09.01.2012, 17:35 Мое ќоше
Корупцијата почнува од пелени
Ерол Ризаов
Криминалот е најсилен консензус на нашите леви, десни и странични сили
Одвреме-навреме ќе не' разниша по некој коруптивен политички и медиумски земјотрес. Возбудата трае извесен период додека некој уште поголем скандал не го покрие претходниот. И така со ред. Често амнезијата ја покрива загадената почва со троскот, што остава привид на чиста човекова околина. Понекогаш има долги судски процеси и по некоја спектакуларна експресна пресуда. Секогаш тоа најмногу зависи од потребите и од мотивите на нарачателот кога и зошто открива стари арамилаци, направени пред повеќе години, а ги прикрива новите направени вчера и денес. Но, она што не се менува никогаш и останува како цврста постојана константа, како начин на живеење на Балканите, тоа е корупцијата. Ова не е балкански специјалитет. Откако е векот и светот постои митото на мало и на големо на милион разни начини. Има региони каде што рушветот почнува од пелени, а некои велат и порано.
Последниот коруптивен скандал во Македонија со подмитување наши политичари од „Дојче телеком“ и „Маѓар телеком“ во 2005 и 2006 година по многу нешта е специфичен и невообичаен, дури и за наши прилики. Прво, по начинот како стаса овој скандал во својата татковина и, второ, по молкот за ова злодело и од власта и од опозицијата кои наизменично по десет години рамноправно ја водат државата на организираниот криминал. Во ова пата- пата владеење, криминалот е најсилен консензус на нашите леви, десни и странични политички елити. Веста од Америка, од Министерството за правда и од американската Комисијата за хартии од вредност, многу кажува за длабоките корени на организиран криминал, многу веројатно и во овој случај. Поинаку тешко е да се објасни молкот и на власта и на опозицијата. Трагично е сознанието дека нашиот правен систем е немоќен да се справи со ваков криминал, како што тврди јавниот обвинител Марко Зврлевски. Тоа што во Америка е доказ за криминал, во Македонија не е. Нема докази дека тие пари завршиле на приватни сметки, вели обвинителот. И точка. Нема постапка. Од ова потрагично е само сознанието ако во државата е во тек обид да се забошоти еклатантен пример за поткуп, за кој митаџиите платија казна од 90 милиони долари, а подмитените се на слобода. Тогаш тешко кој било ќе верува дека се работи за недостиг од докази или за неизграден правен систем. Попрво е дека се работи за класичен случај на организиран криминал, каде што се затвораат вратите за истрага.
Каде се корените на нашиот коруптивен систем од „колевке, па до гроба“. Уште неродени почнуваат подготовките за „мало внимание“ при изборот на доктор кој прв ќе ве изнесе на светлината на денот да ја почнете одисејата низ животот. Потоа првиот попуст на она што не сме го заслужиле штедро ни го даваат родителите. Во детската градинка ги гледаме и чувствуваме разликите на специјален и помалку специјален третман по доктрината на нашите педагози, потоа доаѓа училиштето каде што сите сме одлични, некои се помалку одлични, некои повеќе одлични што не зависи од тоа колку знаеме и колку учиме. На високите приватни и државни студии се' побрзо дипломираме, магистрираме и докторираме, научно апсолвирајќи ја корупцијата и со тоа јавно се гордееме како голем успех. Потоа со трк право во партиските филијали по членска карта и по сопственото мислење кое несебично ни го даваат партиските стратези и инженери на нашите кариери. Потоа кроце одиме на избори каде што се одлучува нашата судбина и иднина наместо нивната. Ако паднеме на изборите, повторно експресно менуваме страна и трк во победничката партија. Работното место и напредокот на скалите на кариерата ни е обезбеден, се гордееме како големи патриоти подготвени и да умреме за татковината на корупцијата и за партијата. И кога ќе ни се наруши здравјето и кога влег��ваме во есента на животот, имаме, од уста двоејќи, тргнато настрана некоја паричка да дадеме нешто за подобар третман во болница, за подобра нега во старечки дом. И на последното патување кога сите сме исти пред бога, во библиска Македонија не е така. Мора да се даде нешто под рака и за добар пат на оној свет. Амин. |