18.09.2012, 14:04

Честитка за Пандев и од Мурињо



Играта на напаѓачот на Наполи против Парма и понатаму топ-тема во Италија

Не престануваат комплиментите за извонредниот настап на Горан Пандев за Наполи во неделниот натпревар од Серија А со Парма, а еден од тие што му честита на македонскиот напаѓач беше и неговиот поранешен тренер во Интер, Жозе Мурињо.

„Среќен сум за тебе. Продолжи вака. Го најде вистинското место“, стои во СМС-пораката што португалскиот стручњак на клупата на Реал Мадрид му ја испратил на најдобриот македонски фудбалер.

Ова не е првпат Мурињо, по чиј налог Интер пред две години го ангажира Пандев, да му честита на популарниот Гоче за прикажаната игра. Двајцата продолжија да контактираат и по заминувањето на Португалецот во Мадрид и на Македонецот во Неапол, а остварија средба и неодамна во хотелот „Риџент еспланада“ во Загреб, каде што Мурињо дојде да го проследи натпреварот од мундијалските квалификации меѓу Хрватска и Македонија.



Но, фанови на Пандев не се само „господин Посебен“ и тренерот на Наполи, Валтер Мацари, кој изјави дека тој е „совршен фудбалер“. За играта на струмичанецот против Парма, кога погоди во 39 минута, асистира за третиот гол и врз него беше скривен пеналот за почетно водство, вчера доаѓаа пофалби од цела Италија.

„За мене ова не е изненадување, бидејќи Пандев е голем напаѓач и со него на теренот Наполи е поизбалансиран, а играта му е помалку ризична и добива на уште поголема брзина. Кога тој игра, знае да ги измеша противничките редови, добро асистира и шутира кон голот, а си ги врати и физичката подготвеност и мотивацијата што го направија фактор во Интер од времето на Мурињо. Тој е во состојба да направи разлика на теренот“, смета Франко Коломба, тренер на Парма во минатата сезона.

„Пандев како играч не е откритие сега, бидејќи блескаше и во Интер и претходно во Лацио. Сезонава е уште подобар благодарение на подготвеноста, за која се заслужни клупските лекари и тренери, а кога тој е подготвен, тогаш и мотивацијата му е поголема“, забележува поранешниот директор на фудбалската репрезентација на Италија, Антонио ди Џенаро, кој има и Скудето со Верона. „По продажбата на Левеци тој се промовира во лидер на екипата, која со него е похомогена. Освен тоа, Лавеци беше продаден за 30 милиони евра, а Пандев доведен за 7,5 милиони, па од економска гледна точка неговата вредност е уште поголема. Лавеци ги пробиваше одбраните, а Пандев е поурамнотежен и покрај него стана уште подобар играч дури и Хамшик. Наполи сега е вистинскиот ривал на јувентус за титулата“.

Некогашниот „бомбардер“ на Наполи и на „аѕурите“, Џузепе Саволди, му прогнозира на Пандев повеќе асистенции и голови од Лавеци.

„Тој е конкретен напаѓач со големо искуство и има клучна улога во овој состав на Наполи. Лавец беше различен тип на играч, кој брзо се уфрлуваше, а Пандев игра со голема леснотија“, вели Саволди.

Ни крилото на наполи во 1970-тите, Оскар Дамјано, не штеди пофалби за капитенот на репрезентацијата на Македонија.

„Наполи со Пандев по заминувањето на Лавеци не само што не загуби ништо, туку и доби 30 милиони, па од финансиски аспект неговиот ангажман целосно се исплатеше. Тој покажа и во минатото дека е класа играч, кој може да игра и за себе и за тимот. Знае да постигнува голови, што го прави извонреден играч и многу битен за шампионските амбиции на Наполи. Физички е добро подготвен, секогаш го покажува својот талент и неговата одлична психофизичка состојба му овозможува извонредни настапи“. (Р.Д.)