Вести од ЕП 2008

Виеира тренира, ќе биде подготвен за мечот со Холандија

Капитенот на француската репрезентација Патрик Виеира многу побрзо од очекуваното успеа да ја санира повредата на бутниот мускул и веднаш почна да тренира со соиграчите. Виеира се повреди на тренингот во пресрет на мечот со Еквадор и првичните прогнози беа дека нема да може да учествува на ЕП 2008. Мускулот го мачеше овој играч во текот на целото првенство, и селекторот на Франција реши како алтернатива за капитенот на подготовките да го повика Метју Фламини. Според последните најави Виеира ќе го пропушти дуелот со Романија, меѓутоа два дена подоцна најверојатно ќе се појави на мечот против Холандија.

Казни за Австријците Линц и Штранцл

Селекторот на Австрија Јосеф Хикерсбергер, поради каснење на тимскиот состанок реши парично да ги казни двајцата негови фудбалери, Роландо Линц и Мартин Штранцл, објавија вчера медиумите во Виена. Австриските медиуми јавуваат дека во нивниот национален тим селекторот Хикерсбергер се соочува со навистина сериозни проблеми сврзани со недисциплината во тимот. „Играчите беа казнети заради помали прекршувања на тимската дисциплина, меѓутоа ситуацијата воопшто не е драматична. Со овие казни селекторот сака да им даде пример и на останатите фудбалери во пресрет на почетокот на вистинските искушенија“, соопшти Андреас Херцог првиот помошник на Хикерсбергер.

Снајдер го напушти тренингот

Офанзивниот фудбалер од средниот ред Весли Снајдер му донесе дополнителни грижи на холандскиот селектор Марко ван Бастен во пресрет на понеделничкиот меч против силниот состав на Италија. Имено, на тренингот во четвртокот Снајдер поради повреда на зглобот, (по судирот со Роби ван Перси), мораше пред време да го напушти тренингот на холанѓаните. Сепак, репрезентативниот лекар на Холандија кој веднаш го прегледа Снајдер изјави дека повредата не е баш така сериозна и очекува дека овој играч ќе биде комплетно подготвен за понеделничкиот меч.