Чекањето во банка ги излудува граѓаните

Најчесто, од пет шалтери, работат само два, што создава дополнително нервоза кај клиентите

Соња Маџовска


Помислата дека треба да одите во банка за да платите сметки или рата за кредит, да подигнете пари или да завршите каква било друга работа, граѓаните се' повеќе ги излудува, ама изгледа банките тоа многу не ги загрижува. Замислете уште да се погоди ден кога пензионерите ги подигнуваат пензиите, тогаш веќе се прелева чашата на какво било трпение. Банкарите, пак, во своја одбрана велат дека доколку граѓаните малку повеќе се ориентираат кон електронското банкарство што тие го промовираат, ќе се намали метежот во филијалите.

Дел од граѓаните што се јавија деновиве во нашата Редакција остро реагираа, опишувајќи ја сликата што ја виделе во саботата во една од најголемите банки во земјава, во ГТЦ. „Таму беше како на митинг, бидејќи таа банка одлучила во сабота да не работат повеќето нејзини експозитури“, вели нашата револтирана соговорничка.

„Долгото чекање пред банкарските шалтери едноставно ме излудува. За да се платат сметки или да се добие каква било друга банкарска услуга, што мора секој граѓанин да ја заврши, треба да се има многу време и дебели нерви. Редовно се чека најмалку 40 минути. Кој има време чека, оној што мора да се врати побрзо на работа револтирано си заминува. Никогаш не ми било јасно, од толку многу шалтери во банките во градов, особено во најголемите банки, и тоа во строгиот центар на Скопје, постојано работат само два шалтера. Без разлика на тоа колку метеж има и дали стотици луѓе чекаат, не се отвораат повеќе шалтери. Мислам дека банките треба да преземат мерки за да бидат поажурни и побрзи со услугите за граѓаните“, вели една скопјанка, која сакаше да остане анонимна.

Според неа, најнелогична е последната одлука на Стопанска банка, според која повеќето експозитури на оваа банка не работат во сабота. Оваа одлука важи од 1 мај, па затоа реакциите за минатата сабота се очекувани. Од оваа банка објаснуваат дека станува збор за нов принцип на функционирање на експозитурите. Од Стопанска банка вчера најавија дека деновиве ќе одговорат детаљно зошто се решиле на ваков начин да функционираат. Инаку, на веб-страницата на Стопанска банка има известување дека од 1 мај годинава дел од филијалите во Скопје ќе работат со ново работно време, од понеделник до петок од 8. 45 до 16.45 часот, а наведено е и кои филијали нема да работат во сабота. „Ве молиме, имајте го предвид новото работно време при планирањето на вашата следна посета на филијалите. На располагање ги имате нашите банкомати и е-банкинг услугата, преку кои постојано имате пристап и увид до своите сметки и производи“, е наведено во соопштението на Стопанска банка.

„За разлика од нашите банки, во Европа не постојат редици во банка, бидејќи се' е автоматизирано, па така 24 часа може да се уплатуваат сметки, да се подигнуваат и да се трансферираат пари. Банкарското работење е редуцирано, поради што на Европејците воопшто не им се потребни банкарски службеници. И што е поважно, за многу од тие операции не се плаќаат провизии, бидејќи банките поради таквиот начин на работење немаат трошоци. Практично, се' што е потребно се два автомата, едниот за работење со пари, а вториот за принтање детален извештај за извршените трансакции“, вели една наша сограѓанка, која до неодамна живееше во една европска метропола.

Граѓаните освен за чекањето во банка се' повеќе реагираат и на непријатните телефонски опомени, со кои банките, односно фирмите ангажирани од нив, не ве оставаат намира. Ако навреме не сте го платиле долгот, ратата за кредитот, ќе се соочите се секојдневни јавувања, со кои банките ве предупредуваат дека веднаш треба да платите, бидејќи во спротивно, ќе ви биде активирана хипотеката, или ќе му пристигне известување на првиот жирант дека тој ќе треба да отплатува место вас. Граѓаните веќе не помислуваат да бидат жиранти за кредит, па дури и на член од најблиското семејство.


#