Истрагата за сообраќајката на Тоше, конечно, тргнува од мртва точка

Вештачењето на џипот, кое е клучно за истрагата, ќе започне за две недели, а ќе заврши за еден месец

Горан Адамовски

Точно 243 дена семејството Проески, цела Македонија и Балканот се прашуваат што се случувало тоа кобно утро на 16 октомври минатата година кога кај Нова Градишка засекогаш одлета македонскиот славеј Тоше Проески. Речиси осум месеци подоцна се' уште не е расветлена мистеријата како се случи сообраќајката што ја зави во црно целата земја. Наместо брза и ефикасна истрага, „туарегот“ со месеци остана недопрен во хангарите на Машинскиот факултет во Скопје, а се „расклопуваат и шират“ само теориите според кои Тоше бил жртва на заговор.

„Многу работи ќе се разјаснат ако биде вештачен џипот „фолксваген туарег“, бидејќи ќе стане јасно зошто по ударот не се отворија воздушните перничиња на новото возило вредно 60.000 евра“, е реченицата која се повторуваше како расипана плоча сите овие месеци. Но, зошто не го вештачеа ниту Хрватите ниту македонските истражители, барем засега, е прашање без одговор. По разни патешествија и криенки, џипот на 2 март пристигна во Скопје. Експерти од Машинските факултети во Скопје и во Битола, сообраќајни инженери и стручњаци од Електротехничкиот факултет во Скопје, со месеци чекаа да добијат дозвола да почнат со експертиза на џипот. Се шпекулира дека проблемот настанал кога некои од експертите побарале голема сума за вештачењето, на што надлежните не можеле да дадат одобрение.

По многу натегања, „Утрински весник“ дознава дека експертизата ќе започне за неколку дена. Нашите извори велат дека Обвинителството силно притиснало експертизата да започне, по што од Машинскиот факултет дале ветување дека вештачењето ќе започне за петнаесетина дена, а ќе заврши најдоцна за еден месец од почнувањето. Следните денови, наводно, ќе се бараат податоци од производителот на возилото околу бројот на сензорите и начинот на нивното функционирање.

„Се надеваме дека пред одморите ќе биде завршено вештачењето“, велат нашите извори од тимот експерти задолжени за вештачење на „туарегот“.

Адвокатот Мирослав Вуиќ, кој го застапува возачот на џипот Ѓорѓи Ѓорѓески, кого Обвинителството го смета за виновник за несреќата, вели додека не биде извршено вештачењето на возилото, ќе се воздржи од коментари.

„Знам дека во Хрватска не е водена истрага, а како ќе биде кај нас, тоа ќе видиме“, вели Вуиќ.

Самото вештачење, како што објави „Утрински“, ќе биде многу обемна работа, имајќи предвид дека истрагата е лошо водена од почетокот, а освен тоа на возилото му недостигаат сензорите, воздушните перничиња и едното тркало. Огромен пропуст е направен веднаш по несреќата, кога македонските надлежни институции не испратија свој тим додека се вршел увид на местото на трагедијата. Освен тоа, Македонија не ги побара од Хрватска сите доказни материјали од увидот на џипот, а овие елементарни пропусти ќе биде многу тешко да се исправат.

Судбината на џипот беше жежок костен за истражните органи, бидејќи со месеци не се знаеше што се случува со возилото. Поради тоа, се шпекулираше дека „туарегот“ тајно бил однесен кај производителот во Германија, односно дека се правеле опструкции воопшто да не дојде до вештачење.

Покрај тоа зошто не се отворија воздушните перничиња на возилото, јавноста шпекулираше и дали на автопатот во Славонија тоа утро имало магла, дали заспал возачот на џипот, дали и колкава е вината кај возачот на камионот во кој се заби „туарегот“...

Како што објавивме, според документите што ги доставија Хрватите во земјава, не се точни информациите дека камионот се движел лево-десно и навлегол во лентата по која се движел џипот. Напротив, трагите од кочењето на камионот, наводно, укажуваат дека тој се движел по права линија и веројатно, на задниот дел од камионот се потфатил�� тркалото од џипот, по што „туарегот“ нагло се свртел и со огромна брзина удрил во банкината.

Шоферот на камионот, белграѓанецот Славиша Кузмановиќ, во Скопје ќе дојде само ако Обвинителството го предложи за сведок во евентуалниот судски процес. Кузмановиќ во распитот пред српската полиција тврдеше дека „за миг забележал силна светлина од левата страна и здогледал како му се приближува возило со голема брзина. За неколку секунди почувствувал силен удар во левиот заден дел на камионот. Веднаш по судирот, го паркирал камионот.“

Покрај Кузмановиќ, сообраќајната несреќа ја преживеаја уште и возачот на џипот, Ѓорѓи Ѓорѓески, и менаџерката на Тоше, Лилјана Петровиќ. Нивното сведочење би можело да биде клучно во истрагата, но Петровиќ пред истражниот судија Велче Панчевски веќе се изјасни дека „спиела кога се случил судирот“.

Неколку дена претходно зборуваше и Ѓорѓески, кој на судијата за 4,5 часа и на седум страници му ги раскажувал деталите за несреќата. Што му кажал на Панчевски остана мистерија за јавноста. Неофицијално се зборуваше дека Ѓорѓески, наводно, потврдил дека го забележал камионот што се движел пред него, односно дека не спиел, а дека во моментот на судирот, брзината со која се движел „туарегот“ била многу помала од 171 километар на час.

Обвинителството во Скопје ги прифати хрватските докази и поведе кривична постапка против него поради сомневање дека возел со непрописна брзина и дека не бил доволно оддалечен од камионот пред него, во кој се удри. За тоа би можел да добие затворска казна во траење до пет години.

Кобната несреќа што ја зави во црно Македонија се случи на 16 октомври минатата година два километра од наплатната рампа кај Нова Градишка кога џипот „туарег“, управуван од Ѓорѓи Ѓорѓески, удри во камионот со приколка што се движел пред него, а потоа и во заштитната ограда на автопатот за на крајот да се преврти на коловозот.