Молебенот на г.г. Стефан во Рим ја крена на нозе Грција

Архиепископот зборуваше дека во Грција се прогонува се' што е македонско

Атина – Грција остро ги обвини државните и црковните лидери во Македонија за спрега во водење иредентистичка политика, која ја загрозува стабилноста на Балканот и ја оддалечува државата од ЕУ и од НАТО.

Острата реакција на грчката влада, политичарите, црквата, како и медиумите, уследи по говорот на поглаварот на Македонската црква архиепископот Стефан во Ватикан. Тој на чествувањето по повод Денот на сесловенските просветители, во присуство на државната делегација, наведе дека Грција го негира постоењето на македонската нација и црква. Од МПЦ, пак, тврдат дека одделни делови од обраќањето се извадени од контекст.

„Свети Кириле, денес во твојот и наш Солун е камен на камен од твоето дело! Денес во твојот роден град се' е пепел и прав и нема ни буква, ни слово од јазикот твој и наш. Таму се прогонува се' што е македонско и се негира и името на земјата и името на црквата, се негира – вистина“, беше пренесено дека рекол поглаварот Стефан, на молебенот на гробот на сесловенскиот просветители св. Кирил во црквата „Сан Клементе“ во Ватикан.

„Таквите иредентистички изјави се опасни за регионалната соработка и стабилноста во кревкиот регион на Балканот“, нагласи во реакцијата шефицата на грчката дипломатија Дора Бакојани. Таа посочи дека изјавата на архиепископот Стефан, дадена во присуство на премиерот Никола Груевски, била крајно провокативна и целосно неприфатлива и, пред се', ги докажала исправноста на грчките аргументи и ставови кои инсистираат на решавање на прашањето за името.

„Се' додека остане нерешено ова прашање, ќе служи како алатка и средство на застарен и историски неоснован иредентизам, опасен за регионалната соработка и стабилноста на кревкиот Балкански регион“, наведе Бакојани. Шефицата на грчката дипломатија предупреди дека Македонија „не може да оди напред кон евроатлантска иднина се' додека е заробена во иредентистички ставови од минатото“.

На жестоките реакции од Атина вчера со соопштение до јавноста реагираше Кабинетот на архиепископот на Македонската православна црква. Во него, меѓу другото, се вели: „Ниту некогаш, ниту сега, не може да се негира дека Солун не е татковина на првото наше и сесловенско писмо, составено врз основа на говорот на тогашните тамошни жители. И токму затоа, Солун духовно и културно ни припаѓа нам и на сите словенски народи во сите времиња. Оттаму сосема е поинаква пораката, изречена во словото на поглаварот на Македонската православна црква на молебенот на свети Кирил во Рим и таа исклучува какви било ’територијални претензии‘ и е намерно злоупотребена со тоа што зборовите се грубо извадени од нивниот непосреден контекст“.

Во појаснувањето од МПЦ, спорниот дел гласи: „Денес во твојот роден град се' е пепел и прав и нема слобода ни за книга, ни за буква ни за слово од јазикот твој и наш. Во крајот во кој сите тогаш говореа како тебе и како ние денес, во ова наше време, забрането е не само говорењето и молењето на тој јазик, туку и постоењето. Денес, за жал, таму однесувањето е полошо од она на тријазичниците во твое време. Светителе, денес е се' урнато од она што би потсетувало и на тебе и на нас, и во Солун и во Кукуш, и во Лерин, и во Костур. Таму не само живите, туку и покојните немаат мир“. По цитирањето на овој дел, од МПЦ констатираат: „Колку би биле среќни да чуеме барем еден противаргумент, дека барем нешто од ова не е точно“.

Грчката црква во реакцијата преку солунскиот митрополит Антимос наведе дека Грција никогаш нема да се согласи името Македонија да биде украдено и присвоено од нејзиниот северен сосед. Кон острата реакција се приклучија и градоначалникот на Солун и пратеници од различни партии, а коментари објавија и повеќето весници. (П.Р.)