Хаг ги потврди пресудите
Министри и пратеници беа во судницата во Хаг да ги слушнат конечните пресуди за Бошкоски и за Тарчуловски
Од нашиот известувач Оливера Војновска
Хаг - Огромно разочарување, тага и плач се разлеа во судницата во Хаг кога претседателот на Жалбениот совет, Патрик Робинсон (Робинс), ја соопшти одлуката со која ги отфрли жалбите на Јохан Тарчуловски и на обвинителството за Љубе Бошкоски. Со тоа Трибуналот ги потврди пресудите за 12 години затвор за Тарчуловски и ослободителната за Бошкоски.
Тарчуловски облечен во темен костум со скаменет израз на лицето внимателно го слушаше Робинсон. Тој се растревожи и очите му се наполнија со солзи во моментот кога судијата ги изговори зборовите „во целост се отфрла жалбата на Тарчуловски и му се потврдува пресудата од 12 години. Тој останува во притвор во Шевенинген додека да се определи во која земја ќе ја издржува казната. Се отфрла и жалбата на обвинението за Бошковски“.
Кога Робинсон ги изговараше последните зборови од текстот на одлуката, Тарчуловски се расплака. И не само тој, зад стаклениот параван во судницата плачеа неговите најблиски - сопругата Соња, родителите, пријателите, неговите поддржувачи, кои дојдоа од Скопје за да го бодрат. Додека тие извикуваа „Јохан, Јохан“, тој собра сили да ја крене раката и да ги поздрави и со растреперен глас разочарано изусти: „Тоа е!“
Сопругата Соња не издржа да ја слушне конечната одлука. Разочарана и растревожена излезе од судницата уште кога Робинсон кажа дека се отфрлаат сите седум основи за жалбата на Тарчуловски. Тогаш ја напушти салата, а по неа истрчаа родителите на Јохан и неколкумина блиски роднини. Во таква наелектризирана атмосфера некој од поддржувачите на Јохан го исвиркуваше и му дофрлуваше навредувачки зборови на Бошкоски, кој во салата немаше свои поддржувачи.
Во моментот кога Бошкоски се поздравуваше со адвокатката Едина Рашидови, од салата некој гневно извика: „Што се смееш шпион ниеден, бесрамен предавнику!“ Потоа се редеа пцости. За среќа, не се случи инцидент. Бошкоски и неговиот некогашен пријател во судницата седеа на различни страни и воопшто не се погледнаа. По излегувањето од салата, речиси сите гласно негодуваа незадоволни поради одлуката на судот, убедени дека на Јохан му е направена голема неправда.
Никој од роднините не сакаше да даде изјава, одбија да ја коментираат одлуката и пријателите на Тарчуловски што дојдоа во Хаг со специјален лет на „Скајвингс“, но не во толкав број, како што се најавуваше. Меѓу оние што дојдоа да му искажат поддршка на Јохан беа потпретседателот на Собранието, Светлана Јакимовска, министерот за транспорт, Миле Јанакиески, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Силвана Бонева, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Бичиклиски, пратениците Влатко Ѓорчев, Зоран Петрески, Петар Поп-Арсов, Марија Андоновска, неколку градоначалници, сопственикот на Европскиот универзитет, Бојо Андревски, и адвокатот Ванчо Шехтански.
Одлуката на Трибуналот ја коментираше адвокатот на Тарчуловски, Нејтан Дершовиц. „Ова е срамота! Ова не е суд на правдата. Тоа е повеќе политичка одлука. Пресудата е таква затоа што Македонија е мала земја. Никој не ги осуди САД затоа што во Авганистан секојдневно гинат цивили“, рече Дершовиц. Адвокатот Антонио Апостолски најави дека ќе побараат од Советот за безбедност Тарчуловски да ја издржува казната во Македонија, бидејќи тој е единствениот од државата што е осуден во Хаг.
Пред објавувањето на финалната одлука Робинсон соопшти дека се отфрлаат сите седум основи за жалбата на Тарчуловски. Според Робинсон, Тарчуловски не може да се ослободи од кривична одговорност за убиства, безобѕирно разорување села и сурово постапување. Тоа што можеби постапил по наредба на претседателот на државата, на Владата или на функционери од МВР не го ослободува Тарч��ловски од лична одговорност. Тоа што тој тврди дека не ги прекршил законите и обичаите за војување на државата која била изложена на внатрешен терор од вооружени групи, не ја намалува неговата одговорност на лице што е назначено да раководи операција, соопшти судијата Робинсон.
Хашките обвинители останаа на првичната одлука дека Тарчуловски е виновен, бидејќи според нив, полициската акција во Љуботен била одмазднички чин за претходно убиство на припадници на безбедносните сили на Македонија.
Тарчуловски помина во притвор во Хаг пет години откако по барање на Трибуналот, беше екстрадиран од Македонија. Во 2008 година му беше изречена казна од 12 години, а Бошковски доби ослободителна пресуда и се врати во Македонија. На Тарчуловски сега му останува надеж дека може да побара намалување, но дури откако ќе отслужи две третини од казната. Тоа е слаба утеха за него и за неговите најблиски - сопругата и родителите, кои веднаш по соопштувањето на одлуката, скршени од болка и со лица натопени во солзи, заминаа на аеродромот во Ротердам, па оттаму за Скопје.
Неколку минути пред нив, од Хаг си замина и Бошкоски, кој го напушти судот од подземната гаража со автомобил. Додека тој заминуваше, поддржувачите на Тарчуловски нервозно дофрлуваа: „Бегај предавнику“. (О.В.)
|