„Го преживеавме Титаник, и' побегнавме на смртта“
Неколку часa по трагедијата бугарските туристи не знаеја што, всушност, се случи
Горан Адамовски
ОХРИД - Исплашени, шокирани, бледи. Четириесетина бугарски туристи успеаја да и' побегнат на смртта во бродската несреќа кај Охрид. Седнати во приватните куќи каде што биле сместени за време на нивниот престој во Охрид, веднаш по несреќата, со чаша вода, шеќер и сокови, се обидуваа да сфатат што им се случило и што можело да им се случи. Ја победија смртта, и' погледнаа в очи и побегнаа од неа.
„Мислевме дека ‘Титаник‘ е само филм, кој не може нам да ни се случи. Го гледав филмот, се прашував низ што минувале тие луѓе кога се случувал бродоломот. Сега и јас знам“, едвај зборува Зоја Ванева од градот Пирдоп, во близина на Софија. Таа има повеќе од седумдесет години. Во Охрид дошла пред седум дена. Заедно со брат и' секоја година престојувале во Охрид. Преживеаја и двајцата. Ова и' било првпат на Ванева да се вози со брод.
„Една седмица бевме тука. Сакавме да го видиме ‘Св. Наум‘. Кој можеше да претпостави што ќе се случи“, зборува Ванева. Како се случила несреќата и како успеала да преживее - на овие прашања повторно и' доаѓаат солзи.
„Бев горе на палубата од бродот. Во еден момент бродот се наведна, почнавме да паѓаме надолу, во водата. Се слушаа врисоци. Паднав во езерото, почнав да пливам. Дојдоа спасувачи од другите бродови што беа во близина. Ни фрлија елеци. Земав еден, го ставив на себе. Се спасив“, раскажува таа.
И Цветина Глигорова од Златица се спаси од најлошото. Неа и нејзината пријателка, со која дошле на летување во Охрид, ја спасиле луѓето што им дошле на помош. Ја ставиле во чамец и ја однеле на брегот. Вели дека едвај чека да си замине дома.
„Не сакам да мислам ниту на Охрид, ниту на летување на кое било друго место. Сакам само безбедно да пристигнам дома. Знам само дека на брод никогаш повеќе нема да се качам“, растревожено зборува Глигорова.
Најголемиот дел од патниците во бродот биле повозрасни лица. Велат дека во бродот имало само едно девојче. Бугарските туристи негираат дека бродот се преполовил.
Раскажуваат дека се' се случувало за момент. Се слушнал силен звук, бродот се наведнал и потонал во езерото. Голем дел од патниците биле во кафулето долу во бродот. Најголем дел од жртвите се пронајдени во бродот, бидејќи водата веднаш го поплавила тој дел, а патниците немале време, ниту можност како и од каде да излезат. Имаат големи забелешки што на бродот имало само два елека за спасување.
„Се спасуваше кој како знае и може. Преку мртви тела се водеше битка за живот. Грозно, нема зборови да се опише оваа трагедија“, зборуваат преплашените туристи, кои со специјален авион на бугарската Влада доцна во саботата навечер заминаа за Бугарија. |