Јавноста изненадена од нехристијанските клетви на Иванов

Настапот на Ѓорге Иванов во Могила и спомнувањето клетви се „застрашувачки и во морален и во интелектуален поглед“

Билјана Јовановска



Обраќањето на претседателскиот кандидат Ѓорге Иванов пред насобраните жители на Могила, главно млекопроизводители кои со месеци ја чекаат исплатата на млекото, не само што таму, на самото место, беше пречекано со свирежи туку ја шокира и македонската јавност. Претендентот за највисоката функција во државата ги измеша лончињата и на запрепастување на присутните стасал до клетвите.

Откако ја „оправда“ Владата дека таа не е „овластена да го решава проблемот на млекопроизводителите“, на насобраните на предизборниот митинг им порача да му се обратат на претседателот Бранко Црвенковски. Иванов, откако претходно го обвини СДСМ дека ги „испратил да му го растурат митингот“, почна да „реди“.

И така, човекот кој себеси се декларира како верник во деновите на пост не се стеснуваше да каже: „Тие што зло мислат, зло прават и зло ги снаоѓа. Ако не сега, до седмо колено зло ќе ги следи. Затоа, немојте да мислите на лошо, немојте да мислите на зло, оти злото ќе си дојде. Кога човек мисли на добро, и добро му доаѓа. Така и млекарите треба да мислат дека ќе дојде решението“.

Иако во јавноста ова, во најмала рака, необично обраќање, вчера беше топ-тема во сите муабети, најповиканите за толкување на ваквата реторика на претседателскиот кандидат - владиците на Македонската православна црква - беа без текст. Сите со кои стапивме во контакт, помалку или повеќе, имаа ист одговор: „Не сум го слушал, не можам да коментирам“. Зошто ги одмолчаа клетвите, нема да коментираме, бидејќи ваквиот став доволно говори за релациите на МПЦ со актуелната власт.

Македонија процентуално има голем број верници, но сепак, кога цивилни лица се ставаат во улога на свештеници и се плеткаат онаму каде што не им е местото, тоа редовно наидува на критики. Колку за потсетување, на реакции наидуваа и изјавите на претседателот Борис Трајковски, кој знаеше да каже „Благословена да е Македонија“, иако, за волја на вистината, тој беше и вистински пастир на Евангелско-методистичката црква.

Примерот од Могила не е единствен. Иванов многу често користи слична реторика, наспроти фактот дека Библијата строго го забранува фрлањето клетви (доколку не станува збор за еретичко учење, но и тогаш тоа го прави Црковен собор). Доколку продолжи во ист стил, велат, ќе и' нанесе штета и на партијата што го кандидира, а ВМРО-ДПМНЕ претендира дека ги почитува и се залага за христијанските вредности.

Со таквиот начин на комуникација, како што објаснуваат нашите соговорници кои од разбирливи причини инсистираа на анонимност, Иванов осудува секакво друго мислење, поразлично од неговото. А тоа не е ништо друго, туку најгрубо непочитување на самиот концепт на човековите права и на слободата на изразување. Згора на тоа, што за еден потенцијален шеф на државата е крајно непримерен начинот на вакво изразување.

За проф. Љубомир Цуцуловски, настапот на Ѓорѓе Иванов во Могила и спомнувањето клетви се „затрашувачки и во морален и во интелектуален поглед кога некој, па дури и да е претседателски кандидат, фрла анатема врз цел еден народ или врз еден негов дел што мисли поинаку“. Тоа е, вели, уште една потврда дека живееме во периодот на средновековието.

„Ако добрите мисли добро носат, а злите - зло, тогаш следува дека господинот Иванов треба да си седи дома и да мисли само на убави нешта, па, според таа логика, ќе стане претседател без да оди низ селата“, забележува Цуцуловски.

Професорот појаснува дека ваквите обраќање се „во целосна колизија со христијанските принципи, според кои треба да се напушти еврејското обичајно право „око за око, заб за заб“ и да се замени со христијанската љубов: „Кој тебе со камен, ти нему со леб“. Но, изјавата на Иванов не само што не е на нивото на христијанството, туку со ваквата реторика сите не' враќа во претхристијанскиот период, во периодот на јудаизмот“, смета Цуцуловски.