Македонија ги доби забелешките од ЕУ пред финалниот извештај
Ерван Фуере и Пјер Мирел, шеф на делегацијата од ЕУ што дојде во Скопје
Изборите нарушија многу работи во државава, а се пофалува напредокот на економијата
Тамара Грнчароска
Неколку недели пред затворањето на извештајот на Европската комисија (ЕК) за напредокот на Македонија во исполнувањето на европската агенда, вчера и денеска во Скопје се одржува состанок на Комитетот за стабилизација и асоцијација меѓу Македонија и ЕУ, на кој ќе се нотираат деталите од напредокот и застојот во исполнување на обврските од Спогодбата за стабилизација и асоцијација (ССА).
Според информациите до кои дојде „Утрински весник“, на средбата ќе се разгледуваат прашања речиси идентични на оние што се очекува да бидат нотирани во извештајот на ЕК, како што се политички критериуми, економски напредок, имплементација на закони. Главната забелешка е дека „прогресот во осумте клучни приоритети од Пристапното партнерство е нарушен од политичките несогласувања и предвремените избори“.
Делегацијата од ЕУ на чело со Пјер Мирел, директор во Генералниот директорат за проширување на ЕУ, во рамките на политичките критериуми на сметка на Македонија ќе изнесе забелешки во поглед на важноста за реформи на изборната рамка во согласност со европските стандарди и имплементирање на препораките на ОДИХР од изборите во 2006 и 2008 година.
Од нас ќе бидат побарани најнови податоци за изнесување пред лицето на правдата на сторителите на изборните нерегуларности, а ќе биде искажана и загриженост поради бојкотот на Собранието. Македонија ќе треба да даде податоци и за прогресот направен во имплементацијата на Охридскиот договор, вклучително и за новиот Закон за јазици.
Иако официјален Брисел досега спорот со името го минимизираше како еден од критериумите за напредокот на Македонија кон ЕУ, во делот на политичките критериуми делегацијата од ЕУ во Комитетот ќе повика на зачувување на добрососедските односи, вклучително и тоа дека преговорите и изнаоѓањето заеднички прифатливо решение со Грција во спорот за името остануваат клучни.
Во рамките на политичките критериуми ЕУ-претставниците од Македонија ќе побараат разјаснување околу усвојувањето на законите „без нормална парламентарна дебата“. Тие ќе побараат од Владата да направи понатамошни напори во политичкиот дијалог со опозицијата за да се обезбеди непречено функционирање на институциите и остварување одржлив прогрес во реформите.
Од страна на ЕУ ќе биде поздравен прогресот во имплементацијата на Законот за полиција во поглед на системот за менаџмент на човечките ресурси и назначување на сите, нови, регионални командири и командири на полициски станици. Сепак, тие ќе нагласат дека останува голем предизвик во обезбедување на професионалните стандарди во сите делови од земјата, како и обезбедување независност и непартизација на полицијата.
За полицијата е наведена забелешка дека „нерегуларностите направени од страна на полицијата за време на изборите покажуваат проблем со политизација на повисоките полициски офицери“.
Реформите во судството се областа каде што ќе бидеме пофалени од делегатите од ЕУ поради „континуираниот прогрес“, со поддршка до властите да обезбедат имплементација на новиот закон за јавен обвинител и на законот за советот на јавните обвинители. Од нивна страна ќе биде подвлечена важноста за стабилна и кохерентна буџетска рамка за судовите, како и потребата од поголема одговорност и економска независност. Исто така, Македонија ќе биде пофалена за прогресот направен во имплементацијата на антикорупциската политика, со забелешка за потреба од засилување на улогата на Државната антикорупциска комисија.
Во контекст на полициските реформи и борбата против организираниот криминал, и покрај напредокот од последната ср��дба, се' уште се забележуваат недостатоци, како што се на пример соработката меѓу полициските служби и судството на регионално и на локално ниво, Секторот за специјални истражни техники на МВР останува недоекипиран и со недоволна опрема. Исто така, постојат дупки во законите за процедурата за криминална истрага, особено во делот за специјални истражни мерки, пред се' во делот во борбата против корупцијата. Забелешка има и на малиот напредок во борбата против компјутерскиот криминал, каде што е забележан недостиг од персонал и опрема.
Во делот на економските критериуми забелешките што ќе бидат изнесени се повеќе позитивни со наведување дека „економската ситуација се' уште е позитивна, со зголемување на порастот на производството за 5 проценти“. Сепак, нотирани се знаци на влошување на надворешната рамнотежа и остро зголемување на инфлаторниот притисок. Состојбата на пазарот на работна сила, според нив, се подобрува поради зголемување на регистрираните вработувања, иако бројката на невработени останува висока. За невработеноста забелешка на претставниците од ЕУ ќе биде дека, и покрај сите мерки за намалување на невработеноста од страна на Владата, како што е намалувањето на придонесите за вработените, влијанието врз намалувањето на невработеноста е лимитирано.
Комитетот на стабилизација и асоцијација од страна на ЕУ ќе излезе и со свое мислење за секторот енергетика, каде што, според нив, е забележан прогрес во легислативата и либерализацијата на внатрешниот пазар на електрична енергија. Делегацијата од ЕУ ќе искаже загриженост во поглед на пазарот на мобилната телефонија поради ризик од негово нарушување поради продажбата на вториот мобилен оператор на компанијата-мајка на најголемиот мобилен оператор во земјава. |