Искушенија на владите на Македонија и Хрватска
Хрватската демократска заедница (ХДЗ) е политички идол на македонската ВМРО-ДПМНЕ
Соња Крамарска
Ниту на партијата не и' кажа зошто замина. Со оваа констатација хрватските медиуми го заокружија петдневното турбо известување за политичкиот земјотрес во Загреб, предизвикан од ненадејното заминување на Иво Санадер и уште поненадејното устоличување на тронот на новата ѕвезда на балканското политички небо, Јадранка Косор.
И македонските медиуми се' уште бараат одговор на прашањето зошто замина вицепремиерот за европски интеграции и заменик-премиер. Одговорот го знае само елитна група политички функционери, вклучувајќи ги и премиерот Никола Груевски и, се разбира, подносителот на оставката Ивица Боцевски. Но, тие се спокојни по тоа прашање. Груевски експресно пронајде замена за Боцевски, а тој, пак, весело игра на свадба во Америка.
Хрватската демократска заедница (ХДЗ) е политички идол на македонската владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ. Двете партии важат за релативно нови на балканската политичка сцена, а ХДЗ е дури и една година постара од ВМРО-ДПМНЕ. Двете партии се кориснички на услугите на иста фондација - германската Конрад Аденауер, а премиерите и партиски лидери Никола Груевски и, до завчера, Иво Санадер имаа редовна телефонска комуникација. На состанокот на Европската народна партија одржан пред две седмици во Брисел, Груевски и Санадер, по којзнае кој пат, седнаа да ја продискутираат балканската ситуација и она што ги мачи двете земји: македонскиот спор со Грција и хрватскиот спор со Словенија.
Додека едниот велеше „не им даваме на Словенците ниту една педа хрватска земја“ (така Санадер го заврши својот проштален говор пред своите сопартијци минатата сабота), другиот прво велеше „не го даваме името“, а сега вели „ќе направиме компромис, но под наши услови“. Заеднички именител на Санадер и на Груевски е што и двајцата беа или се заложници на поддршката што Европа им ја дава на двете посилни страни во споровите: Грција и Словенија. Како резултат на тоа двете земји тапкаат во место, а нивните премиери не можат да се пофалат дека ја исполниле толку потребната европска агенда за нивните граѓани.
„Јутарњи лист“ ја информира хрватската јавност дека Санадер конкретизирал дека една од причините за оставката било да испрати порака до Европа, која отворено се ставила на страна на Словенија, блокирајќи го членството на Хрватска во ЕУ, додека спорот не биде решен. „Но, нема да добиете ниту еден сантиметар земја. И покрај вашата уценувачка политика Хрватска ќе влезе во ЕУ, а вие ќе морате да гласате за тоа“, порача Санадер кревајќи ја загрепската конгресна сала на нозе.
Во Македонија оставката на вицепремиерот Боцевски остави широко поле за шпекулации. Сепак, не и за такви мотиви - кои единствено можат да бидат логични во целата мистерија околу неговата неочекувана демисија. Заминувањето на Боцевски со политички јазик може да се објасни и како потег што му претходи на уште еден неуспех Македонија да добие датум за преговори, кој непристојно се пролонгира веќе четири години. Меѓутоа, само како уште една претпоставка затоа што ВМРО-ДПМНЕ и ХДЗ и во тој дел се слични - одбиваат да бидат одговорни пред своите граѓани. На тој начин двете партии слепо ја следат балканската политичка некултура.
Речиси во исто време, кога Санадер ги повлече последните потези на сценариото да ја постави Јадранка Косор за нов партиски лидер и премиер (нешто на што редовно се скандализира македонската провинцијална јавност, која преферира барем двајца тркачи за лидерска функција и партиска процедура), во Скопје Груевски лансираше нов вицепремиер.
За разлика од Косор, која е политички близнак на Санадер, новиот македонски вицепремиер Васко Наумовски нема ниту партиска легитимација од ВМРО-ДПМНЕ, туку доаѓа од научните кру��ови, кои сметаа дека претседателот Ѓорге Иванов не мора да го каже својот став за името се' додека не биде и формално инаугуриран на функцијата. Да ги слушаше американскиот претседател Обама советите на новиот македонски вицепремиер веројатно немаше да се истрча да го кажува својот став околу повлекувањето од Ирак уште за време на претседателската кампања.
Деновиве многумина се прашуваат дали двете оставки во Македонија и во Хрватска означуваат почеток на некакви нови процеси во регионов, кој е заглавен во меѓусоседски спорови, кои го блокираат вклучувањето во Европската унија. Новата хрватска премиерка Косор својот мандат го започна со порака до Словенците „то не бум ишло“ или во македонски превод „тоа нема да се случи“, алудирајќи на барањата на Европа Хрватска да попушти во спорот со Словенија.
Засега „то не бум ишло“ - е политичка реалност и во Македонија, бидејќи кликата околу премиерот Никола Груевски не покажува никакви знаци на вистинско расположение за завршување на спорот со Грција, иако формално се водат преговорите под покровителство на ОН. Балканот тешко се одлепува од национализмот - е единствениот логичен заклучок по овие два навидум одвоени настана на македонската и на хрватската политичка сцена. |