Фељтон

Славата, митот и крвта на ВМРО (17)

 

Тодор Александров ги подели историчарите

Според едни, тој се борел за автономна Македонија,
а според други и' служел на бугарската монархија

Виктор Цветаноски


Тодор Александров е крупна фигура од нашето минато, меѓутоа, македонските историчари не се единствени во оценките за неговите заслуги македонската револуционерна борба. Според едни, тој се борел за автономна и независна Македонија, а според други и' служел на бугарската монархија. Кој е, всушност, тој, за каква Македонија се борел, кои се неговите заслуги?

Академик Иван Катарџиев вели дека посебна улога во создавањето на неговата ВМРО наречена автономистичка, веднаш по Првата светска војна, како и во промовирањето на Александров за нејзин лидер одиграле националистичките кругови и Воената лига во Бугарија. „Како опозиција на режимот на Александар Стамболиски, со чија политика на откажување од територијалните аспирации спрема Македонија, не можеле да се согласат, тие преку Тодор Александров и ВМРО настојувале да ги остварат своите превратнички планови. Така бугарската опозиција на владата на Стамболиски била главен фактор во профилирањето на ВМРО и на нејзините активности“, оценува македонскиот историчар додавајќи притоа дека ВМРО на Александров била обично орудие на бугарската опозиција.

„Во соборувањето на Стамболиски од власт ВМРО одигра битна улога, а Александров се обиде да биде кадровик и влијателен фактор во креирањето на надворешната политика на бугарската држава, но беше поттурнат од центрите на моќта. Кога, пак, се дрзна да се оддалечи од контролата на бугарската влада и се поврза со Коминтерната, беше организирано неговото убиство“, подвлекува Катарџиев.

Тој подвлекува дека постојаното влегувањето на неговите чети од 1919 до 1924 година во вардарскиот дел на Македонија му создале вистински пекол на македонското население. Тогаш од српската власт настрадале над 500 невини луѓе, стотици биле затворени и малтретирани, десетици осудени.



Катарџиев не ги оспорува заслугите на ВМРО на Тодор Александров кое со својата идејна толеранција и милитантна организација и акција, речиси го обединила најголемиот дел од патриотски ориентираната македонска емиграција. Таа од 1920 година па се' до Мајскиот манифест во 1924 година била главниот носител на македонското национално револуционерно движење, а основната поента во нејзините програмски определби била автономија или пак независност на Македонија во нејзините етнографски и економски граници. Според него, формално гледано заложбите за автономија биле во корелација со традициите на ТМОРО и Илинденското востание, меѓутоа, суштински, освен во еден момент, зад барањето автономија на Македонија секогаш стоела прикриена цел во соодветни меѓународни услови, Македонија да се приклучи кон Бугарија.

Советскиот Сојуз, кој во тоа време настојувал своето влијание да го прошири на Балканот, во автомистичката ВМРО гледал моќна сила, за која биле заинтересирани и другите европски сили. Тодор Александров, тогаш грубо турнат настрана, со повредено честолубие, одмазднички расположен, го искористил интересот на СССР за соработка и започнал да преговара со Советите. По разговорите дошло до потпишување на познатиот Мајски манифест од 1924 година со кој се обединиле сите македонски револуционерни сили. Со манифестот иднината на Македонија повеќе не се поврзувала со Бугарија, туку се барало таа да се обедини во нејзините етнички и географски граници и би влегла во рамките на една балканска федерација. Притоа јасно и се става на знаење на бугарската влада дека односот на ВМРО кон неа ќе биде ист како и кон владите на Србија и на Грција. Според Катарџиев, Мајскиот манифест за обединувањето на силите на македонското револуционерно движење, во чиј центар се наоѓала автономистичката ВМРО и Тодор Александров, претставува највисок дострел на идејното, теоретско и практично одбележување на македонскиот политички сепаратизам.

Д-р Владо Поповски не го дели целосно мислењето на академик Катарџиев. Според него, речиси целокупната фактографија по 1919-1920 година зборувала за самостојност на позицијата и на улогата на ВМРО и на Тодор Александров во однос на бугарската државна политика.

„Тодор Александров како константа и како приоритетна вредност, ја чувал самостојноста и сувереноста на ВМРО во однос на делото: ослободување на Македонија од власта на балканските држави, нејзино обединување и создавање на независна македонска држава – која може да биде членка и на евентуална балканска федерација, но која секогаш се визира како еднаков (рамноправен) субјект со другите балкански држави... Во Декларацијата од 6 септември 1923 година, како впрочем и во сите други документи на ВМРО после 1919 година потпишани од Тодор Александров, постојано се укажува дека она што треба да се ослободи и обедини се трите делови на Македонија кои се под власт на Бугарија, Југославија и Грција; дека власта на бугарската, југословенската и грчката влада е таа која треба да отстапи од тие делови за конечно да се смири целиот регион“, подвлекува д-р Поповски .



Според него, Александров никогаш не препуштил друг наместо ВМРО да ја води политиката на револуционерната организација, ниту да ги диктира целите и начините на нивното остварување . Тој практично ја оддалечил македонската револуционерна организација од какво и да е нејзино инструментализирање од страна на бугарските државни центри во пресвртната 1924 година.

Во врска со контактите што Александров ги имал со Советската држава Поповски нагласува. „Во респективниот склоп на односи, фактички, Тодор Александров бил уценет или да се приклони и дисциплинирано да ги исполнува плановите на нему далечните политички сили и цели или, преку негова компромитација, да биде изложен на политичка или на физичка ликвидација од која и да е политичка страна (лева или десна) и од која и да е провиниенција (советска, бугарска или македонска).

Поповски истакнува дека Александров по националност се чувствувал Бугарин, а македонското ослободително движење по 1919 година доследно го издвојувал од државната политика на Бугарија, но не и духовната и културната судбина на Македонија и на Македонците од таа на Бугарија и на Бугарите.

Тодор Александров е убиен на 31 август 1924 година. Д-р Зоран Тодоровски тврди дека убиството било изрежирано од Иван Михајлов и воениот врв на Бугарија. Било предвидено Александров да биде ликвидиран во присуство на Александар Протогеров за сета вина да се фрли врз него и да се добие впечаток дека тој го организирал убиството.

„Дека зад ликвидацијата на Александров стои Иван Михајлов упатуваат многу факти и сознанија до кои дојдов читајќи ги написите и спомените околу убиството и вршејќи реконструкција на овој крвав настан. Тој е непосреден организатор на убиството заедно со бугарскиот двор, поточно министерот на војската Иван В’лков. Самиот Михајлов своевремено тоа ќе го признае пред нашиот познат иселеник Џон Битов, кој тоа мене ми го кажа лично за време на една средба. Сите настани што се случувале околу Мајскиот манифест за чие потпишување дал согласност и Александров, силно ја вознемириле бугарската влада зашто таа со тоа губела дотогаш верен сојузник. Нормално, како секоја држава, таа размислувала за човек што ќе го замени и ќе ги спроведува нејзините интереси, а токму таков човек бил Михајлов“, подвлекува Тодорвски.

(Продолжува)


#