30.03.2012, 18:15 Полемика
За идентитетскиот земјотрес во Македонија
Паско Кузман
Со текот на времето ќе се навикнете на „радикалните“ промени кои тешко ги преживувате и ќе бидете горди на новата македонска стварност
(Повод: текстовите од Ерол Ризаов „Паско, веќе не е смешно“, „Утрински весник“ 22 март 2012 и „Паско, те чекам на мегдан“, „Утрински весник“ 27 март 2012)
Господине Ризаов, јас ќе бев посигурен, а ти похрабар и поголем демократ ако моето „кратко писмо“ до тебе го ставеше како мото на твојот текст „Паско, те чекам на мегдан“, објавен во твоето „ќоше“ („Утрински“, 27 март 2012), а не во писмата на читателите каде што едвај може да се пронајде, еден ден порано („Утрински“, 26 март 2012). Се' си мислам „тивко во себе“ (според Љубе Цветановски) дека со тоа несвесно или свесно, сеедно, си сакал да ја истакнеш супериорноста на твоето метално и остро перце (за кое, искрено, и јас мислам дека навистина ти е такво), над моето старо „археолошко“ перо од бамбусово дрво (за кое, веројатно и ти мислиш дека е такво).
Ероле, двата твои текста посветени на мене ги започнуваш одушевено и многу инспиративно, со искажување на уживање, кога си го читал моето интервју со почитуваната Катерина Богоева, објавено неколку дена порано („Утрински“, 21 март 2012) и уште „голема радост“ поради тоа што сум те удостоил со моето „кратко писмо“ упатено до тебе и бидејќи гориш од желба да се „видиме на мегдан“, еве, ти доаѓам.
Е, ама за жал, јас сигурно нема да бидам Пушкин, за ти да бидеш Дантес. Ова не е фалба, туку превентивно предупредување. Ајде сега. За почеток, морам да те запрашам, со загриженост, секако, зошто мислиш и тврдиш дека „со политичка интервенција во науката“ се предизвикала „бура во научниот свет и идентитетски земјотрес во Македонија“, кога знаеш, бидејќи си умен, дека тоа не е така. Каква политичка интервенција имаме во науката и кој научници „бурно“ дискутираа за идентитетскиот статус на македонскиот народ, освен ако не сметаш дека некои политичари-поети се научници или ако не сметаш дека првиот претседател на суверена Република Македонија е научник, оти тој, со својот авторитет, изјави и стави „научен капак“ на конечната вистина „дека ние сме Словени“, или можеби, ако не сметаш дека новинарите и новинарите-колумнисти (не сите, се разбира) се научници и тие, секако, бурно дискутирајќи, ја констатираа научната вистина за идентитетот.
„Идентитетскиот земјотрес“, како и „антиквизацијата“, ги измисливте точно вие, на прсти можам да ве избројам, со жолчни навреди упатени до замислените противници (тебе те исклучувам од смислата на последниот дел од реченицата, искрено).
Но, да се вратам малку поназад и да објаснам што сакав да кажам кога ја цитирав синтагмата „политичка интервенција“ во науката. Не е „политичка интервенција“ ако власта (или „политиката на власта“) обезбедила услови да се вршат интервенции во културното наследство; не е „политичка интервенција“ ако власта создала околности да се изведуваат археолошки истражувања во Македонија; не е „политичка интервенција“ ако власта овозможила да се реализира проект „Македонска енциклопедија“; не е „политичка интервенција“ ако власта овозможила преведување петстотини книги стручна литература од светски јазици на македонски јазик; не е „политичка интервенција“ во науката ако власта создава услови за сето она што се направи... макар и со грешки, а со единствена цел: да опстанеме, да зајакнеме, да се подигнеме, да се доосознаеме, да се препознаваме... Не е „политичка интервенција“, Ероле, ако власта создала услови за сето она за што не и' паѓало напамет, а и не ни сонувала да направи ниедна друга власт досега во оваа земја.
Тоа, всушност, ве боли вас, таа немоќ пред реалноста, немоќта пред делата, тродимензионалните скулпторски и архитектонски дела кои ви никнат пред вашите очи, делата во кои се „поарчени“ милионите од народот, ама барем се гледаат во што се поарчени, наспроти оние што, исто така, ги „арчеа“ милионите од народот, ама не се гледаа делата (па макар и лоши) во кои беа поарчени тие милиони. Вие сте бесни поради таа, сурова за вас, реалност, па затоа сакате да ја понижите, да ја обезвредните, да ја исмеете (малку се оддалечувам од тебе, ама ќе ме разбереш).
