Брисел ќе праша каде оди Македонија

ЕК праќа ургентно функционер во Скопје за да види која е идејата зад нападите на Фуере

Слободанка Јовановска

Да нападнеш лично амбасадор на ЕУ на говорница во Европскиот парламент! Навистина оригинален начин за евроинтеграција.

Вака искоментира вчера евродипломат, присутен на инцидентот во Европскиот парламент, каде што пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев, го спореди евроамбасадорот Ерван Фуере со амбасадорите на Советскиот Сојуз од најмрачниот период.

Каде оди Македонија и која беше целта на овој инцидент - се двете клучни прашања што се наметнаа по овој настан, за кои свој став изнесе европарламентарецот Јорго Шамиракакис. Сумирано, тој ја обвини владејачката партија дека му упатува закани да внимава како се однесува, дека му иницира афери за земање мито, дека стилот што таа го применува потсетува на некои луѓе што завршија во Хаг (Милошевиќ), дека не станува збор за инцидент, туку за постојани закани спрема ЕУ-функционери, дека никој не ја принудува Македонија да бара членство во ЕУ и дека, со оглед на сето ова, Македонија заслужува подобро - во смисла друга влада.

Неофицијално, денес во земјата ќе дојде ургентно функционер на Европската унија за да добие одговор на тоа која е идејата од ваквата политика, за која во Брисел веќе нема сомнение дека не е инцидентна туку осмислена, при што првпат директно посочија со прст кон премиерот Никола Груевски. Во Македонија, инцидентот во Европскиот парламент за некои е одраз на некултура, а за други е легитимен гест против амбасадор што не си ја знаел границата.

Перо Димшоски, поранешен државен секретар во СЕП, смета дека ваквиот настан не може да има друга цел освен да се оцрни Македонија во ЕП. „Друг ефект од тоа нема - нула. Амбасадорите на ЕУ се претставници на 400 милиони граѓани и навредувајќи го Фуере ние ги навредуваме нив. Кога одите надвор, одите со цел да придобиете некого за политичките и за стратегиските интереси на земјата. Постои пристоен начин да се оствари тоа, па и да се смени непожелен амбасадор. Клучното прашање е што сме сакале да постигнеме сега, каква цел. Изјавата на Илија Димовски дека партијата стои зад него и дека во Брисел ги бранел интересите на Македонија е неприфатлива. Со неа тој ја потценува интелигенцијата на македонските граѓани“, вели Димшоски.

Професорот Стево Пендаровски посочува дека на листата на подобни амбасадори што ги цитираше Ѓорчев има четворица од влијателните земји и, ако се исклучи британскиот кој е нов, фали амбасадорот на САД. Пендаровски смета дека пораката е јасна, дека тој е во иста група со Фуере. Според него, досега ниту еден претставник на меѓународната заедница од 1991 година вака јавно во интервју, како Шацимаркакис, не искажал толку критики кон актуелна македонска влада.

„Сме имале неколку лоши периоди во односите со меѓународната заедница, а најлош беше оној во 2001 година. Но, ниту тогаш кога бевме изолирани од неа, на јавна сцена не сме имале вакво количество критики. Јас не се сеќавам некој да имал закани од партија на власт во земја-кандидат за членство во ЕУ, а овде не зборуваме за споредни политички фигури, туку за претставник на владејачка партија високо на хиерархијата“, вели Пендаровски.

Според негова оцена, овој инцидент не е случаен, бидејќи политиката на ВМРО-ДПМНЕ почива на неколку антиполитики, а една од нив е антимеѓународната заедница. На иста линија размислува и Нано Ружин. Според него, станува збор за систем на вредности, а не за темперамент на пратеникот. „Инцидентот има подлабоки корени од неговиот темперамент. Тој е резултат на усвоен систем на вредности во оваа партија, во која нема елементарна политичка култура и почитување ако тоа некој го стави во прашање. Маса луѓе што ја кажуваат вистината се третираат како предавници. Станува збор за подлабок проблем од субјективно мислење“, смета Ружин. Според него, голем срам за Македонија е да се спореди ЕУ-дипломат со оние од студената војна, па смета дека е неопходно ВМРО-ДПМНЕ да му се извини на Брисел.

За Слободан Чашуле, пратеникот е носител на сувереноста на државата и неговото право во политичкиот говор е неограничено, но како ќе ја користи таа слобода е прашање на сопствена совест. „Ми пречи веќе подолго време што им дозволуваме на претставниците на странски мисии да бидат арбитри на нашата политика“, вели Чашуле забележувајќи му на Фуере дека влегува во сопствена политичка расправија со власта, пред се', делумно и со опозицијата, а тоа создава нервоза и се користи во домашната политичка битка.

Според него, Фуере може да критикува, но тоа да го прави во институциите, органите, а не на отворање на секоја чешма, бидејќи вака ја крши Виенската конвенција за немешање во внатрешните работи на земјата. „Тој со изјавите мобилизира сојузници во политичката битка и тие потоа ги користат во внатрешнополитичките пресметки, па индиректно учествува во политичката дестабилизација на земјата“, смета Чашуле. Што мисли Унијата, според него, стои во извештајот на ЕК, а Фуере треба да објасни зошто неговиот став дека извештајот бил негативен е во спротивност со оној на еврокомесарот Штефан Филе дека е позитивен. (С.Ј.)





#