Маркичката за црква се претвори во линија

На парцелата има обележано две дозволени висини, од 29 метри (за црквата) и од 50 метри (за камбанаријата)

Деспина Трајковска

Во последната верзија на урбанистичкиот план „Мал ринг“ нема маркичка за црквата ниту, пак, за Бурмали-џамијата. Парцелата предвидена за храмот „Свети Константин и Елена“ е обележана со зелена линија, а на местото на некогашниот Офицерски дом, локација на која инсистираа од ИВЗ за џамија, со последните измени на планот се потврдува повеќегодишната идеја за изградба на комплекс на Градска куќа.

Парцелата предвидена за црквата освен што е обележана со зелена линија, всушност, нема истакнато намена за градба, иако сите параметри на графичкиот приказ на ДУП-от укажуваат дека локацијата е резервирана за изградба на храм. На парцелата има обележано две дозволени висини, една од 29 метри и друга од 50 метри, што е идентично со идејното решение за црквата, кое предвидува таа да биде висока 29, а камбанаријата 50 метри. Сепак, иако во графичкиот приказ на парцелата има карактеристичен симбол, во легендата на планот не постои никакво објаснување за видот на објектот, иако во досегашните ДУП-ови со таквиот симбол се означувани верски објекти.

Сите овие факти отвораат простор за сомневање во и онака контроверзниот проект за изградба на храм „Свети Константин и Елена“. Дали последните измени на ДУП „Мал ринг“, за кој Советот на Центар допрва ќе треба да одлучува, воопшто, предвидуваат изградба на црква и ако е така, зошто не е вцртана маркичка, останува нејасно. Во дилема е и архитект Милка Кировска, една од деветтемина кои до вчера учествуваа на јавниот увид на планот кој завршува денеска. Во забелешката Кировска потенцирала оти не е дефинирано што ќе се гради на локацијата за црквата на плоштадот. Според неа, врз основа на приложениот план не може да се констатираат намените на дел од парцелите и поради тоа таа смета оти изложувањето на планот не ја постигнува целта. Во својата забелешка, Кировска упатува апел до неговите автори со молба нивната „професионалност да биде над притисокот од кого било“.

Авторите на измените на ДУП „Мал ринг“ од ИНПУМА вчера не беа во можност да дадат објаснување за дилемите околу парцелата на плоштадот планирана за изградба на црквата. Едниот од нив е на годишен одмор, додека другиот автор не беше расположен да коментира со образложение дека директно повикани за планот се од Општина Центар.

Инаку, со последната верзија на планот за централното градско подрачје не се согласуваат и од ЈП „Водовод и канализација“, кои конкретно забележуваат оти решенијата за хидротехничката инфраструктура се несоодветни. „Во овој ДУП не се предвидени коридори каде што ќе можат да се сместат трасите на многубројните потребни дислокации, иако Законот за просторно и урбанистичко планирање го налага тоа“. Според надлежните од ова ЈП, постојната водоводна инфраструктура на голем број места, односно локации на планот останува под маркичките на новопредвидените објекти и под габаритите на новопроектираните подземни сообраќајници.


#