22.05.2012, 18:52

Мислења

Во Чикаго полошо отколку во Букурешт

Нано Ружин

Патот на РМ кон Алијансата беше ширум отворен. Меѓутоа непотребните проекти ги заострија односите со јужниот сосед

Премиерот Груевски имаше право кога замина во Кина наместо на Самитот на НАТО. Тој не поднесува порази и неуспеси. По објавувањето на резултатите од испитувањето на јавното мислење на нашата најреномирана агенција Рејтинг, според која опозицијата почна да му дише во врат,чикашките патрдии само ќе му ја зголемеа депресијата и нервозата.Сепак по враќањето од Далечниот Исток како ништо да не научил од трпеливите Кинези. Распали и по НАТО и по Грците и по Иванов и по МНР. Можеби со кафеанската искреност и патетика повторно настојува да ја создаде пост-букурешката национална еуфорија за НАТО-грчките неправди кон Македонија.

За оние што живеат со оваа проблематика, од Самитот во Чикаго не се очекуваше покана и покрај позитивната одлука на Судот за човекови права во полза на Р.Македонија. Затоа таквата реакција на премиерот е неочекувана и изненадувачка. Белким не очекуваше дека ќе добиеме покана во Чикаго. Како да заборава дека е тој главниот виновник за влошувањето на односите со Грција кои во 2005 година немаа ништо против да добиеме покана под референцата.Потоа го смени името на аеродромот Петровец и покрај противењето на американските сојузници.По Самитот во Букурешт наместо да работи на компромисното решение како што му вети на Џорџ Буш, ја засили реториката и популизмот против Грција и почна да ни' ја кити државата со александровци, букефаловци и антички имиња. По повод можниот референдум за името изјави дека тој би гласал против, го набилда јавното мислење против секое компромисно решение и врз таа стратегија ги доби и изборите во 2008, 2009 и 2011 година.

Со истата приказна сака да го оправда и сегашниот антинатовски настап. Добар рецепт, за да се заборави опаѓањето на рејтингот. Од 2008 година негова стратегија се покажа погубна за нашите евро-атлански аспирации. На Самитот во Прага 2002 година бевме рамо до рамо со тогашните аспиранти во НАТО, Бугарија, Романија,трите Балтички држави,Словенија и Словачка. Македонија само што излегуваше од кризата но котираше далеку пред Албанија и Хрватска и се сметаше за сигурен кандидат за членство. Црна Гора се' уште беше во состав на СР Југославија, БиХ ги лечеше траумите од војната а Грузија никој не ја споменуваше како можен аспирант. Во 2004 година за време на Самитот во Истанбул веќе една година функционираше неформалната група на Јадранската повелба потпишана меѓу министерствата за надворешни работи на САД, Македонија, Хрватска и Албанија.Ова е време кога Македонија беше лидер во евро-атланските интеграции во Западен Балкан.

Во 2006 година се одржа Самитот во Летонија, но тоа не беше Самит на проширување. „Можеби вие сте подготвени за НАТО но НАТО не е подготвен за вас“, беше коментарот на амбасадорот на САД во НАТО Викторија Њуланд. Ова беа години кога Македонија беше признаена од страна на САД и Канада под уставното име. Нашите безбедносни сили во Ирак и Авганистан успешно ги извршуваа мировните мисии а Македонија, и според зборовите на тогашниот генерален секретар Шефер Македонија еволуираше „од увозник во извозник на безбедноста“. На средбата на тогашниот македонски премиер Бучковски со грчкиот премиер Караманлис, последниов му се закани. „Не се надевајте дека во НАТО ќе влезете под уставното име, туку само под референцата БЈРМ“.

Патот на РМ кон Алијансата беше ширум отворен. Меѓутоа токму непотребните проекти околу промената на името на аеродромот Петровец и тврдоглавоста на Груевски цврсто да остане на таа одлука ги заострија односите со јужниот сосед кој во Букурешт се повика на консензусот но и на солидарноста со франко-германската оска која се засили со враќањето на Париз во интегрираната вое��а команда на НАТО. За администрацијата на ослабениот американски претседател во заминување Буш, беше позначајна пронајдената солидарност со ЕУ околу Авганистан и НАТО, отколку поканата на РМ .

