница во Љубљана, во 29. гестациска недела од бременоста, што е високоризичен термин за пораѓање... Во каква состојба беше Миа?
Се породив во Љубљана во 29. гестациска недела од бременоста, т.е. на 6 месеци и 13 дена... Многу ризичен период на породување, бебето се' уште не е развиено, а белите дробови тукушто почнуваат да се развиваат. Миа се роди 1.250 г, долга само 38 сантиметри, беше многу мала, беспомошна, веднаш ја ставија на апарати за дишење во инкубатор... Беше толку мала што ни се чинеше како да е кукла... Беше навистина трогателен моментот кога прв пат ја видовме, бидејќи, како и секоја мајка, во текот на бременоста си правиш слика за своето бебе, а сега гледаш нешто сосема поинаку... Бебе кое се бори за својот живот.
Првата прегратка е чувство кое ниту една мајка на светот не може да го заборави целиот свој живот... Треперење, возбуда, пеперутки во стомакот. Кога првпат го гушна сонцето?
Немав можност веднаш да ја гушнам Миа кога се роди. Откога ја извадија од сала, прв по челцето ја бакна татко и'. Јас бев на интензивна нега, а неа веднаш потоа ја префрлија на интензивна нега за предвреме родени бебиња. Бидејќи беше многу мала и кревка, не можев веднаш да ја гушнам. А толку го посакував тоа. Кога ја видов прв пат, ме обзедоа најразлични чувства. Бев многу среќна што се роди, но многу ми беше страв како ќе се одвива нејзиното закрепнување. Во тој момент чувствував голема тага, болка, радост, страв, многу измешани чувства. Прв пат ми ја дадоа да ја гушнам по неколку дена кога беше малку посилна и стабилна нејзината состојба. Тие ја користат кенгур-методата и детето го ставаат на градите на мајката. Кожа на кожа. За да може да ја почувствува мајката, чукањето на нејзиното срце, нејзината топлина и да закрепне побрзо. Да знае дека иако е во инкубатор, мајката е тука до своето дете. Ја извадија од инкубатор, мала, најмала на светот, ја ставија на моите гради, јас бев премногу возбудена и почнав силно да плачам, бев пресреќна што прв пат ќе ја почувствувам, толку беше беспомошна и мала, силно се гушнавме и оттогаш секој ден ја применувавме оваа метода. Освен тоа, со татко и' секојдневно од мобилен телефон и' пуштавме класична музика.
Колку методата кожа на кожа или кенгурски допир помогна во напредувањето на ќеркичката?
Многу помогна. Таа кога ќе ме почувствуваше, стануваше некако посмирена, постојано и' зборувавме и пуштавме музика, едноставно сакавме да знае дека сме постојано до неа и ја чекаме да закрепне и да си одиме дома. Потоа кога веќе малку повеќе закрепна, во болницата не' учеа како правилно да ја држиме и пресоблекуваме, а понатаму и како да ја дојам. Не' учеа што е правилен бејби-хендлинг.
Како се навикнувавте една на друга? Ги совлада ли лесно мајчинските обврски, должности? Ја доеше ли Миа?
Се навикнавме многу брзо една на друга. Сега не можеме една без друга. Воопшто немав и немам проблем со мајчинските обврски, со мојот сопруг сами си ја чуваме, од самиот почеток сами ја капеме, и' подготвуваме храна, се грижиме за неа... Кога се породив, немав капка млеко, но со голема упорност и со постојано измолзување, млекото надојде и имав можност да ја дојам Миа шест месеци, но се измолзував во шишенце, бидејќи таа беше премногу мала и не можеше поинаку да пие млеко.
Неодамна го прославивте првиот роденден. Миа е родена на 13 ноември (петок), кој ви донесе неизмерна среќа (за разлика од верувањата дека е баксузен). Што научи Дени една година откако стана мајка?
Роденденот на Миа го очекувавме со нетрпение. Јас го подготвував два месеца порано. Сакав се' да биде под конец организирано, не сакав да оставам на никаква случајност. Имаше две прекрасни торти и темата на роденденот ни беше пеперутка. Миа од мало гасениче израсна во прекрасна пеперутка. И се' беше украсено така и со еден куп балони... 13 ноември за нас е навистина среќен ден, се роди нашиот ангел, а баксузот го победивме со победата на Миа да се избори и покрај тешкиот почеток. Откако станав мајка, научив како да се радувам на ситните нешта иако и порано бев таква, но сега е нешто поинаку, научив како е да се сака едно мало суштество бескрајно, научив како да се борам и да бидам упорна во она што сакам да го постигнам, научив во најтешките моменти да се бодрам себеси и сопругот дека се' ќе биде добро, да бидам бескрајно оптимист, научив да бидам многу потрпелива и да чекам постепено да се случуваат некои работи, со мојот сопруг станавме многу посилни отпорано и целото ова искуство на неизвесност, чекање и борба уште повеќе не' зближи и не' направи поцврсти и пореални.
Какво е чувството да се биде мајка? Те натера ли веднаш да пораснеш, да созрееш, колку те промени?
Прекрасно е да се биде мајка, чувство кое не се опишува. Се чудам како порано не сум ја имала, а сега се чувствувам како отсекогаш да била покрај мене. Горда сум што сум мајка, што имам покрај мене еден мал борец, што можам да се грижам за неа, да ја учам што е добро, а што лошо, да ја насочувам во животот, заедно да се смееме, да играме, да беснееме.Секоја нејзина насмевка за мене е голем подарок. Уште од самиот почеток на доаѓањето на свет на Миа ме натера да пораснам веднаш, да созреам веднаш и да се променам. Обично мајките кога ќе им се роди детето, зборуваат за тоа како тоа не спиело цела ноќ, или не јадело или дека имало грчеви. Ние се соочивме со сосема други проблеми кои на моменти беа многу критични, но, сепак, тројцата бевме силни и се изборивме до крај се' да биде добро. Работите, како што се неспиење, нејадење, грчеви или слично, за нас не се проблеми, тоа се придружни работи во развојот на едно дете. Со она што го поминавме, ние сме многу посилни и на друг начин глед��ме на нештата и воопшто на животот.
Како ги усогласуваш своите работни обврски со одгледувањето на Миа? Кој ти помага најмногу?
Моето конечно враќање на работа е токму од овој месец. За Миа ќе ми помага свекрва ми, зашто таа е единствена која е слободна да ја чува. Миа е веќе навикната на неа и мислам дека ќе немаме проблеми од типот плачење по мама кога ќе тргне на работа. Миа е питомо и дружељубиво дете така што ќе се адаптира брзо и без мене. Инаку, понекогаш во домашните обврски ми помагаат и мајка ми и свекрва ми. А најмногу ми помага мојот сопруг, кој е комплетно посветен на мене и на Миа.
МАЈЧИНСТВО
Откако станав мајка, научив како да се радувам на ситните нешта. Научив како е да се сака едно мало суштество бескрајно, научив како да се борам и да бидам упорна во она што сакам да го постигнам, научив во најтешките моменти да се бодрам себеси и сопругот дека се' ќе биде добро, да бидам бескрајно оптимист |