Си прави ли Гошев пат за враќање во политиката?

Три опции за гувернерот во заминување: амбасада, апанажа или повторно во ЛДП

Александра М. Митевска


Во мај следната година му завршува мандатот на Петар Гошев, гувернерот на Народна банка на Македонија, кој дојде на оваа функција со најдебело политичко портфолио, во споредба со неговите претходници. Како што наближува датумот кога Гошев треба да ја напушти гувернерската фотелја, така се засилуваат лицитациите каде политичкиот ветеран ќе ја продолжи кариерата. На ова прашање се обидовме да добиеме коментар од самиот Гошев, но тој не одговори на телефонските повици.

Дали актуелниот гувернер, по завршувањето на мандатот, ќе помине една година на апанажа, за потоа да замине во пензија или, пак, можеби ќе и' се врати на политиката? Тоа се двете опции што моментно се чинат најверојатни, иако во некои комбинаторики Гошев се спомнува и како иден амбасадор. Сепак, неговото евентуално заминување во дипломатијата би требало да го аминуваат актуелните претседател и Влада, односно речиси истата онаа гарнитура (со исклучок на ДУИ) што во 2004 година не го поддржа неговиот избор за гувернер во Собранието, на предлог на поранешниот шеф на државата, Бранко Црвенковски, кој тогаш само што беше избран на функцијата. Но, во изминатите повеќе од четири години Гошев немаше друг избор освен да соработува со новите креатори на финансиската политика, министрите на ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Славески и Зоран Ставрески.

Не помалку комплицирана се чини и можноста за враќање на Гошев во политиката, ако се има предвид неговиот последен политички ангажман, како министер за финансии од редовите на ЛДП, а во Владата на СДСМ формирана по изборите во 2002 година. Кон крајот на 2003 година на Гошев и Црвенковски им се разминаа патиштата, откако министерот за финансии беше сменет во првата владина реконструкција. Но, тогаш Гошев се размина и со дел од своите најблиски соработници во ЛДП, партијата чиј лидер беше до 1999 година, за потоа да му го препушти кормилото на тогашниот скопски градоначалник Ристо Пенов.

Иако поради гувернерската функција политички се пасивизираше, Гошев формално и натаму е член на ЛДП, и покрај тоа што, според партиски извори, подолго од седум години речиси воопшто не комуницира со сопартијците што се согласија со неговата смена од министерската позиција.

Сепак, според наши информации, тој веќе подолго време одржувал контакти со актуелниот лидер на либералдемократите, Јован Манасиевски, со кого, наводно, последен пат се сретнале пред неколку дена во еден скопски ресторан, каде што друштво им правеле и некои од новите членови на партиското раководство. Но, засега не може да се каже дали една ваква неформална средба би можело да биде сигнал дека се прави простор за враќање на Гошев во ЛДП, по неговото заминување од гувернерската позиција, или една година пред редовниот термин за парламентарни избори?

За овие шест и пол години, додека Гошев ја извршуваше функцијата гувернер, драстично се сменија околностите на политичката сцена, па, во меѓувреме, се распадна и долгогодишната коалиција меѓу СДСМ и ЛДП, а дел од либералдемократите преминаа во социјалдемократското јато. Но, нереално е Гошев да биде дел од тие трансфери, ако не за друго, тогаш барем затоа што тој не му припаѓаше на т.н. либерално крило во ЛДП, туку беше основач на Демократската партија што подоцна се спои со Либералната.


#