Дипломатите се во очај, но не и Груевски

Кога Македонците објавија дека планираат да стават статуа на Александар, многумина помислија дека станува збор за шега, пишува лондонски „Економист“

Западниот Балкан се движи чекор напред, два чекора назад, пишува угледниот лондонски „Економист” во најновото издание, пренесува порталот „Плусинфо“. Хрватска оди напред, добивајќи одобрение да стане 28. членка на Европската унија, најверојатно, кон средината на 2013 година. Но, состојбата е многу различна појужно. Македонија подигна гигантска бронзена статуа на Александар Македонски, потег што гарантира дека таа ќе ги изгуби своите пријатели и симпатиите, додека Албанија е заглавена во бесконечна политичка криза.

Годинава се одбележува 20-годишнината од македонската независност и почетокот на конфликтот со Грција. Грците велат дека самото име Македонија имплицира територијални претензии кон дел од Грција. Во најновата рунда од спорот, Грција го запре напредокот на Македонија кон НАТО и ЕУ. Во март Меѓународниот суд на правдата започна да заседава во случајот што Македонија го поведе против Грција околу НАТО, продолжува „Економист”.

Македонија доби многу симпатии за својата позиција. Па, кога Македонците објавија дека планираат да стават статуа на Александар во центарот на Скопје, многумина помислија дека станува збор за шега, за да се изнервираат Грците, кои го гледаат како централна фигура во својата историја и култура. Но, не стануваше збор за никаква шега. Излеани во Италија, деловите тукушто стигнаа – и статуата треба да биде поставена во следните две недели.

Претставниците на Европската унија се во очај. Но, не и Никола Груевски, македонскиот премиер. Тој си заврши добра работа со такви популистички гестови, без проблем победувајќи на парламентарните избори што се одржаа на 5 јуни. Но, дали сега може да го рестартира закочениот процес за зачленување во ЕУ, како најдобар начин да се создаде доверба и да се донесат странски инвестиции и нови работни места, прашува „Економист”, оставајќи го одговорот да виси во воздух, пренесува „Плусинфо“.


#