Со шарени маички во Собранието

Даниела Трпчевска

Мускулести момчиња во тесни бели маички и фармерки покрај првите луѓе во државата, обезбедување што шета во шарени блузи по собраниските холови, бодигарди облечени во лежерна варијанта, кои на влезната врата ги пречекуваат посетителите на резиденциите на државниот врв...

Ваквите сцени не се невообичаена практика, туку полека стануваат обичај во обезбедувањето на важните луѓе во државава. Се воведува некој нов дрес-код, кој не се совпаѓа со нивните работни задачи и одговорноста. Неунифицираната облека, на која нема никакви обележја дека станува збор за припадници на полицијата, често доведува до забуни и до несакани ситуации и инциденти. Пример за тоа е последниот случај во Собранието кога вооружени лица биле забележани како снимаат без да носат некакви ознаки на облеката дека се дел од тимот за обезбедување.

Овој крупен инцидент можеше да има уште пострашни последици, но и покрај силниот притисок на јавноста, надлежните се' уште не дадоа објаснување кој издал наредба припадници на полицијата во цивил да се ангажираат дополнително во Собранието и да ги снимаат пратениците за време на протестот на стечајците.

Надлежно за обезбедувањето на Собранието, Владата, министерствата, како и за политичарите од државниот врв е Министерството за внатрешни работи, односно Одделот за обезбедување лица и објекти, популарно познат како Шестта управа.

Одделот е составен од три сектори (за обезбедување личности, за превентивно обезбедување и за внатрешно обезбедување објекти), како и едно полициско одделение за сообраќајно и ескортно обезбедување. Лицата задолжени за обезбедување на парламентот и на другите витални објекти во државата, согласно со законот, одговараат пред министерот за внатрешни работи.

Но, според одредбите од Законот за Собрание, во однос на одржувањето на редот, се наведува дека лицата од посебната служба за одржување на редот во зградата на Собранието на истакнато место на облеката треба да носат обележје. Натаму се наведува дека носење оружје во собраниската зграда не е дозволено, освен за лицата овластени за одржување на редот.

По инцидентот пред три години кога вооружени партиски лица беа забележани во парламентарните ходници, при што физички беше нападнат новинарот Лирим Дулови, се отвори прашањето дали е доволно обезбеден законодавниот дом, кој се грижи за безбедноста на народните избраници и како е можно вооружени лица да поминат незабележано и да предизвикуваат инциденти.

По тепачката, дел од обезбедувањето беше казнето, дел прераспределени на нови работни места, а Собранието ги зајакна безбедносните проверки на врата. Лицата, пак, ангажирани за обезбедување на внатрешноста на Собранието почнаа да носат слични униформи во темносина или црна боја и лесно да се препознаваат.

Во последниот инцидент што изби пред неколку дена во Собранието, според снимките од камерите и направените фотографии, учествувале лица во цивилна облека, со светли или шарени маици, без никакви обележја дека се припадници на обезбедувањето.

„Припадниците на Шестата управа не се обврзани да носат ознаки на облеката, иако во одредени ситуации може да им биде испишано нивното име и презиме. Но, за сите нив постои задолжителен дрес-код што мора да го почитуваат. Тоа подразбира дека не смеат да носат шарена облека, туку кошула и темен костум за внатрешно обезбедување на објектите”, коментираат поранешни министри за внатрешни работи. Ваквите одредби од Законот не се совпаѓаат со член 43 од Законот за Собранието, согласно со кој обезбедувањето на својата облека мора да носи обележје на парламентот.

Според заменикот-министер за информирање во МВР, Иво Котевски, ирелевантно е тоа дали обезбедувањето носело ознаки или не на облеката. Според него, поважно е тоа што никој нема право да ги легитимира нивните припадници ниту, пак, да ги в��ече и да ги турка.

„Ако пратениците не го препознале припадникот на обезбедувањето, тоа не им дава право физички да се пресметуваат со него. Доколку забележале нешто сомнително, дека станува збор за лица што не се овластени или е направен пропуст, пратениците се должни да го пријават тоа. Но, не смеат да ги попречуваат службените лица во извршувањето на своите обврски“, вели Котевски.

Според Уредбата на МВР, донесена во септември 2007 година, сако, пантолони, елек, кошула и вратоврска е задолжителниот дрес-код за обезбедувањето на Собранието, Владата, министерствата, како и за бодигардите што се грижат за безбедноста на политичкиот врв. Во Уредбата е наведено дека цивилната облека на внатрешното обезбедување на личности и објекти се состои и од мантил, шал, ремен и слично во зависност од временските услови.

Иако законски не е предвидено, варијации во облеката се дозволени во зависност од ситуацијата, објаснуваат првите луѓе на обезбедувањето. Па така, кога ВИП-от одат на трки, садење дрвца, на лов или, пак, во посета на региони зафатени од природни непогоди, дрес-кодот на обезбедувањето се менува во зависност од пригодата и стилот на облекување на претседателот или премиерот. Сепак, препорачливи се темни нијанси на облека, па се преферираат маички во црна, тегет или сива варијанта.

„Првиот и вториот прстен, оние кои што се директно ангажирани околу безбедноста на ВИП-от секогаш треба да изгледаат спастрено и угледно. Останатите, кои, исто така, се ангажирани околу безбедноста, но се инфилтрирани меѓу народот при масовни собири или манифестации, се облекуваат што понеупадливо за да се стопат со масата”, објаснуваат извори од Шестата управа. (Д.Т.)


#