Што не сака Груевски да знаат гласачите

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вешто ги одбегнува темите кои можат да го загрозат на изборите

Соња Крамарска

Груевски со своите коалициски партнери не одмина ниту еден град или село во грандиозната изборна кампања што ја лансираше со цел својата партија ВМРО-ДПМНЕ да ја доведе во апсолутно водство над опозициската СДСМ. Неговите главни пораки се упатени до пензионерите, земјоделците, сегашните и идни генерации ученици, вработените во државната и во јавната администрација и до ситните бизнисмени.

Шефот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер во овој преоден период, додека земјава да добие нова влада, говори за розовата иднина на луѓето што обработуваат ниви, за високите плати и пензии и подобрувањето на образованието. Меѓутоа, има и прашања кои Груевски воопшто не ги споменува во своите жестоки говори на митинзите, а се многу важни за иднината на оваа земја и за граѓаните кои живеат во неа.

Што не сака Груевски да знаат гласачите, затоа што, ако знаат, тешко ќе поверуваат дека државата веднаш ќе заблеска штом ВМРО-ДПМНЕ повторно ќе ја освои власта?

Невработеноста, која изнесува 357 илјади од вкупно 2 милиона население и која е горлив проблем на нашата земја, нема да може ниту да се ублажи, а камоли да се реши додека Македонија не стане членка на НАТО и не почне преговори за членство во ЕУ. Бугарија, која од 2007 година е членка на ЕУ, бележи рапиден економски раст во последните години, невработеноста од 17 проценти во средината на 1990-тите падна на 10 проценти во 2007 година, а предвидувањата се дека оваа година ќе падне на рекордно ниското ниво од 6,5 проценти.

Од друга страна, Груевски веќе сосема малку говори за проблемите околу добивањето покана за Македонија од НАТО, а речиси ниту еднаш не се осврна на терминот 9 јули, до кога на нашата земја и' беше даден рок да го реши проблемот со името за да може да ги почне пристапните разговори за членство во НАТО заедно со Хрватска и со Албанија.

Груевски во неколку наврати на митинзите ги цитира и американскиот претседател Џорџ Буш и државниот секретар Кондолиза Рајс дека земјава ги исполнила сите реформи неопходни за зачленувањето во НАТО. Но, свесно одбива да се наврати и на препораките од Буш и од Рајс дека следниот чекор што треба да го направи македонската Влада за да биде одмрзната поканата за НАТО и да добие датум за преговори со ЕУ е да постигне компромис за името со Грција.

Говорејќи за добивање датум за почнување преговори со ЕУ што Брисел го навестува за крајот на годинава, Груевски додава и дека „најверојатно Грција ќе прави проблеми за името и во ЕУ“. Со тоа премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ свесно или несвесно открива дека нема намера да ја отстрани единствената пречка за евроатлантското интегрирање на земјава - нерешениот спор со Грција.

Предизвикувајќи експлозија од патриотски емоции на митинзите околу прашањето за името, премиерот го игнорира и фактот дека до крајот на минатата година, според јавни податоци, 60 илјади македонски државјани свесно се изјасниле како „Бугари“, со цел да добијат бугарски пасош што им ги отвора вратите кон Европа.

Барањата бугарски пасоши од страна на македонски државјани се во постојан пораст и се закануваат да му нанесат голема штета на македонското национално ткиво.

Влошената меѓународна позиција на земјава по недобивањето на поканата во Букурешт воопшто не е тема на митинзите на партијата, за која анкетите велат дека најверојатно ќе управува со земјата и во наредните четири години. Сестринските партии организирани во Европската народна партија станаа дел од изборната кампања на ВМРО-ДПМНЕ, а пораката што ја пренесе меѓу другите и претседателот на европската десница е дека ВМРО-ДПМНЕ и Груевски се добри за иднината на нашата земја.

Но, она што не се соопштува е дека, иако Европската народна партија е најголема парламентарна група во Европскиот парламент со 288 места од вкупно 785 (европските социјалисти имаат 213), а десницата е практично секаде на власт во Европа, освен во Велика Британија и Шпанија, тоа не и' помогна на Македонија во спорот со Грција. Напротив, одлучувањето со консензус, како и во случајот со НАТО, може да ги минира во Брисел европските аспирации на земјава.

Не економски план постојат многу предупредувања кои допрва ќе добиваат на гласност дека Владата со прекумерното трошење на овие избори се јавила како директен поттикнувач на двоцифрената инфлација која сега достигна до 10 проценти и е со тенденција за натамошен раст.

Експерти што сакаат да останат анонимни велат дека со таков неповолен економски тренд земјава до крајот на годинава ќе се соочи или со неминовна девалвација на денарот, што во превод значи поскапување на еврото, или пак ќе дојде до драматично трошење на девизните резерви со цел да се зачува сегашното ниво на вредност на денарот.

Лидерите вообичаено имаат добро осмислени пораки со кои ги бомбардираат гласачите, со цел да ја освојат нивната доверба. Лошите работи не се кажуваат за време на изборната кампања. Тие доаѓаат по изборите.