ЕДИТОРИЈАЛ

Фамилијарниот бизнис во Центар

Сања Наумовска

Bладимир Здравев остана на чело на Советот на Општина Центар. Ја напушти фотелјата во моќната државна компанија МЕПСО за неудобното советничко столче. Ја остави и петпати поголемата плата за сметка на советничкиот паушал. За да остане народен избраник, се откажа и од многу привилегии и повластувања. Два и два се пет само во политиката, што јасно се гледа и од математиката на Здравев.

Како што и самиот тој пред два дена си рече, откако ја оправил компанијата, сега е ред да се посвети на партијата и на партиските задачи. Се разбира, да ги оправи и семејните бизниси. А, токму тие се главната причина што ги натера првите луѓе од неговата матична ВМРО-ДПМНЕ да му наложат да го задржи претседателското место во Советот на Центар. Очигледно е дека градоначалникот на Општина Центар, Владимир Тодоровиќ, не може да ја заврши работа, па потребна е цврста фигура што ќе ги истера партиско-семејните интереси до крај. За разлика од Тодоровиќ, кој иако често зборува, дава површни и конфузни информации, Здравев не зборува, туку дејствува, а евидентно е дека има големо влијание врз советниците. Многупати досега докажа дека под неговата палка дисциплинирано се гласа за проблематичните урбанистички планови, тајно сработени во партиските кујни.

А, бизнисот не смее да трпи. Шоуто продолжува по секоја цена. Полека, полека се отвораат картите, поточно ДУП-овите. И не сите планови се врзани со мегаломанскиот проект „Скопје 2014“. Лавови, скулптури, споменици, војници, фонтани... Но, очигледно, тоа не е доволно, власта има сила за уште, па деновиве ги почести скопјани со уште еден ДУП, со кој зафаќа во Старата железничка станица. Ќе се доградува објектот и ќе биде влез во огромен деловен комплекс!

Железничката станица, која повеќе од четири децении е најважниот потсетник на големата трагедија, сега треба да добие нова намена. Ќе биде претсобје за влез во продавници, сендвичарници, кафулиња... Како ќе изгледа, кој ќе ја изгради, за што ќе се користи, каде ќе заврши Музејот на Скопје... Ништо не се знае. Ако граѓаните на избори им го даваат мандатот на парламентарецот, премиерот или на градоначалникот, тоа автоматски не значи и дека им дозволуваат да се однесуваат како да не се од оваа планета. Треба да се почитуваат закони, а најзначајниот градски закон е, секако, Генералниот урбанистички план.

Но, јасно е дека парчето земја, еден од најзначајните споменици за овој град врзан за спомените на генерации скопјани, дел од колективната историја на Скопје, е една од последните слободни неизградени локации во строгиот центар на градот. Очигледно, приоритетот на фамилијата е бизнисот врзан со парцелите и со земјата. Не е ниту НАТО, ниту ЕУ, ниту, пак, економијата и инвестициите. А, за остварување на приоритетите, вреди да се направи жртва, па макар тоа да биде и директорска фотелја.

Алчните не се потресени што мислат граѓаните. Не ги интересира ниту стручната јавност, која моли да биде сослушана. Планот се донесува по скратена постапка, како еден од приоритетите на Владата. Прескокната е нацрт-фазата, во која јавноста и стручњаците можат да го кажат своето мислење. Насила се наметнуваат волјата и интересите на еден грст луѓе, насила се менува ликот на градот само затоа што некому така му е ќеф.

Сега се осмелуваат да зафатат и во еден од најсветите спомени на една колективна трагедија што го снајде овој град. И која го направи Скопје ова што е денеска. Старата железничка станица е заштитен објект, но кому му значи тоа. Уште отсега се знае дека „компетентните“ надлежни институции веднаш ќе дадат амин ако некој реши да ја догради фасадата, без да се замислат што вели законот. А, нам, всушност, ни треба само еден булевар.


#