Што се однесува до таканаречената „негативна антиквизација“, која ги боли, ги пржи и ги пече „вистинските“ македонски Словени по крв (тоа не важи за тебе) си земам за право, на своја одговорност, да кажам дека: не е „антиквизација“ ако се постават антички скулптури на прекрасното плато пред Владата, ако скопскиот аеродром во Петровец е прекрстен во „Александар Велики“, ако европската магистрала низ Македонија е преименувана во „Александар Македонски“. Не е „антиквизација“... и така натаму во таа смисла и насока, туку е разбивање на неодржливиот стереотип наследен од „строго контролираната“ југословенска идеолошка стратегиска линија и разбивање на догмата за елементарниот и „строго ограничен“ состав на идентитетската „материја“ на македонскиот народ.
Значи, сакам да потенцирам две дебели причини, за да ги објаснам, од мој личен аспект, она што ни се случува пред нашите очи, „радикалните“ промени кои тешко ги преживувате, но, пријателе, со тек на време, ќе се навикнете и верувам, натаму во иднината, ќе бидете и повеќето од вас, горди на новата македонска стварност. Едната причина е дека овој народ, конечно, има право да го одбележи својот имот, има право на катастар и тапија, како и сите други народи, има право да го раззелени својот „пуст остров“, да го истакне своето наследство и да регистрира на што е наследник, да ги извади од скривниците, од депоата и од стратиграфијата на земјата вредностите кои се негови и да ги практикува во живеењето. Тоа, како што е очигледно, и се случува.
Зарем не гледате дека не ви се случува само антиката (која, рака на срце, од мој археолошки аспект, била отсекогаш и ќе биде уште долго, најатрактивна, не само кај нас, туку и многу пошироко од нас), туку и ранливиот среден век, а и праисторијата (ако не можете да ја видите во стварноста која се случува, потрудете се и видете ја) која е потенцијален кандидат, онака како што „одбраната македонска колумнистистичка интелигенција“ ги гледа состојбите, да добие негативна конотација во вид на праисторизација на Македонија. Тоа се случува за да ги почувствуваме (подлабоко во нас) сите проблесоци по вертикала, хоризонтала и дијагонала на нашата „тупанична“ Македонија, за да ги конзервираме темелите, за да ги реставрираме ѕидовите и за да ги реконструираме куќите, оти само така ќе имаме сопствен дом и покрив над главата. Дали ме разбираш, стар пријателе?
Втората причина за фундамент ја има првата причина. Македонскиот идентитет е составен од сите тие вредности кои континуирано се провлекувале, се надополнувале, се преплетувале и формирале специфична идентитетска материја. Етникумите, пак, кои низ времињата во форма на цивилизации егзистирале на нашиот тупаничен простор, се елементарно составени од таа идентитетска материја. Оттука произлегува дека во неа, секако, мора да го има нуклеусот, најстарите жители кои живееле тука многу долго, преку осум века, и кој имале „име и презиме“ Македонци Македонски, потоа оние што биле тука повеќе од пет века, Римјаните, кои натаму продолжиле со етнохетерогената Византија, па Словените кои ги населиле овие македонски предели, па Србите и Бугарите и најпосле Турците со своите пет векови... Етнохетерогената идентитетска маса, се разбира препознатлива со своите културно-историски типичности кои до ден-денес ги имаме и ги апсорбираме, има учество во создавањето на типичниот македонски идентитет и тоа сме НИЕ, еве НИЕ, Македонците (еве, Ероле, не спомнав многу од „моите“ адути со кои ти ме вооружи. Мислам на (Х)азарите и другите).
Зошто да не се гордееме со еден ваков специфичен идентитетски состав кој за нуклеусен иницијал ги има старите Македонци? Зошто оваа универзалистичка теорија за македонскиот идентитет може да му пречи некому (најмалку тебе, стар мој пријателе)? Има нации, но која нација е чиста? И ова не е идентитетски земјотрес, туку обичен, едноставен и прост македонски идентитет, како „проста и строга македонска песна“ (Б. Конески), богат со различни вредности, богат со материјална култура, богат со митови, легенди, преданија, фолклор...
Во контекст на ова, сега се присетив, пред неколку дена прочитав некој текст во печатените медиуми (не се сеќавам сега во кој) каде што авторот „мудрува“ во смисла дека, демек, Груевски, откако видел дека не ја бидува работата со „бугароманската теза“ (како неговиот партиски претходник Љупчо Георгиевски), се свртел кон антиката да ги докажува македонските корени за да добие доверба кај народот... Досега не сум прочитал поплитка аналитика од оваа сфера. Па и слеп човек може да ги разбере континуитетите, односно форсирањето на континуитетскиот развој на македонското (како и секое) општество во светот.
И уште ова, драг мој стар пријателе, во оваа пригода. Да, јас сум национален (ако ти е помило: државен археолог) во Македонија, како и сите мои колеги-професионалци, оти во спротивно би бил див копач, а тоа многу помалку го сакам.
Ете, како што ми рече, удрив, ама искрено верувам дека нема да те заболи.
(Авторот е археолог и директор на Управата за заштита на културното наследство) |