Работнички го израмни својот рекорд во Европа
„Романтичарите“ го совладаа Луситанос во Андора со 6:0, победа идентична на таа против Сконто во 2004 година
Фудбалерите на Работнички го израмнија клупскиот рекорд, но и рекордот на македонските екипи во европските фудбалски купови, кога се победите во прашање. Во реваншот со Луситанос, во Ла Вела, славеа со 6:0 (со идентичен резултат пред 6 години генерацијата „романтичари“ го декласира Сконто) и со вкупни 11:0 (5:0 беше во Скопје) се пласираа во второто квалификациско коло за Лига Европа и веќе во четврток во Скопје ќе ги одиграат првите 90 минути од двомечот со ерменска МИКА.
Хет-трик на стадионот во Андора со славно име, „Комунале“, постигна Фабио Силва (33, 42 и 54 минута), двапати во листата на стрелци се впиша Вандеир (25 и 68 минута), еднаш тоа му успеа и на Глигоров (71 минута).
Луситанос - Работнички 0:6
Полувреме: 0:3. Стадион: „Комунале“ во Ла Вела, Андора. Гледачи: 300. Главен судија: Клејтон Писани. Помошници: Филип Агиус и Алан Камилери (сите тројца од Малта). Жолти картони: Ернандез, Пешото (Луситанос) - Секуловски, Фернандо (Работнички). Стрелци: Вандеир во 25 и 68 минута, Фабио Силва во 33, 42 и 54 минута, Глигоров во 71 минута за Работнички.
Луситанос: Бенитез, Гуихо, Ескалеира, Франко (Родригез), Де Брито, Пињеиро, Переира, Креспо (Де Фреитас), Гарвет (Леитао), Пешото, Антуњес. Тренер: Висенс Маркез.
Работнички: Богатинов, Секуловски (Адем), Бојовиќ, Димовски (Тодоровски), Фернандо, Туневски, Муарем, Фабио Силва (Петковски), Зе Карлос, Глигоров, Вандеир. Тренер: Зоран Стратев. (С.Д.) |