Последното патување на бродот стар 85 години

Фотографија објавена на Интернет каде што се гледа моментот пред бродот целосно да потоне

 

Туристичкиот брод „Илинден“ последниве деветнаесет години без застој пловеше по водите на Охридското Езеро, превезувајќи туристи и патници. Последната туристичка прошетка со бродот беше кобна. Тој потона завчера, во близина на автокампот „Елешец“, пред да пристигне до крајната дестинација - манастирот „Свети Наум“ во Охрид. Во него загинаа 15 туристи од Бугарија, кои се удавија во водите на езерото.

Иако надлежните тврдат дека бродот бил стар, но издржлив поради неговата челична конструкција, беа потребни само неколку минути за езерото да го проголта патничкиот брод, кој можел да превезува 43 патници. Утрото кога се случи трагедијата на него имало 57 патници, 14 повеќе од дозволеното.

Историјата на бродот почнува во 1924 година, во Германија, каде што бил произведен. Бил дел и од воената морнарица во времето на Кралството на СХС. Долго време бил закотвен во каналот Студенчишта во Охрид и надвор од употреба. Бродот оставен на забот на времето, пред 20 години бил реновиран од тогашната градежна фирма „Трудбеник“ и повторно го вратиле во водите на Охридското Езеро. Откако со постапката на денационализација бродот му бил даден на семејството Филески, со него управувал Димитри, а потоа и неговиот син Сотир Филев, кој иако е на возраст од 23 години, сепак, зад себе има десетгодишно пловно искуство.

Бродот бил долг 20 метри, а широк четири метри и досега немал некои посериозни технички проблеми. Дозволата на бродот му била тазе обновена, во мај годинава, кога ги поминал редовните проверки и охридската Капетанија му издала дозвола за пловење со важност до мај 2010 година. Тој бил прегледан од осигурителната компанија „Лојд“ и според техничките проверки ги исполнувал сите услови за пловидба. Надлежните информираат дека веќе три години за бродот се прават проверки за исправност од германскиот регистар. (Д.Т.)


#