Душко Миновски ќе биде разрешен од функцијата ?

Државниот секретар во Министерството за труд и социјална политика, Душко Миновски, кој е од редовите на ВМРО ДПМНЕ, наскоро ќе биде разрешен од досегашната функција, дознава „Утрински весник“ од неофицијални извори. Според информациите до кои дојде весникот, ова му било навестено деновиве од првиот човек на Министерството, односно од министерот Џељал Бајрами. Подетаљно, причините за неговата смена засега не можат да се дознаат ниту од Владата, ниту од надлежните во Министерството. Повторно, според непотврдени информации, дознаваме дека Владата, која е задолжена за именување и разрешување на државните секретари, наводно, има намера на негово место да стави друго, постручно лице.

Портпаролот на Владата, Шефик Дураки, беше изненаден од новинарското прашање за евентуална смена на Миновски. Тој вчера изјави дека во Владата досега не се разговарало на таа тема. (М.Т.)


#