Само Маневски се спаси

Собранието денес ќе расправа за изборот на новите министри

Оливера Војновска

Од политичкиот земјотрес во Владата што ги зафати министрите во три клучни ресори - евроинтеграции, финансии, образование, потоа земјоделство, двајца заменици на министри, генералниот секретар, се спаси министерот за правда, Михајло Маневски. Иако токму Маневски се споменуваше во сите комбинации за реконструкција на Владата.

Неговото име во изминатиот период се врзуваше со повеќе афери, како што се проблематичната приказна за примањето плата и пензија, но и пензионирањето на неговата сопруга, судијката Филимена Маневска.

Премиерот Никола Груевски експресно најде замена за министрите кои заминуваат од владиниот кабинет и изборот на новите функционери треба да биде верификуван во парламентот денеска на посебна собраниска седница.

Вчера се шпекулираше дека премиерот им се заблагодарил на уште тројца министри (Иво Ивановски, Веле Самак и Елизабета Канческа-Милевска) по што тие „доброволно“ поднеле оставки, но тоа официјално не беше потврдено.

Инаку, Груевски оди на варијантата со оставки, бидејќи доколку предложи разрешување на министрите, а нивниот број биде поголем од седум (една третина од вкупниот број министри во кабинетот), Собранието, според Уставот, ќе мора да одлучува како за избор на нова влада.

И додека се случуваат силни потреси кај вмровските министри, оние од редовите на ДУИ, барем засега, се спокојни. Од партијата на Али Ахмети цело време даваат изјави дека се задоволни од работата на своите министри.

Пратениците уште завчеравечер ги добиле оставките на министрите за образование и за земјоделство, Перо Стојановски и Ацо Спасеновски, како и на заменик-министерот Христијан Делев во Земјоделство и Љупчо Димовски од Транспорт и врски, кој ќе биде избран за прв човек во ресорот за земјоделство.

Во Собранието пристигна и оставката на вицепремиерот Ивица Боцевски, кој прв ја напушти функцијата, како и оставката на вицепремиерот Зоран Ставревски, кој ја поднесува формално за да може потоа да биде избран за министер за финансии. За сите овие оставки во парламентот нема да има расправа, иако доколу сакаат министрите, можат да образложат зошто се решиле на ваков потег.

Трајко Славески, единствениот министер кој Груевски го разреши во овој бран „поради потребата од зајакнување на организацијата и ефикасноста на Министерството“, има на располагање 15 минути да им се обрати на пратениците и да каже нешто во своја одбрана.

Според новиот собраниски Деловник, расправа може да се отвори само доколку тоа го побара некоја пратеничка група и доколку биде изгласано од парламентот. Но, такво нешто тешко дека ќе се случи со оглед на тоа што владејачката коалиција контролира двотретинско мнозинство во Собранието.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Цветанка Иванова, на вчерашната собраниска седница, барајќи да се повлечат точките што се однесуваат на закони од министерствата во кои министрите се во оставка, рече дека поради неуспешната владина политика, оставка треба да си поднесе премиерот Груевски. Според најавите, опозицијата денеска ќе ги искористи сите можности за да го критикуваат „катасрофалното владеење на Груевски кое се граничи со диктатура“. Така што, говорите на пратениците од СДСМ за изборот на новите министри, всушност, ќе бидат насочени кон премиерот. Социјалдемократите велат дека „на седницата ќе може да се слушнат интересни работи“.

Во владејачката ВМРО-ДПМНЕ и вчера не сакаа да кажат ниту збор за проветрувањето на владиниот кабинет. Оттаму се извлекуваа дека „не сакаат да паѓаат на провокациите на опозиционерите“.

Пратеникот Сулејман Рушити од Нова демократија, кој беше министер во претходната Влада на Груевски, го прашува премиерот што се случува навистина во Владата? Рушити е во дилема „дали се работи за лична и професионална неспособност на одделни министри или нефункционирање на владината програма“.

Серијата оставки во Владата и разрешувањето на првиот финансиер за пратеникот од ДПА, Имер Алиу, е доказ за пропаѓање на „еден неуспешен владин проект кој доживеа катастрофален пораз на сите полиња: ЕУ, НАТО, економија...“

Инаку, министерот за образование, Стојановски, за разлика од своите колеги, кои оставките ги образложиле во неколку реченици, своето заминување го образложува на пет страници. Притоа, меѓу другото, тој со жалење констатира дека „и покрај силната и искрена желба, не успеал во залагањата за деполитизација на образовните институции, како и за отстранување на политиката од училиштата“.

Министерот за земјоделство, Спасеновски, во својата куса неотповиклива оставка пишува дека ја дава почитувајќи го „договорот меѓу премиерот и претседателот на СПМ за неговото натамошно ангажирање“. Спасеноски вчера беше во Собранието и на седницата бранеше закони од земјоделскиот ресор. Неговиот заменик Делев заминува од лични причини. Вицепремиерот Боцевски уште минатата недела му напиша на премиерот „дека неговиот придонес во актуелната Влада целосно е исцрпен“. Ставрески кусо навел дека си поднесува оставка поради заминување на друга функција.

Премиерот Груевски го предлага Ставрески за нов министер за финансии (кој подоцна ќе добие и вицепремиерско место во Владата). Образованието ќе го води досегашниот директор на Скопски катастар, Никола Тодоров, а нов министер за земјоделство ќе биде Љупчо Димовски, со Перица Ивановски како заменик- министер. Директорот на СЕАФ-фондот, Владимир Пешевски, и професорот на „Њујорк колеџот“ Васко Наумовски се предложени за министри без ресор, а потоа ќе бидат избрани вицепремиери задолжени за економија и за евроинтеграции. За заменик-министер во Транспорт и врски е предложен Горан Михајловски, вработен во ЈП „Водовод“ во Битола.