Косите им обелеа чекајќи пензија

Тазе пензионираните се жалат дека и по пет месеци, немаат одговор од Фондот на нивното барање

Јасмина Јовановска

Многумина граѓани во земјава што завршиле со својот работен век со месеци чекаат да се стекнат со право на пензија. Некои од нив се жалат дека и по пет месеци немаат одговор на нивното барање за пензија од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, иако ги исполнуваат условите за пензионирање. Поголемиот дел од нив сметаат дека постапките за добивање пензија Пензискиот фонд намерно ги развлекува, односно намерно доцни со решавањето на нивните предмети.

Некои од кандидатите за старосна пензија дури зборуваат дека барањата за пензии не се разгледуваат, бидејќи во пензиската каса нема доволно пари за исплата на постојните пензии, а не да се најдат пари, пак, за намирување нови пензии.

Една жена, која едвај дочекала да дојде до пензија, зашто има сериозни здравствени проблеми, беше запрепастена од односот на вработените во ПИОМ. „Како не им беше срам да ми кажат дека го изгубиле предметот, а кога дојдов повторно, ми кажаа дека го нашле. Зар предметите се игла, па тукутака да може да се изгубат. Или некој не си ја врши работата како што треба. Канцелариите во Фондот се полни со лица кои не само што не си ја знаат работата туку едвај може да се разберат со луѓето. Или, пак, можеби им е наредено да ги развлекуваат намерно постапките“, вели оваа идна пензионерка, која повеќе од 30 години работела како медицинска сестра и која на пензија чека од август. Друго прашање е тоа што цели пет месеци оваа жена нема никакви примања. „Да не беше пензијата на мажот ми, која е околу 12.000 денари, ќе умрев за леб. Секој ден пијам една рака лекови, за кои трошам најмалку по 2.000 денари месечно, па ни останува толку колку да преживееме“, додава оваа жена.

Има и слични поплаки. „Уште од август имам поднесено до Фондот за ПИОМ барање за пензија. Наполнив 62 години и имам право да се пензионирам, според законот. Ги доставив сите документи кои беа наведени во листата што ми ја дадоа со барањето. Но, со секое одење во Фондот ми велат дека недостига уште некој документ. На пример, немало документ за неколку месеци стаж, па потоа некој документ за боледување и слично. Зошто не ми го кажат тоа на почеток, кога го компелитираат предметот, туку ме малтретираат да се враќам по неколку пати во Фондот, иако здравствената состојба не ми дозволува многу да се шетам“, револтирано раскажува една жена од Куманово, која не сака да го открие идентитетот за да нема проблеми. Речиси целиот свој работен век го поминала како наставничка во едно основно училиште. Сега, како што вели таа, кога треба да ужива во пензионерските денови, се нервира и мака мачи како да дојде до пензија. „Како да им барам милостина, а не тоа што ми следува согласно со законот“, вели оваа кумановка.

На слични проблеми се пожали и Р.С., кој сакаше да остане анонимен. Тој требало дел од пензијата да добие од странство. „Имав трпение додека да ги соберам сите документи, зашто дел од пензијата треба да ја добивам и од Германија. Имаше и изгубени документи за дел од стажот. Додека ги собрав сите, поминаа речиси три месеци. А тие од Германија дојдоа за нецел месец. И кога на крај мислев дека целата работа е завршена, ми рекоа дека таа што го водела предметот не е тука, си заминала на боледување. И што сега, треба ли јас да ја чекам госпоѓата да се врати од боледување, а ако се врати по неколку месеци, што дотогаш“, прашува овој човек, кој цел живот работел физичка и тешка работа на објекти како електроинсталатер.

Зошто луѓето со месеци чекаат да добијат решенија за пензија, не добивме конкретен одговор. Раководството на ПИОМ си ја префрлаше топката еден на друг, со оправдување дека другиот ја знае повеќе областа. Од Фондот, сепак, се правдаат дека доцнење во разгледувањето на предметите имало само кај одделни случаи.

„Зависно од комплетноста на документацијата во предметот, зависи и времето на постапката за решавање на правата. При поднесување на барањето, не се врши контрола на податоците во документацијата што се поднесува, туку тоа се прави во понатамошната постапка, при што може да се укаже потреба од дополнителна документација или корекција на веќе доставената“, велат од ПИОМ, но зошто е тоа така не ни одговорија. Како што велат од Фондот, на службите, секако, им требало време, зашто комплетирањето на предметот било сложен и одговорен процес, бидејќи во стаж на осигурување се зема целиот работен век на осигуреникот, или се контролираат податоците од 1970 година досега.

Од ПИОМ, сепак, потврдија дека е можно во последниве два месеца да имало мало задоцнување во решавање на барањата за пензија, зашто сега биле во фаза на тестирање на електронскиот систем на комплетирање на предметите на идните пензионери. „И сега по електронски пат се издаваат решенијата, но се воведува систем со кој по електронски пат ќе се комплетираат предметите и ќе се разгледуваат барањата, со што ќе се скрати времето на чекање“, објаснуваат од ПИОМ. Оттаму негираат дека развлекувањето на постапките за пензија има каква било врска со немање пари во пензиската каса.

Поради краткиот рок за одговор, од ПИОМ се оправдаа дека не се во можност да достават подетални податоци за поднесени и решени барања. Но, тврдат дека од поднесените барања за старосна и за семејна пензија од август досега биле решени над 80 отсто, а останатите биле во постапка на решавање.

Инаку, јавна тајна е дека парите што се собираат од пензиските придонеси во пензиската каса не се доволни за пензиите на околу 270.000 пензионери. Околу триесет отсто од трошоците за пензиите се покриваат од државниот буџет.


#