Пеколот на азилантка од Куманово во Ротердам
Столе Божиновски
КУМАНОВО - Мајка на три деца, азилантка од Македонија во Холандија, преживува вистински пекол во прифатилиште во Ротердам. Одделена од своите деца, кои живеат во три различни града во Холандија, шлогирана по мозочниот удар и едвај подвижна, во ретките можности за телефонски контакти со најблиските во Македонија плаче и моли за помош. Последна надеж, како што вели, и' се македонските медиуми за нејзината судбина да излезе во јавност.
Триесет и осумгодишната Шерибане Рустеми од Куманово е самохрана мајка на две ќерки и син, родени во проблематичен брак во Германија. Тие, со холандско државјанство, живеат на три различни страни. Не го знаат албанскиот јазик и не контактираат со мајката. А таа деновите и ноќите ги минува во прифатилиште за азиланти-бегалци од Косово во Ротердам. Фатени и' се десната нога и рака и се жали на несоодветен третман од медицинскиот персонал во амбулантата на центарот. Го проколнува денот кога се родила и кога тргнала на пат за поубав живот на запад.
За нејзината судбина сега плаче само татко и' Бедри Рустеми (мајка и' починала пред две години). Тој залудно оди по институции и поединци и моли за помош за своето чедо во туѓина. Според него, не треба многу, само министерствата за правда на двете земји да се договорат и на неговата ќерка да и' дадат двојно државјанство или, евентуално, само државјанство на Холандија. Така ќе може да излезе од азилантскиот центар и да биде со ќерките Мерита (19) и Ресмија (17) и синот Егзон (16). Првото дете е родено во Куманово, а двете помали во Германија.
„Се' почна во средината на осумдесеттите години. Тогаш зетот З.Б., кој е од Липково, реши со семејството да замине во Германија и таму да се пријави како бегалец од Косово. Меѓутоа, набргу, поради различни испади, им паднал в очи на тамошните власти, па како криминалец го екстрадираа на Косово од каде што побегна во Македонија. Потоа се поврзувал со лица од подземјето, успеал да се префрли во Австрија и набргу во Германија каде што продолжил со илегалниот престој. Во меѓувреме, семејството им се прошири со уште две деца, а ‘бегалецот‘ од Косово засекогаш беше протеран и екстрадиран во Македонија. Во Куманово, со помош на потплатени судии и адвокати, успеа да добие фиктивен развод од Шерибане во Германија, а во меѓувреме таа успеа да емигрира во Холандија‘‘, раскажува таткото Бедри Рустеми.
Таму на Шерибане, како самохрана мајка, бегалка и азилантка со три деца и' доделуваат стан, но и таму се појавува нејзиниот сопруг. Продолжува истата приказна, на Шерибане и' ги одземаат станот и децата, а таа илегално ја преминува холандско-белгиската граница каде што бара азил.
„Белгиските власти ја екстрадирале во Холандија и таму, поради илегално преминување на границата, ја сместиле во азилантски камп во Ротердам заедно со неколку стотици бегалци од Косово. Во логорот се разболела“, вели таткото Бедри Рустеми. Тој во кумановскиот суд успева да издејствува законски развод на неговата ќерка од зетот од Липково. Трите деца и' се доделени на мајката.
Така вели нашиот суд, но не и холандскиот закон. Децата добиваат холандско државјанство, а нивната мајка останува да страда во азилантскиот центар. Петнаесет години е без никаков статус и никакви граѓански права. Не и' било дозволено да дојде ниту на погребот на мајка и' пред две години. Ја црнее судбината, плаче за своите деца и моли за помош.
Нејзиниот татко, познат активист во невладини организации и докажан меѓународен хуманитарец, вели дека изодел многу и чукнал на сите врати, но никако да ја отвори вистинската што се вика доброчинителство и разбирање за маките на луѓето. |