На Камениот мост вчера појадуваа над две илјади луѓе

На „Појадок на мост“ вчера се послужуваа парчиња пица, разни видови печива, сендвичи...

На штандовите поставени на Камениот мост на манифестацијата „Појадок на мост“, вчера се послужуваа парчиња пица, разни видови печива, сендвичи, кашкавал, сирење и сувомесни производи... и на крај тоа се заливаше со полни чаши сок. Иако беа пријавени околу две илјади граѓани, на мостот веројатно се најдоа двојно повеќе луѓе и покрај присуството на полицијата и униформираните градски редари. Појадокот започна навреме, точно во 9 часот, а веќе во 9,30 речиси заврши, бидејќи штандовите со храна бргу се испразнија. За пријатната атмосфера на присутните се погрижија ученици од Државното средно училиште „Илија Николовски – Луј“, улични свирачи, магионичари, куклари... Организатор беше Град Скопје, а настанот го поддржаа Занаетчиската комора на Скопје, општинските градоначалници и бројни спонзори, кои вчера дистрибуираа огромни количества храна. Дел од производите ги послужуваа учениците од Угостителското училиште „Лазар Танев“.

Градоначалникот Коце Трајановски им посака пријатен појадок на присутните на македонски, англиски и на албански јазик и изрази надеж дека настанот ќе стане традиција. „Со овој настан сакаме да придонесеме за повесели заеднички моменти без разлика на возраста и националноста“, рече Трајановски.

Додека дел од присутните уживаа во појадокот седејќи на масите што беа поставени од левата страна на мостот, други ги обиколуваа штандовите да соберат повеќе храна и полнеа торби и најлонски ќесиња. Имаше и такви што дошле дури од внатрешноста за да присуствуваат на манифестацијата. Мартин Најдовски, ученикот од „Лазар Танев“, само ни потврди дека скопјани уште во 9 часот навалиле и веднаш ги испразниле штандовите. Имало и такви кои веднаш почнале да полнат торби и учениците не можеле да се одбранат од нив. (Сн.К.)


#