Прашањето за повлекувањето од Авганистан е сврзано со најмалку две дилеми и тоа: финансирањето на 228.000 припадници на авганистанските безбедносни сили за кои се потребни 4,1 милијарда долари, и преземањето на безбедносната палка од страна на овие сили во 2014 година од НАТО. Во однос на првата дилема, сојузниците истакнаа дека повеќе нема да трансферираат средства без контрола на нивното трошење. Координираното повлекување од Авганистан е сериозен проблем за Расмусен кој истакна. „Отидовме заедно и ќе се повлечеме заедно“. Меѓутоа Франсоа Оланд веќе најави дека француските сили ќе се повлечат во текот на 2012 година. „За моите ветувања кон гласачите го потсетив и Обама“, истакна Оланд.Во однос на интелигентната одбрана, согласно Политичката декларација, 28-те ќе се ангажираат за порационално расподелување на воените инвестиции при купувањето заеднички материјал одржување на критичките капацитети на НАТО а се предлагаат и 25 проекти за малите држави од вежбовни, медицински, патролни и други активности.

Следното горливо прашање е антиракетниот штит, предложен од страна на САД и прифатен на Самитот во Лисабон 2010 година, за заштита на Европа од евентуалните ракетни напади на Иран. И овој проект не е јасно дефиниран освен што се предлага првата фаза да биде под целосна американска контрола од воената база во Рамстеин(Германија), воспоставување радар во Турција, една фрегата во Средоземјето и дефинирање на други детали. Конечно тука е и Русија, чие намерно отсуство од Чикаго, предизвика дебати околу оправданоста на скапиот штит.Парите на Алијансата се сериозен хендикеп.Буџетот од 600 милиони евра не е доволен за да ги покрие 9-те милијарди предвидени за проекти.Алијансата до 2014 година ќе го редуцира бројот на вработените од 13 на 9000 натократи.

Кога кон овие главоболки на генсек Расмусен го додадеме и маргинализираното прашања за проширувањето, навистина, Алијансата во времето на кризата е соочена со море проблеми.Чикаго повторно ја охрабри Македонија да изнајде општоприфатлива солуција со јужниот сосед и тоа е се'. Изгледа дека со актуелната политичка гарнитура на РМ е тешко да се очекува покана за членство во НАТО.Инаку како да се прифати фактот дека во Чикаго друштво ни' прават БиХ, Грузија и Црна Гора кои во 2005-та не постоеја на агендата или љубоморно гледаа на нашиот евро-атлански од? Тоа е уште еден индикатор за неуспешната атланска политика на Груевски. Тој во карлшмитовски стил ги исплеска сите и среќа е што не им нареди на плашливите Иванов и Поповски да го бојкотираат самитот.Тие не се виновни што присуствуваа на точката Авганистан со оглед дека РМ има мисија во Кабул. Воедно кредибилитет за присуството можат да го црпат и од високото пронатовско расположение на граѓаните. Затоа на Груевски ќе му порачаме: „Премиере претеравте“. Не слушајте советници со политичка миопија и со застарени идеи. Државникот се разликува од обичниот народ.Бранете современи вредности а не митови, инаети и фрустрации..

(Авторот е универзитетски професор и член на ЛДП)

Наш став



Објавувањето колумни и мислења од надворешни автори е одраз на намерата на „Утрински весник“ да биде влијателен глас на заедницата. Но, напоменуваме дека не се согласуваме секогаш со ставовите што ги изнесуваат нашите колумнисти, особено кога станува збор за лични дисквалификации, етикетирања без основа и извртување на контексти со цел да се наштети на други личности од која било сфера. „Утрински весник“ се оградува од таквиот речник и конотации и ги смета за непримерни во јавната комуникација.