И наша жена работи во облаци

Катерина Кајсторовска е единствената жена-пилот во Македонија, која речиси две децении наместо чекори, брои воздушни милји

Миркица Поповиќ

Додека секое понеделничко утро во Скопје возачите се борат со кошмарот наречен редици автомобили на улиците и недостиг од паркинг, Катерина Кајсторовска чека одобрение од контролата за летање за слетување на аеродромот во Виена. Скопските возачи се пробиваат со по некоја гребаница низ тесните паркинзи, чувствуваат мала омраза спрема оној што им го „украл“ местото за паркирање, а Катерина претпазливо го чека конечниот допир на авионските тркала со земјата, ги исклучува моторите и им се заблагодарува на патниците за укажаната доверба.

Катерина Кајсторовска е единствената жена-пилот кај нас и жената во чии раце патниците ја ставаат својата доверба за безбеден лет до некоја од европските дестинации - речиси две децении. Пријателски расположена, амбициозна и, едноставно, пријатна, Катерина живее во облаци од својата петнаесетта година. Моментно работи како подофицер, меѓу народот познато како копилот, а паралелно го завршува и своето образование за капетан. Нетрпелива е да ја заврши обуката за капетан на симулатор и земјената обука и, конечно, да седне на левото, капетанско седиште. Образованието за пилот го започнала уште на 15 години во Академијата за летање на ЈАТ. Работела седум години како стјуардеса во „Авиоимпекс“, потоа продолжила со студиите на Академијата на ЈАТ. Во 2002 година започнува со обука во МАТ за управување со „боинг 737-300“, а таму работи се' до затворањето на компанијата. Од минатата година работи кај домашниот авиопревозник „Ерлифт сервис - скајвингс“, каде што покрај подофицер, ја врши должноста и менаџер за безбедност.

Професијата го прави секој нов ден од нејзиниот живот различен од претходниот. „Секој безбедно завршен лет се вбројува во редот добро завршени приказни. Динамиката е голема, но тоа целосно ме исполнува. Се пронајдов себеси во оваа професија. Отсекогаш сакав да бидам пилот и можам да кажам дека сум една од среќните затоа што го исполнив животниот сон“, вели Катерина Кајсторовска на паузата до следното патување од Виена кон Скопје. Раскажува дека во почетокот на кариерата имало пречки и чудни погледи од околината кога се изјаснила дека ќе работи на остварување на сонот да стане пилот. За среќа, работи во средина каде што целосно е прифатена од колегите без никакви предрасуди, а на шега вели дека токму поради таа рамноправност нема ни некакви привилегии, односно мора да го работи истото тоа што го работат и мажите.

„Професијата бара постојана надградба. Моментно ги завршувам студиите по туризам, а потоа планирам и постдипломски студии на Технолошкиот факултет во Битола, на насоката за авијација. Оваа професија бара да си цел, постојано сконцентриран на работата. Зема огромен дел од животот и бара многу откажувања“, коментира Катерина. Екипажот на авионот е обврзан да биде најмалку еден и пол час на аеродромот пред патниците. За утринските летови е потребно да се стане рано, поради тоа често изостануваат дружбите со пријателите и ноќниот живот.

„Навикната сум на овие откажувања, бидејќи млада влегов во светот на авијацијата, професија која бара многу учење. Не ми е тешко, напротив, интересно е поради новите предизвици што се појавуваат постојано. Технологијата во авијацијата постојано напреднува. Сега имаме и нови прописи на кои се навикнуваме поради пристапувањето на Македонија кон Воздухопловството на заедничките власти. Имаме нов законски систем и очекуваме да добиеме дозволи кои ќе бидат европски признаени“, раскажува таа, додавјаќи дека и покрај жртвите што ги прави во приватниот живот, не би ја менувала професијата.

Подготовките за летање, како што ни објасни, се одвиваат во неколку етапи. Најпрво се оди во оперативниот центар на компанијата, каде што се собираат податоци за временските услови, се добива распоред на времето на летање и можните задоцнувања, потребното количество гориво, бројот на патници и предвидениот товар за авионот. Секој вторник се добива план на летање, според кој екипажот знае точно каде ќе биде таа недела. По работата во оперативниот центар, се оди на аеродром и започнуваат проверки на надворешната состојба на авионот поради можни технички проблеми. Сето ова, како што потенцира Катерина, е дополнителна проверка на претходната техничка проверка на авионот, бидејќи има книги со технички детали кои екипажот на авионот мора да ги разгледа. Доколку тоа помине в ред, се преминува на навигацискиот дел каде што се внесуваат податоци за дестинацијата и плановите за летање. Последниот чекор пред подигањето од земја е влезот на патниците и добивањето дозвола од контролата за летање.

Според Кајсторовска, најголем непријател во воздухопловството е маглата. Некои од проблематичните ситуации со кои се соочила се слетување на друг аеродром поради магла или други временски непогоди, но, за среќа, не била принудена да се соочи со пострашни проблеми. Ако во краен случај дојде до голем проблем, таа нагласува дека пилотот е подготвен за брза реакција и справување со ситуацијата благодарение на постојаниот тренинг на симулатор.

Со жалење вели дека кај нас се' уште нема институција за обучување на авиоекипаж, но оптимистка е дека ќе се променат работите во иднина. „Многумина ми се обраќаат за информации за школување, така што можам да кажам дека реално постои голем интерес за професијата. Сепак, обуката за да се стигне до овој степен е скапа, па можеби и тоа е делумно причина зошто во последните години немаме едуциран кадар. Се надевам наскоро да добиеме свој центар преку кој авијацијата ќе им ја приближиме на луѓето. Едно е работите за летањето да се осознаваат преку Интернет, а сосема поинаку е кога практично ќе се почувствува“, вели Кајсторовска на крајот од разговорот.

Време е таа да ја преземе контролата, а патниците да седнат на своите седишта, да ги врзат појасите и да ги исправат седиштата. Моторите се вклучени, светлата и мобилните исклучени, а во пилотската кабина се отвора уште една нова приказна.


#