Во „Сведмилк“ наголемо се правеле малверзации
Млекарницата за нецела година направила загуба од 10 милиони евра, што се наѕидува на долгот од 38,5 милиони евра
Александрија Стевковска
„Сведмилк“ бил параван за финансиски малверзации на претходното раководство и на дел од акционерите, со кои тие си ставиле во џеб милиони евра на штета на доверителите и на фармерите. Ова го покажува ревизорскиот извештај за млекарницата, изготвен од домашна ревизорска куќа, а нарачан од „Сведфонд“, кој поседуваше 27 отсто од акциите, откако шведскиот фонд се посомневал во работењето на останатите акционери на компанијата. Ревизорскиот извештај објавен во ноември минатата година го прикажува финансискиот криминал во млекарницата. Бројките покажуваат загуба од 10 милиони евра за нецела година, што се наѕидува на долгот на млекарницата од 38,5 милиони евра.
Со цел да зема кредити од банките, менаџментот ги „фризирал“ податоците, менувајќи ги сметководствените пресметки, за да прикажат загуби помали од направените. Под лупа на ревизорите се нашло работењето на сите акционери во млекарницата, кои со своето работење вештачки ја „дувале“ вредноста на фабриката, со цел да ја продадат на голем светски бренд од типот на „Данон“, кој, пак, не сакал да влезе во компанија со толку високи и нерасчистени долгови. Во меѓувреме се работело без да се плаќаат млекото на фармерите, амбалажата тетрапак и сите останати услуги. Парите од продаденото млеко биле чист ќар за акционерите, кои не успеаја да функционираат заедно ниту една година и кои поделбата на колачот пари ги раскара и предизвика испливување на сите проблеми во фабриката на површина. Во меѓувреме, „Сведмилк“ подигал кредити, произведувал млеко три пати повеќе од она што можело да се продаде, за на крај млекото да го истура во канализација.
Ревизорскиот извештај за „Сведмилк“, направен за периодот од декември 2007 заклучно со септември 2008, кој досега се криел од очите на јавноста, покажува дека фирмата дострибутер и акционер „МиА Бевериџ“ имала долг кон млекарницата тежок 1,14 милиони евра, направен со преземање 3 милиони и 750 илјади литри млеко што требало да ги продаде на странскиот пазар по цена од 40 центи за литар, иако млекото од сточарите било договорено да им се плаќа по 50 центи за литар. Наместо овие количини да се продадат надвор, дел од млекото било продадено на домашниот пазар, што креирало негативни последици за пазарната позиција на „Сведмилк“. И тука започнуваат најголемите проблеми, поради што препорака на ревизорот била млекарницата во најкусо време да го смени дистрибутерот. Во меѓувреме, менаџментот одобрил менување на сметководственото работење во фабриката, согласно со што се прекриле дел од загубите. Овој чекор, според ревизорот, дал магловита и погрешна презентација на финансиското работење на фабриката и погрешна претстава за сопствениците. Наспроти сите овие малверзации, во ревизорскиот извештај не се препорачува банкрот на фабриката, односно се посочува дека со нејзиното внатрешно преструктурирање таа ќе може да продолжи да работи и заработува.
Согласно со ставките во ревизорскиот извештај, може да се види дека фабриката и во време кога се градела имала регистрирано загуба од над 93 милиони денари, а во деветте месеци од минатата година загубата достигнала над 300 милиони денари, сума која млекарницата ја прикажала како загуба од 80 милиони денари. Намерата на менаџментот да го продаде „Сведмилк“ не се исполнила поради растот на апетитите на дел од акционерите за без пари да ја добијат млекарницата.
Тоа претставуваше иницијална каписла за сите проблеми да се исфрлат на површина и да се дојде до оваа ситуација во која се наоѓа сега млекарницата, со нов газда, се' уште блокирани банкарски сметки и долгувања кон фармерите. Тие, пак, се' уште ги чекаат своите пари.
Дали овој ревизорски извештај ќе биде повод за надлежните органи да поведат истрага во случајот „Сведмилк“, останува да се види во наредниот период.
Инаку, пелагониските кооперанти на шведската млекарница вчера продолжија со протестите. Во писмениот допис до медиумите велат дека проблемот со исплатата на млекото ги надмина сите граници, поради што донеле одлука од денес да почнат со серија протести, се' до решавање на нивниот спор. „Пари нема, но протести ќе има, и тоа жестоки. Од 13 часот до 15 часот ќе излеземе на штрајк пред вратите на градоначалникот Талески. Така одлучивме зашто нема крај на лагите на новиот сопственик на млекарницата, ама и на владините министри. На крај сме со нервите“, изјавија вчера фармерите од Битола, откако по којзнае кој пат се соочија со празните банкарски сметки. Стојан Кулевски потврди дека вчерашниот протест е уредно најавен во полиција, а одлуката да се излезе на штрајк пред локалната самоуправа во Битола била одлука на сите фармери. Од ваквата најава единствено можеле да се откажат само доколку се уверат лично дека парите за млекото конечно стасале на нивните сметки.
Фармерите уште еднаш се пожалија дека без пари нивната финансиска ситуација од ден на ден им го загорчува животот. Каматите што треба да им ги платат на банките достигнале и по неколку илјади евра. „На банката и' должам околу 3 илјади евра само за камати за поседните 7 месеци. И да земам сега пари за млекото, нема да ми стасаат да си ги израмнам сметките со банката, а камоли за живејачка“, се пожали фармерот Трајан Илиоски. Фармерите побаруваат три и пол милиони евра за предаденото млеко во последните 7 месеци. (А.С.-А.Б.)
|