Алфа ќе го додаде Пинк, новите газди скенираат

„Сега немам намера да заминам во друг медиум. Напротив, останувам да видам како ќе се одвива новиот концепт на телевизијата“, вели уредникот Кабранов

Светлана Унковска


Екипа на српската ТВ Пинк деновиве е постојано присутна во ТВ Алфа за целосно да ги скенира состојбите и вкупните капацитети на телевизијата. Откако сопствениците на двете телевизии, Жељко Митровиќ и Штерјо Наков, минатата недела постигнаа договор ТВ Пинк целосно да ја откупи ТВ Алфа, тимови на познатата српска телевизија забрзано работат не само на снимање на целокупните состојби во телевизијата туку и на подготовки за промена на програмската шема.

Иако договорот меѓу Митровиќ и Наков се' уште официјално не бил потпишан, извесно е дека програмата на скопската телевизија ќе се емитува до четврток, а од петок започнува емитувањето на новата програмска шема.

Неизвесно е кои од емисиите што досега се емитуваа на програма на Алфа ќе останат, но едно е сигурно, ќе ечи турбофолк со ѕвездите на „Гранд“.

Законот за радиодифузија не дозволува да се емитуваат емисии од странска продукција без да биде обезбеден превод, па затоа, пред да бидат пуштани на програма, претходно ќе мора да бидат титлувани.

Новото име на телевизијата ќе се избира меѓу „Алфа Пинк“ и „Алфа Македонија“, но се вели дека првата опција е многу поверојатна.

Новите сопственици засега тврделе дека не планираат отпуштања не само на новинарите туку и на сите што работат, бидејќи според она што досега го скенирале, нивните процени се дека телевизијата имала мал број вработени.

Со информациите дека ТВ Алфа е продадена, во јавноста протекоа шпекулации и дека ќе има големи промени во раководството. Во медиумските кулоари се зборува дека местото на програмскиот директор на телевизијата, Љубомир Николовски, ќе го преземел контроверзниот Боки 13. Но, тој од неделата влезе во реалното шоу „Фарма“ на ТВ Пинк каде беше пречекан со големо воодушевување. Неговото останување таму, како што е познато, зависи од гласовите што ќе ги добива, но иако бил во блиски релации со сопругата на сопственикот на Пинк, сепак, никој не сака да поверува дека тој би имал капацитет да застане на кормилото на телевизијата.

И за уредникот на Информативната програма, Ацо Кабранов, веднаш почнаа да кружат информации дека планира да си замине и дека веќе е во преговори со Велија Рамковски за негово повторно враќање, но овој пат во телевизијата А2. Тој вчера ги демантираше овие информации, иако, сепак, остава простор дека и таа опција останува отворена.

„Засега немам намера да заминам во друг медиум. Напротив, за мене ќе биде предизвик да останам и да видам како ќе се одвива новиот концепт на телевизијата. Но, не се знае како ќе се развиваат натаму работите. Ако не се најдам во овој нов концепт, секогаш останува можноста да заминам во друг медиум“, ни изјави Ацо Кабранов, главен и одговорен уредник на ТВ Алфа. Тој не сакаше да ги коментира шпекулациите дека на негово место се планира да дојде заменикот главен и одговорен уредник на „Вечер“, Ивона Талевска.

Новата програмска шема ги укинува последните вести во 22 часот, бидејќи терминот бил потребен за некоја од новите емисии. Со тоа телевизијата останува само со вестите во 17,30 часот, што се смета дека е неприфатливо толку рано информативно да се заокружи денот. Поради тоа, многу е веројатно уредниците да преговараат да добијат нов термин за последните вести.

Пинк инаку е позната комерцијална телевизија не само во Србија туку и во регионот, а сопственикот Митровиќ почна да се шири на бившите ЈУ-простори во почетокот на годинава кога откупи телевизија во Словенија.

„Утрински весник“ вчера се обиде, но не успеа да обезбеди коментар и од бизнисменот Штерјо Наков за тоа кои биле мотивите за продажба на телевизијата. Од тие причини непотврдени останаа шпекулациите што се шират во јавноста, а кои говорат дека сумата што тој ќе ја добиел за телевизијата ќе била доволна не само за да се покрие првичната инвестиција, како и загубите што ги продуцирала ТВ Алфа во изминативе години туку и дека ќе му останеле средства во вид на чиста заработка.


#